По повод случајот на занемарување на дете од страна на родител, тимот на Детската амбасада “Меѓаши” , како организација за заштита на правата на детето упати до надлежните институции барање за одговорност за оние кои дозволиле или направиле пропусти и штети во психофизичкиот раст и развој на детето.
-Согласно новинарската етика и Кодексот на новинари, како и принципот на доверливост во работата на СОС телефонот за деца и млади, неопходно е на сите приоритет да ни бидат пред се интересите на детето и во никој случај тоа не смее дополнително да се стигматизира, виктимизира, етикетира и изложува на дополнителни опасности од било кој вид. Притоа, би сакале и да потсетиме дека на децата жртви треба да им биде заштитена приватноста како едно од прашањата кои се од примарна важност. Како што веќе истакнавме и заради принципот на доверливост не сме во можност да изнесуваме податоци за случајот, истакнуваат тие.
Првата детска амбасада ” Меѓаши” се обрати писмено до институциите кои се надлежни за случајот (МТСП, МВР, МОН, ЦСР, Народен правобранител…), со барање да се направи истрага, да понесат одговорност оние кои биле одговорни а не постапиле соодветно и согласно нивните ингеренции во однос на заштитата на детето жртва, да го преиспитаат истиот и да ги санкционираат лицата кои се одговорни за застојот и непостапувањето согласно законите и протоколите на истите.
Во контекст на сево ова уште еднаш потсетуваат да се почитува кодексот на новинари за известување на вакви и слични случаи. В.Ѓ.
——————————————-
КОДЕКС ЗА НОВИНАРИ ПРИ ИЗВЕСТУВАЊЕ ШТО ВКЛУЧУВА ДЕТЕ – ЖРТВА/СТОРИТЕЛ
- Принцип на согласност
Новинарот не смее да користи фотографии, изјави и видео записи од дете без писмена согласност од родител/старател/институција-старател, кого претходно го информирал за тоа.
Новинарот треба да овозможи повлекување на согласноста, во секој момент, пред и по објавување на сторијата без правни последици за детето и/или старателот.
2. Принцип на почитување на правата на детето
Новинарот треба да ги почитува правата на детето и да известува во негов најдобар интерес, внимавајќи неговиот исказ да не биде изваден од контекст.
Новинарот треба да одбегнува секаков вид на дискриминација.
Новинарот треба да ги почитува различностите и не смее да ги нагласува во негативна конотација, да не користи сарказам, иронија и зборови кои навредуваат.
Новинарите ќе избегнуваат сензационализам, шпекулации и манипулации во стории кои вклучуваат деца.
3. Принцип на почитување на право на приватност
Новинарот треба да ги даде оние информации во јавноста кои се неопходно потребни за да го долови контекстот, но не и оние лични податоци и информации кои може да ја нарушат приватноста на детето.
Новинарот секогаш ќе пристапува кон замаглување на ликот на малолетното дете во објавата.
Новинарот треба да има предвид дека изјавите од сведоци на настан во кои е вклучено детето, може да влијаат на понатамошниот процес на постапката (доколку се води) или врз развојот на детето.
4. Принцип на точна и селективна информација
Новинарот треба да ја провери информацијата од повеќе страни и да го почитува принципот на точност при прецизна идентификација на соговорници кога сторијата вклучува дете.
Новинарот треба да користи релевантни, ажурирани фотографии и видеа при известување што вклучува дете.
Новинарот треба да прави селекција на информации (издвојување на битно/небитно) и не смее да користи илустрации со недолична содржина.
5. Принцип на професионалност
Новинарот треба да биде непристрасен, да држи професионална дистанца, истовремено почитувајќи ја туѓата болка и трагедија.
Новинарот треба да биде изземен во случаи кога има судир на интереси, односно кога е близок роднина на детето кое е дел од сторијата.
Новинарот не смее лажно да се претставува пред детето со цел да извлече информации и изјави и/или да дава ветувања кон детето со цел стекнување информации.
Новинарот треба да известува внимателно за да не предизвика негативен ефект во јавноста.
6. Принцип на почитување на достоинството
Новинарот треба да внимава да не се наруши интегритетот, дигнитетот и угледот на детето.
Новинарот не смее да промовира сексуалност на детето, без оглед дали постои согласност од родителот/старателот.
Новинарот има обврска да го заштити изворот од објавување кога истиот сака да остане анонимен.