Пишува:Филип Спировски
Вила Амбасадор, Братин Дол, 2020
Врелина под августовско сонце на 800 метри над морето потсетува на наслов од песна и ги мачи сетилата оркестрирани од концертот на штурците. Да не е чистиот, разреден потпелистерски воздух замајан од лево и од десно, над боровите крошни и врз некосените ливади, не ќе се најдев намамен, пред таблата на која крупно испишано стои: „Добредојдовте во Братин Дол“! Виулестото знаме гордо стои и од високо гледа чиниш брои колкумина намерници катадневно ќе се насладуваат на изненадувањата од природата и од луѓето домаќини, но истовремено потсетува дека не сме се нашле телепортирани во Швајцарија.
Вилата Амбасадор, една од стотината викенд куќи меѓу педесетината постојани е на почетокот – 500 метри пред средсело. Лизгачките капии, базенот и уреденото зеленило не отскокнуваат од околините. Активираните прскалки раззеленуваат и ладат непрекинато. Од нив е погласно шумолењето на водопадот во базенот и терцата на петелот првак, заграден во аголот од дворот. Нашето прибежиште од градското катадневие го избравме случајно. Со пријателите и со децата сите искривени од зрачењето на мобилките, посакувавме барем за миг да се оттргнеме и да допреме природа да вдишеме здравје и да се дружиме. Тоа што следеше високо ги надмина нашите очекувања.
Веќе еден час седнати на трпезариската маса се насладувавме на отворениот простор на вилата и перфектно вклопените кујнски елементи со висок стандард и капацитет да ги задоволат сите гости. Храната оставена на пултот е за појадок, закуска, мезе… ни објаснува Тони, домаќинот и менаџер, творецот и уживателот на овој, би рекол концепт во туристичката понуда на Македонија.
Приказната започнала уште далечната ’78 г. со градба на вилата и садење на дрвата – борови, а низ годините се дооформила целата парцела од 6 хектари. Првичниот план за угостителски објект – ресторан на периферијата од Битола во селото Братин Дол после (десетина) успешни години бил заменет со изградба и адаптирање на апартмани. Вилата има капацитет за 20 лица, има 5 апартмани и 4 спални, кујни и места за ручање за 24 лица, по цена од 1000-1500 денари од лице, а идеална е за деца и фамилии заради отворениот простор, големите прозорци од кои во секој момент се гледа надвор.
Концептот за селски туризам зачинет со здравата, органска храна понудена за појадок подразбира сами да си одберете и да си принесете на маса, а Тони (Јолевски, н.з.) ќе ви понуди, зелник, мазник, пита, домашни јајца и мед, и понекоја чашка ракија. Она што никаде го нема, а тука е често на менито (кога надворешните услови дозволуваат) е слаткото од диви круши – нешто од кое се изненади и истенченото непце на пишувачот на овие редови.
Песот Зорка (мешанец од Белгиски овчар и Австралиски Динго) весело ги подбркнуваше трите овци кои слободно шетаа низ имотот. Повеќе како атракција отколку со цел, сликата ја надополнуваа и дваесетината кокошки, пајки, гуски и понекој петел, но и малото германско териерче Лајка магнет за детската игра низ зеленилото и дрвјата. Не е само Зорка со австралиска „жица“. И Тони живеел и работел одреден период таму. Од таму пренел овде и знаење за работа со гости -туристи и по некој детал. Трпезариската маса (една од неколкуте) е донесена дури од Фиџи и неверојатно складно се вклопува со деталите од бакарни битолски тави и глинените грнчиња кои го разубавуваат ентериерот. Друга приказна се фотографиите по ѕидовите од собите добиени како благодарност од многуте спонзорства кои ги има дарувано Тони.
Низ приказните за катадневието во селото и „глобалната политика“ вечеринките под Пелистер се свежи, студени и сред лето. И за тоа, овој весел домаќин нашол лек: го пали логорскиот оган на кој низ муабет, лесно може да се сврти по некое парче месо или риба, колку да го потера виното, дружењето, релаксирањето, амбиентот… Не сетивме кога минаа две вечери со четири деца без смартфони и телевизори. Нешто е сигурно: ќе дојдеме пак, било на поминување од патот за Ресен или на ноќевање пред планинарење до Пелистерските очи. Музиката на природата од Вилата Амбасадор појасно се слуша и е вистински мелем за душа.