Во пресрет на најавената одлука на владата како ќе се одвива наставата во училиштата од 1ви септември и во недостаток на протоколи на помалку од еден месец на почеток на новата учебна година, родителите се организираат и бараат онлајн настава. Во моментов има повеќе групи на родители кои сите со свои ставови бараат наставата да биде онлајн или во најмала рака родителите сами да одлучат дали нивните деца ќе посетуваат редовна настава или настава на далечинско.
Последното од многуте барања кои се испраќаат до МОН и Комисијата за заразни болести бараат учебната година да се реализира во неколку можни облици:
1. Онлајн настава за сите во кризните жаришта, вклучувајќи онлајн настава за децата од 1-во до 5-то одделение;
2. Во места каде нема заболени или има незначителен број, наставата да се одвива во училиштата со физичко присуство;
3. Еден родител на децата под 10-годишна возраст да биде ослободен од работните обврски, имајќи ја во предвид возраста на децата и неможноста за самостојно престојување дома, посебно сега кога нема да има целодневна настава. Ова посебно треба да биде овозможено за ранливите групи (хронично болни, родители на деца со посебни потреби, еднородителски семејства и сл.);
4. Како алатка за онлајн настава, која согласно искуството во изминатиот период дала најпозитивни критики е предложена Microsoft teams, која што може комплетно да одговори на видео конференциско предавање. Истата алатка се користи во светот во сите реномирани образовни институции. Со скратена настава и точно дефиниран распоред погоренаведеното е остварливо.
Петицијата може да се потпише ТУКА!
Во недостаток на соодветна информација, родителите се организираат, а по социјалните мрежи се повредни и поагилни друи и од оние кои треба да ги постават протоколите и да донесат конечна одлука за (не)отворањето на градинките и училиштата.
Епидемиологот Данаиловски вчера објасни што ќе значи отворањето на градинките и училиштата, а тоа влијае веројатно и на тоа кој ја превзема одговорноста за сето тоа. Но, не е јасно дали државата, односно донесувачите на одлуката за отворањето на училиштата ќе ја превземат одговорноста за евентуалното ширење на заразата.
Родителите поставуваат многу прашања до ресорното министерство, но во недостаток на одгвори, ТЕХТ.МК јавно им ги поставува следниве прашања поставени од родителите:
1. Доколку децата тргнат во училиште и има бар едно разболено дете, дали сите ке одат во карантин?
2. Доколку сите одат во карантин, дали и родителите ќе одат во карантин?
3. Доколку родителите мораат во карантин, дали ќе се смета тоа за боледување?
4. Дали, за боледување поврзано со Ковид-19 ќе се крати 30% од плата до две недели и 10% ако е подолго?
5. Дали доколку родителите имаат две или повеќе деца, кај кои е утврден ризик во различен временски период и истите мораат два или повеќе пати да одат во карантин, дали ќе им се гарантира работното место?
6. Дали при хоспитализација, мајката ќе мора да плаќа 800 денари од ден за престој со своето дете и на чив товар ќе биде тоа?
7. Дали ќе им бидат загарантирани работните места на родителите ако треба да одат во излоција неколку пати?
8. Како ќе им се надокнади наставата на децата ако треба да одат во карантин неколку пати во текот на учебната година? Како децата ако се разболат ќе продолжат со школување.
9. Ако децата не тргнат во училиште, дали ќе се продолжат мерките и како ќе им се гарантира на родителите дека нема да ги изгубат работните места, имајќи ги во предвид скандалите што ги водовме до сега?
10. Дали ќе има целодневна настава и што со децата ако нема, односно која е поентата децата да одат само два=три часа на училиште, а потоа да си одат дома? Дали и родителите, еден од родителите, ќе биде ослободен од 10 часот?
11. Што со оние средношколци кои патуваат по 45 минути со автобус до училиште, се возат со голем број на лица, можни преносители на заразата и се враќаат дома каде имаат родител од ризична група? ( а згора на тоа се изложуваат на ризикот да се заразат за само три часа настава)…
Има уште многу прашања, но овие се најчесто поставуваните. Одговорните и не мора јавно да ги одговорат, дури и не веруваме дека тоа ќе го сторат! Но, доколку навистина оние кои се одговорни за донесувањето одлука околу идното работење на училиштата и градинките си одговорат искрено сами на себе пред огледало, сигурно ќе им биде појасно зошто е рано да се отворат овие образовни институции.
Затворањето на децата во училишта, во училници, не е исто со играње во паркови и на отворено!
Н.Доковска