Спасувачките екипи денеска успеаја да извлечат тригодишно девојче од урнатините на зграда во Измир во западна Турција. Девојчето било заробено во урнатините 65 часа!
Спасувачките екипи, кои со денови трагаа по 3-годишната Елиф, успеаја да ја извлечат и да ја пренесат до брзата помош. Претходно нејзината мајка и тројцата браќа и сестри беа извлечени од урнатините. За жал, нејзиниот седумгодишен брат Умут им подлегна на повредите.
„Елиф беше храбра, ме фати за прст и ја избришав прашината од нејзиното лице“, рече спасувачот кој го извлече девојчето.
Тој вели дека малото девојче го држело за прстот додека не ја одвеле кај лекарите.
– Ова мало заслужи да живее. Никогаш не изгубивме надеж дека ќе ја извлечеме – рече спасувачот.
Таа е 106. лице спасено од урнатините од страна на спасувачите. Девојчето е тешко повредено и итно било пренесено во болница.
Три дена по разорниот земјотрес што ги погоди западните делови на Турција долж Егејското Море, бројот на жртвите достигна 81, а спасувачките екипи продолжуваат да бараат преживеани во урнатините на осум згради во Измир.
Турските власти објавија дека во Измир загинале дури 79 лица, а Ројтерс објави дека двајца тинејџери загинале на грчкиот остров Самос. А.Н.