ДАРИО МАНЕВСКИ: Бев 112 килограми, намалив на 72 и станав инструктор за здрав живот! 

Има повеќе начини и опции да се ослабне и да се стаса до целта. Прочитајте како Дарио Маневски ослабнал 40 килограми и како ја одржува тежината...

0
698

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

Дарио Маневски, вие сте еден од младите инструктори за здрав начин на живот. Најпрво кажете ни нешто за себе, што ве мотивира за да ја изберете оваа професија ?

-Имам 24 години, со фитнес и бодибилдинг се занимавам веќе шест години, од тогаш тоа ми е начин на живот, и слободно можам да кажам дека живеам војнички начин на живот. Секој ден ми е исполнет, знам кога станувам, знам кога вежбам, знам кога создавам содржини, а и кога конзумирам. Главната причина зошто почнав да се занимавам со оваа работа е тоа што имав 112 килограми на мои 15- 16 години, а со тоа и здравствени проблеми. Целта на почетокот ми беше да ослабнам, тргнав, како секој почеток, тежок, без основно знаење. За една година стигнав до 72 килограми. Подоцна сфатив дека пристапот ми бил погрешен, а и изгледот не беше оној кој го посакував. Ако на почетокот имав проблем со вишок на килограми, по една година промена имав премалку килограми на мојата висина, а меѓу другото и без мускулна маса, енергија, расположение, либидо. Дојдов до позиција каде бев и 112 кг. и 72, а сепак не изгледам како што јас си замислував. 

Тоа ви беше пресвртна точка во начинот на размислување? 

-Сето тоа ме натера да седнам и да се едуцирам, да седнам и да ги анализирам сите грешки. Истовремено започнав и со бодибилдинг, и учење од сите грешки, во двата процеси, зошто и како дојдов до таа екстремна дебелина, и каде грешев додека се борев со тие килограми. Веќе шест години континуирано учам, шест години континуирано вежбам, одамна изгледам како што некогаш сум посакувал, а од ден на ден тоа е сė подобро, целите сега и од тоа време, сега се повисоки.

Сега веќе сте подготвен да ги подучувате и другите како треба? 

-Во ова време, сега, по седум години работа на себе, слободно можам да кажам дека сум компетентен, и доволно искусен, бидејќи сум минал низ сите телесни процеси, со тоа верувам дека би бил инспирација за многу луѓе, да почнат од некаде, да работат на себе, и да се грижат за своето тело, бидејќи тоа е единствено место каде што мора да живееме.

Што е најважно што треба да се знае кога се почнува  со тренинзи? 

-Зависи и способноста на опоравување, клучот во остварување на трансформација е оптималното опоравување помеѓу тренинзите, а со тоа и адаптација и визуелниот прогрес. Од овие фактори зависи и колку одреден човек може да тренира во неделата, со тоа и тежинскиот волумен, и распоредот на мускулните партии по денови. Безбедноста на сите кои посетуваат теретана е на високо ниво, и сите протоколи донесени за работа на истите се почитуваат.

А дали има разлика од вежбање во нормални услови и и сега, за време на пандемија?

-Посебни разлики нема, само почитување на мерките за заштита. Кога сме кај тренингот, без разлика кој период е од годината, тренингот е дизајниран строго индивидуално, и прашањето како и колку треба да се вежба, најважно од сė зависи од: целите, возраста, полот, животноот стил, исхраната, стресот, сите тие фактори влијаат во дизајнирање на тренинг програмата, бидејќи како што реков индивидуално, од овие фактори.

Што ќе ни кажете за здравата храна?

-Вака, јас храната не ја делам на здрава и нездрава, туку важен е здравиот однос со истата. Најважно од сė е нашето тело да ги добива сите потребни макро и микро нутриенти. Сите три макронутриенти имаат одредена и важна функција во функционирање на телото. Микронутриентите, исто, антиоксидансите од истите, потребниот внес на растителни влакна, во промоција на ситост, добро варење на внесената храна, намален LDL холестерол, итн. Значи, најважно е да се има здрав однос со храната, да не си создаваме самите пореметување во исхраната, како што е на пример орторексија, и таа приврзаност со “здрава храна”.  и вежбање во овие услови сега и како да се надмине. Клучот со истата е во умереноста!