Низа прекршоци биле регистрирани во постапувањето за тестирањето за коронавирус на општинскиот кризен штаб во Куманово, според наодот на Државниот санитен и здравствен инспекторат кој го соопшти директорката на ДЗСИ, Иринка Сотирова Бухова на заедничката прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче.
Како што наведе таа, направени се два инспекциски надзори и утврдено е дека се направени два прекршоци.
-Првиот инспекциски надзор е извршен на 17 април во Центарот за јавно здравје во Куманово. Првото тестирање било извршено на 26 март на лица од Кризениот штаб. Тестирани биле 28 лица и биле добиени 28 негативни резултати. На 12 април биле земени 38 бриса, од кои пет биле позитивни, по што биле издадени решенија за 37 контакти. Тука се утврдени недостатоци, односно и првото и второто тестирање се без спроведена епидимиолошка анкета. Земени се како скрининг, по одлука на епидемиологот, што е прекршување, бидејќи не е со дозвола на министер, рече Бухова.
Вториот прекршок како што посочи таа е во процедурата за земање на брисеви.
-Брисевите се земени во просториите во Општина Куманово, што е сосема спротивно на протоколите. Морало да биде во просториите на Центарот на јавното здравје, појасни Бухова.
Вториот инспециски надзор пак, пред два дена бил во повеќе институции- Центарот за јавно здравје, Службата за итна медицинска помош во Здравствен дом во Куманово, матичните лекари на пациентите, и во трите лабаратории во Скопје, каде се вршеле тестирањата.
-Во службата за Итна Помош имало пропусти при евиденцијата. Во општа болница Куманово М.Д. (градоначалникот Максим Димитриевски) и уште едно лице, биле заведени како итни случаи, и даден итен упат за инфективната болница во Скопје. Лицето не е појавено на преглед – посочи Бухова.
Лицата биле упатени на домашно лекување, но не постапиле соодветно, појасни таа.
-Лицата за кои на 16 април е издадено решение за домашно лекување, не постапиле по решението, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност. рече директорка на ДСЗИ Сотирова Бухова, појаснувајќи дека тие сеуште не се евидентирани како излечени бидејќи треба да се запазат протоколи за дополнителни тестирања, 14 дена по констатирање на вирусот.
Димитриески по негативните тестови во приватна клиника, бараше да му се укине решението за самоизолацијата кое го доби заедно со сите негови контакти – премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми кои се исто така во самоизолација од 16 април, по посетата на Кризниот штаб во Куманово.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата соопшти дека голем дел од граѓаните не ги почитуваат мерките и не носат заштитна прекривка на носот и устата деновиве, па ќе предложи до Владата од оваа недела наместо опомени да се применуваат казните за неносење лична заштита (маска, марама, шал преку устата и носот), наместо да се чека до Први мај, како што беше најавено. Во следните денови, рече тој, ќе се анализира состојбата и соодветно на неа ќе се донесе одлука за забраната за движење за време на првомајските празници. Предвидената казна за неносење на маска, марама или шал, на јавно место изнесува 20 евра, а 2.000 евра е казната за компаниите кои нема да им обезбедат заштитни маски на своите вработени.
Во врска со можноста за избори, Филипче соопшти дека од почеток на епидемијата на коронавирусот не се дискутира за одржување на избори бидејќи, како што рече, ситуацијата засега не е променета од онаа кога беше прогласена пандемија и не се размислува за организирање на каков било масовен настан, како што се избори.А.Р.