Цветните растенија се вистински украс на секоја градина и двор. За да уживате во богати цветови и разнобојни цветни леи во текот на целата сезона, потребно е да се почитуваат неколку основни правила за садење и нега.
Според должината на животниот циклус, цвеќињата се делат на едногодишни, двегодишни и повеќегодишни растенија. Едногодишните најчесто се сеат напролет и цветаат истата година, додека двегодишните се сеат во рано лето и цветаат следната сезона. Повеќегодишните растенија можат да ја разубавуваат градината со години.
При планирањето на градината важно е да се внимава на висината, бојата и периодот на цветање на растенијата. Комбинирањето на различни видови овозможува градината да биде полна со бои од пролет до есен. Висечките и полегнати цветови особено добро изгледаат во жардиниери и висечки саксии.
Повеќето цветници може да се посеат уште во рана пролет во заштитен простор, како што се стакленици или прозорски даски. По појавата на првите листови, младите растенија треба да се проредат и пресадат на поголемо растојание за да имаат доволно простор за развој.
За да се добијат погусти и поразгранети растенија, по неколку недели се препорачува кратење на врвовите на главните гранки. Исклучок се високите поединечни цветници како ирисите, дневните лилјани и криновите.
Цвеќињата треба да се пресадат на отворено дури кога ќе помине опасноста од мраз. Најголемиот дел од цветните растенија сакаат многу сонце, па затоа треба да се избере сончево место. Во сенка растенијата може да развијат бујна лисна маса, но ќе имаат помалку цветови.
Во текот на летото потребно е редовно да се отстрануваат прецветаните цветови. Со тоа се поттикнува создавање нови пупки и се продолжува периодот на цветање. Редовното полевање и повременото прихранување исто така придонесуваат за здрав раст и богато цветање.
На крајот од сезоната, исушените растенија се сечат над почвата, а цветните леи се подготвуваат за следната градинарска година. Со правилна грижа, вашата градина ќе остане шарена и привлечна во текот на целата сезона.
А.Н.

