понеделник, јануари 20, 2025
домаНасловнаВладата прогласи кризна состојба од 30 дена

Владата прогласи кризна состојба од 30 дена

Владата на денешната 23-та седница донесе Одлука за постоење на кризна состојба на целата територија на земјава, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.

Одлуката е донесена на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена. Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, со цел ефикасно справување со последиците заради корона-кризата.

Периодот за постоење на кризна состојба во земјата е во траење од 30 дена почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.

Со цел справување со кризата со коронавирус, попладнево министерот за здравство Венко Филипче оствари работен состанок со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“. Разговорите биле конструктивни, а приватните болници изразиле позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата, соопшти Филипче.

-Со оглед на тоа што за првпат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравстевени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела – посочи министерот Филипче, додавајќи дека дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од Министерството и приватните болници.

А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ