понеделник, јануари 20, 2025
домаНасловнаЗа работниците посебни дозволи за време на построгиот полициски час

За работниците посебни дозволи за време на построгиот полициски час

Економските оператори што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно забраната и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и до сега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец, одлучи Владата.

Производствените погони, фабрики и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час којшто од утре 8 април почнува од 16:00 часот и ќе трае до 5:00 часот следното утро секој работен ден, како и за време на викенд (од петок од 16:00 часот до понеделник до 5:00 часот).

За оваа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Ве информираме дека станува збор за истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата.

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата при контрола ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.

Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје.

Компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час треба да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19, порачуваат од Владата.

Инспекциските служби ќе го следат почитувањето на препораките:

– Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до2м.

– Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.

– За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена.

– Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).

– Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.

– Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.

– Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.

– Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).

– Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.

– Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.

– Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на мејл. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ