Судот во Јапонија денеска осуди на смрт маж кој уби девет лица откако ги контактираше на социјалната мрежа „Твитер“.
30-годишниот Такахиро Шираиши, познат во јавноста како „твитер убиец“, беше уапсен во 2017 година откако во неговиот стан беа пронајдени делови од тело за време на потрага по 23-годишна девојка од Токио, за која подоцна се покажа дека е една од жртвите.
Шираиши призна дека ги убил и распарчил своите жртви – осум млади жени и еден маж што ги запознал преку социјалната мрежа. Најмладата жртва имала 15, а најстарата 26 години.
Јапонските медиуми јавуваат дека жртвите на Твитер пишувале за самоубиствени мисли и дека убиецот на тој начин ги намамил во неговиот стан, ветувајќи им помош во самоубиството. Поради случајот, властите ветија дека ќе ја подобрат поддршката за младите на кои им е потребна помош.
„Ниту една од овие жртви не се согласи да биде убиена“, рече судијата, изрекувајќи ја пресудата и отфрлајќи го барањето на одбраната Шираиши да биде поштеден од смртна казна и да биде осуден за убиство со согласност, бидејќи жртвите барале начин да си го одземат животот. А.Р.

