Европа се гуши во пандемијата на Ковид-19 и се повеќе земји воведуваат полициски час, бројот од три милиони заразени е надминат во Шпанија, а Централна и Источна Европа соборуваат рекорди по бројот на новоинфицирани, објавија агенциите во петокот.
Во неделата до 16 октомври, Англија имаше скоро 35.000 нови случаи на инфекција со коронавирус секој ден, во споредба со околу 27.900 една недела порано. Од 17 часот по средноевропско време, повеќе од три милиони жители на Велс ќе мора да „останат дома“ до 9 ноември. Велс на тој начин ќе биде првата британска провинција што ќе прибегне кон мерка карантин.
Сите невитални продавници ќе се затворат, но учениците од основните училишта и некои одделенија од средните училишта ќе можат да се вратат на училиште на почетокот на ноември, по завршувањето на училишниот одмор. Владата на премиерот Борис Џонсон се обидува да избегне општ карантин во Англија, но отсега околу половина од населението, 29 милиони, живее под различни локални ограничувања.
Шпанија – 3.000.000 заразени
Во Шпанија, вкупниот број случаи на Ковид-19 надмина три милиони, објави премиерот Педро Санчез. Регионалните власти на Мадрид денес објавија дека забраната за собирање помеѓу полноќ и шест часот наутро ќе стапи на сила во сабота. Неколку шпански региони размислуваат за воведување полициски час за спречување на пандемијата на Ковид-19, но премиерот во петокот не ја објави мерката, туку ги повика граѓаните да се однесуваат одговорно.
Полска – црвена зона
Од саботата, цела Полска станува „црвена зона“, со делумно затворање на основните училишта и ресторани. Полска за 24 часа забележа 13.632 нови случаи, што е рекорден број за еден ден, соопшти Министерството за здравство, а во исто време Владата објави дополнителни мерки за спречување на Ковид-19, болест предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2.
Бројот на починати падна на 153 истиот ден, од рекордните 168 претходниот ден. Полските власти одлучија да ги затворат сите кафулиња и ресторани на две недели, а јавните собири да се ограничат на пет лица. Половина од земјата, особено големите градови со околината, се „црвени зони“ од минатата сабота, а сега мерката е проширена на целата земја.
„Од сабота, цела Полска станува црвена зона“, објави премиерот Матеуш Моравиецки на виртуелна прес-конференција.
Франција – полициски час за 46 милиони
Француската влада воведува полициски час во две третини од државата, на 46 милиони луѓе од петокот навечер во траење од шест недели, по рекордните 41.622 нови заболени за еден ден. Вкупно, бројот на заразени надмина еден милион. Во Европа, само Шпанија и Русија ги имаат тие бројки. Пред една недела беше воведен полициски час во Париз и осум други градови во Франција, а сега се проширува на уште 38 други области со полициски час од 21:00 до 06:00 часот.
Холандија – нов рекорд од 10.000
Бројот на лица заразени со коронавирус во Холандија скокна за скоро 10.000 за 24 часа, што е нов рекорд, покажуваат податоците на Националниот институт за јавно здравје (РИВМ) во петокот. Владата воведе делумни мерки за затворање на 14 октомври, вклучително и затворање на сите барови и ресторани во земјата.
Швајцарија – повеќе од 100.000 заразени
Швајцарија, земја со 8,6 милиони жители, во петокот имаше нов рекорд на инфекции со Ковид-19, па влезе во клубот на 50 други земји каде вкупниот број на заразени надмина 100.000. Вкупниот потврден број на заразени лица во Швајцарија и соседното кнежевство Лихтенштајн се зголеми за 6.634 на 103.653, а бројот на смртни случаи за десет, со што вкупниот број достигна 1.877 смртни случаи, соопштија здравствените власти.
Поголемиот дел од Европа се гуши со раст на инфекции
Од саботата, Словачка воведува делумен „локдаун“ во траење од една недела и дозволува само одење на работа, потребни набавки и настава за помали деца. Словачка во четвртокот, со 2581 нов случај на инфекција, го сруши и рекордот за бројот на заразени за еден ден.
Чешка
Премиерот Андреј Бабиш побара оставка од министерот за здравство Роман Примула откако беше објавена фотографија на која се гледа како министерот излегува од ресторан кој требаше да биде затворен. Чешка во четвртокот имаше 14.150 нови инфекции, нешто помалку од рекордните 14.960 ден претходно, според податоците на Министерството за здравство. Чешка се бори со најголем пораст на Ковид-19 во Европа и од март досега забележа вкупно 223.065 случаи. До четвртокот починаа вкупно 1.845 лица заразени со коронавирус.
Украина
Украина поставува нов рекорд од 7.517 заразени за еден ден, објави во петокот Советот за национална безбедност. Ден претходно имало 7.053 новоинфицирани и вкупниот број се искачил на 330 396. 121 лице починало во четвртокот, во споредба со 141 ден претходно.Од почетокот на октомври, Украина бележи над 5000 нови случаи на инфекција секој ден. Големиот раст на бројот на заразени ја поттикна владата да ги продолжи строгите ограничувачки мерки до крајот на годината.
Белгија
Со повеќе од 270.000 заразени и 10.500 мртви, Белгија чиј број на население е 11,5 милиони жители, е меѓу најтешко погодените од вирусот во европските земји. А.Р.

