Пишува: Сунчица Уневска
„Егзил“ е исклучително силен и сугестивен филм. Тој успева на таков начин да ја долови состојбата на духот што внесува вознемиреност, во која едноставно секој може да се изгуби токму онака како што се губи и главниот лик Џафер, дојденец во Германија од Косово. Особено затоа што, сето она кое се случува околу него или можеби не, е поткрепено со детали и моменти што едноставно ве убедуваат во нивната оправданост. А се чини токму тоа и е целта на режисерот Висар Морина, да проговори за оној притисок кој е дотолку поверодостоен колку што повеќе верувате во него.
Висар Морина, кој и самиот живее во Германија, а по потекло е од Косово, прави еден навистина смел филм, зборувајќи за тоа како се чувствуваат странците во другите земји. Колку е лесно да ја загубите самодовербата, колку е лесно да мислите дека сте опкружени со непријателство, колку е лесно да верувате дека не ве сакаат, дека ве шиканираат и дека сакаат да ве понижат. Лесно е особено кога и самите во тоа придонесувате. Има тука една граница до која можеби работите делуваат измислено, изнасилено поради психолошкиот притисок, но ја има и истата граница во обратната насока, дека сето тоа понекогаш е оправдано и не е случајно. Но, изгледа затоа Морина ќе се одлучи неговата сопруга да биде Германка и да биде своевиден глас на разумот. Бидејќи, така некако целото ехо во судирот со невидливите препреки добива сосем друг одѕив. Или барем поразличен, кој сепак ве тера да се потпрете на здравиот разум.
Џафер (Мишел Матичевиќ) е успешен фармацевтски инженер, кој работи во добра фирма, има солиден брак и три деца. Неговата благосостојба оддава впечаток дека е тој сосема добро вклопен во новата средина и дека нема никакви причини да биде незадоволен. Но, немирот се чини е секогаш тука и потребно е само малку за оние внатрешни сомневања да добијат друга димезнија. Зошто? Можеби тоа го објаснува и самиот Морина кога вели дека и тој се чувствувал како странец и ја чувствувал дискриминацијата, дека едноставно морал и самиот да работи секакви работи додека да го најде своето вистинско место. Но, колку е тоа нешто што изминува, колку е тоа некој вообичаен пат кога сте во друга средина или има нешто многу повеќе од тоа, особено кога ќе се соочите со дискриминацијата. Дали е тоа нешто што со време се менува и дали навистина можат да ве прифатат целосно рамноправно, особено ако доаѓате од земја и друга култура на која понекогаш се гледа со потценување.
Факт е дека сето тоа остава трага и невозможно е да не биде така. И колку е навистина потребна сила за да можете тие работи да ги надминете. Да, тие понекогаш можат да ве обземат и да стигнат до неверојатни димензии, кога се закануваат да го уништат сето она што сте успеале да го создадете и да го направите. Во еден момент неговата сопруга Нора (Сандра Хилер) ќе го праша, дали можеби се работи за негов превид, дека можеби едноставно не го сакаат, а не дека се ксенофобични. Има тука навистина интересна позадина и факт е дека истото тоа однесување дома, од колегите би било поинаку сфатено, а во Германија од луѓето со кои и нема многу заедничко, поприма сосем друг обем. Колку човек може да се спротивстави на таквите предрасуди кај другите, но и кај себе.
Висар Морина одлично го снима филмот, следејќи ја цело време состојбата на духот на неговиот главен лик, која факт е дека го поматува неговото расудување, но и нашето. Џафер се наоѓа во еден маѓепсан круг од кој едноставно не може да излезе. Сè што се случува тој го гледа низ таа призма, а како што расте напнатоста во неговите очи, така истото Морина го прави тоа и со нас, воведувајќи нè во неговата внатрешна состојба со камерата, со звуковите, со дишењето, со стравот, со недовербата, со очајното барање излез. Сè што му се случува Џафер го гледа на тој начин, верува дека за тоа е виновна различноста, а Морина така ја доловува тензијата што и ние подеднакво ја чувствуваме неправдата, иако веќе во следниот момент се наметнува прашањето дали тоа е вистина. Колку Џафер работите си ги замислува или едноставно е фатен во нивната стапица и од неа не може да излезе. Тогаш во секој збор, во секој поглед, во секое неодобрување го гледате она во што верувате.
Камерата на Морина и на Матео Коко се чини непогрешлива. Таа така се движи позади Џафер низ ходниците на фирмата, по патот по кој се враќа дома, нè внесува во клаустрофобијата која му се вовлекува во домот, исто како што се вовлекува и во неговата душа, но и во нашата, со целиот страв и сомневање колку во сето тоа има вистина. Истиот немир го чувствуваме и ние, прашувајќи се колку навистина таа средина е отворена, а колку можеби лицемерна и колку човек може да биде отворен и да верува без оглед на назнаките што можеби ги има, а можеби и не, кога сме подготвени од ништо да направиме нешто, да создадеме конструкција која колку што повеќе ја градите толку делува поверодостојна. Џафер ќе стане целосно параноичен, не можејќи повеќе ниту да се опушти, ниту да спие, ниту да верува во својата сопруга, ниту на било какви примедби да гледа без сомневање. Тоа е таков круг од кој многу тешко може да се излезе. Си поигрува Морина со невозможното, покажувајќи колку може да биде возможно ако во него сакате да верувате. И колку погрешните потези можат само да ја влошат состојбата, доведувајќи нè во состојба без излез, состојба во која едноставно можете да се изгубите, но и да го загубите сето она што така макотрпно сте го граделе.
Каде е крајот? На кој начин човек да се ослободи од внатрешните граници кои така лесно умеат да ве одведат во крајна несигурност, во која веќе и не можете да се препознаете. Фантастичен е Морина во користењето на едноличноста на боите, фантастичен е во онаа клаустрофобичност и параноја која се прелева од екранот, фантастичен е во звукот, кој одѕвонува така силно создавајќи страв, несигурност, исчекување, недоверба. Но, тој на крајот ќе си поигра свртувајќи ги работите од другата страна, кога се дознава дека оној за кој сте верувале дека е насилникот, всушност долго време трпел насилство. И наеднаш кругот се разбива, не дека се урива, но наеднаш се наоѓате на едно сосем поинакво тло, кое ве враќа на прашањето на жена му, дали можеби сте направиле превид. Каде е границата и колку од она што го гледаме е навистина релано, а колку не е. Дури и по посетата на домот на неговата земјачка, ќе се покаже дека работите не се такви какви што секогаш изгледаат.
Остава Морина една резерва на крајот, не е лесно да заборавите, да излезете од тој круг, да се пронајдете во средина која ја чувствувате непријателска. Но, едно е сигурно, превидот е возможен од било која страна, на нас е да одбереме во што ќе веруваме, а особено како ќе се чувствуваме. Не дека во едно такво чувство нема реалност, но факт е дека не му ја даваат реалноста границите кои ги гледаме и во кои сакаме да веруваме. Превидот е возможен, иако е тешко тој да се препознае. Но, тогаш кога во него ќе поверувате, веќе работите и боите можат да попримат друга нијасна. А особено оние звукови и одѕвонувања кои ви се вовлекуваат во душата, оној препознатлив ритам кој не ви дава мир, онаа внатрешна борба која се чини нема крај, оној немир што демне од секој агол, само ако му дозволите. Извонредни улоги на Мишел Матичевиќ, Сандра Хилер и Раинер Бок, филм кој не се заборава како заради наративната, така подеднакво и заради визуелната тежина, визуелната прецизност, сугестивност, психолошка моќ и таква неверојатна фантазија. Во секој случај, фасцинантен филм.