Осмата сесија на посветена на анимираниот филм, започна со подготовка за снимање на вежбите на учесниците кои следат во завршниот период на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА. Под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева беа разгледувани идеите и дефинирање на сценаријата што учесниците ќе ги реализираат како видео-етиди.
Предавањата на осмата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА беа фокурирани на анимираниот филм.
Учесниците најпрвин имаа можност да погледнат 5 наслови наслови на автори од познатото Студио за анимиран филм на „Вардар филм“ од неговата „златна ера“ – седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
Се работи за наградуваните анимирани филмови ЕМБРИО No. М (првиот македонски анимиран филм) и АДАМ (5 до 12) на Петар Глигоровски, потоа ОТПОР на Боро Пејчинов, РАКА на Дарко Марковиќ и АПАРТМАН на Афродита Марковиќ.
Учесниците потоа имаа можност да бидат дел од филмската работилница со авторите на анимирани филмови од новата генерација, Жарко Иванов и Крсте Господиновски, вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕВРОПА ПРИМА (ЕСРА).
Најпрвин ги погледнаа филмовите филмовите КРУЖНО ПАТУВАЊЕ НА МАРЕТО на Иванов (дел од анимираната трилогија на овој автор), ГОТЛИБ на Господиновски и ДЕВОЈКА ШТО ПАЃА на Владимир Лукаш.
Иванов и Господиновски, предводници на новиот бран во македонската анимирана продукција, на учесниците на осмата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА им го презентираа краткиот преглед на македонската анимација, од периодот на аналогната до денешниот период на дигитална анимација.
Иванов им ги презентираше финесите во создавањето на неговиот филм КРУЖНОТО ПАТУВАЊЕ НА МАРЕТО, чиј почеток е инспириран од првите филмски снимки на браќата Милтон и Јанаки Манаки, како и за начинот на кој со ротоскопија (обработка на фрејм по фрејм на фотографија „налепена“ на веќе постоечка снимка) го користел филмот на првите сниматели на Балканот во неговата анимација.
Господиновски говореше за неговото искуство во комбинирањето на неколку техники во реализацијата на неговиот анимиран филм ГОТЛИБ: ротоскопијата, 2Д и 3Д анимацијата, и стоп-анимацијата.
Иванов и Господиновски пред заинтересираните учесници одржаа и практична вежба за користењето на ракавица во технологијата на стоп-анимацијата, како и за дострелите на новите дигитални техники наспроти некогашниот традиционален начин на анимација.
Проектот за интерактивната филмска училница, каде младите филмофили се запознаваат со аудио-визуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди, се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“.
Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов… А.Н.