Не знам дали ја знаете легендата но ако не сте ја чуле, еве сега ќе ја дознаете. Во 1961 година сосема друг и многу подобар пливач со екипата бил спремен за старт да го преплива каналот Ла Манш (Ламанш) во двата правци, но само една ноќ пред тоа, запливал и така влегол во историја аргентинецот Антонио Абертондо кој го претрка со тоа што на 21 септември 1961 година прв извршил двонасочно пливање на каналот.
По него следувале многу рекорди, како на пример дури жена (американката Сузан) 4 пати го има препливано без прекин, а имало и други пливачи кои по 7-8 пати го препливувале каналот без прекин, но ете, рекордот на прв првенец е поставен и тој како таков е за вечни времиња.
Така е во се. Првиот е историја, другите само ја повторуваат лекцијата, дали добро или лошо, зависи од нивниот квалитет, кондиција, подготвеност, способност и интелегенција. Но, тие, историја не се!
Ова ми е само вовед во она што сакам да ви го кажам на крај. Прв не значи секогаш и најдобар во одредена работа, тоа знаеме, може да е сплет на околности, организирани шеми, политика, пари, логистика и слично, но за среќа кога зборуваме за музичката култура кај нас е така. Првите се и остануваат најдобри.
Ќе се осврнам на периодот кога е формирана Југославија, кога се поставуваше музичката култура во светот и кај нас, некои велат во Скопје, дури и Нина Симон на почеток на својата кариера одржала концерт во Универзална сала.
Тогаш културата и сите настани беа водени од институции, вработени и проверени стручни луѓе, посветени и специјализирани само на тоа. Државата правеше длабока стратегија и ја спроведуваше.
Го фатив и тој период, а како дете на родител кој работеше во Домот на културата и во Радиото во Ресен, кое нонстоп беше до Таткото, знам за начинот како се организираа тогашните концерти. Се јавуваа луѓето од Домот и договараа.
Но, многу многу подобро и посуштински знам како се организираат сите (најглавни) настани, фестивали и концерти кај нас од фамозната 1991 наваму.
Веќе зборуваме за една нова историја, во Република Македонија. Во која рекордот прв да го преплива музичкиот “Ла Манш” му припадна на Скопскиот џез фестивал и господинот Оливер Белопета. Потоа на “СЈФ” продукција и првиот човек господинот Владимир Мандичевски-Манде кој прв на стадион го организираше концертот на Џејмс Браун и третиот рекорд е на “Таксират” продукција и господинот Логин Кочишки кој во деведесеттите го создаде првиот фестивал од таков вид ” Таксират” и првиот “луд” концерт на Продиџи, но тука јас како позначаен би го навела првиот концерт на Ману Чао на отворено, на лизгалиште, кој сите буквално го сметаат за рекорд по однос на атмосферата и во однос на тоа што ја воведе публиката во една нова визија и нова слобода, нешто како македонски Вудсток. Целосна најава на демократија. Но демократија каква што сакавме да ни се случи, “опозит” на оваа сега.
Што се однесува до погореспоменатите организатори и продукции, тие се срцевината на еснафот. Тоа се големи музички и менаџерски познавачи , а Белопета пред да стане најзначајна фигура во музичката сценска историја на Македонија, но и на Балканот, бил силен новинар, пар екселанс. Во “Екран”. Единственото музичко списание кај нас, кое дрмаше низ цел Балкан, а памети и тираж од 90.000 примероци (мала дигресија).
Ако некој се прашува дали со нив сум ги имала најблиските релации во мојата 35 годишна работа како музички новинар. Апсолутно не. Можеби и едвај по едно здраво, приватно, сме си кажале. Професионално, да. Секогаш реагирале еснафски и јас на нивниот менаџерски, организационен, продукциски збор верувам. Затоа што тие се толку еснаф во работата што во моменти кога треба да надвладее еснафското, финансиското веднаш го ставаат во втор план.
Јас сум сигурна кога тие би се прашале за грандиозниот настан кој не очекува во иднина, ре-отворањето нa Универзална сала кога ќе ја обновиме, а треба да бидат прашани, тоа би било одново некој “нов наш препливан Ла Манш”.
Јас сум сигурна, па нека повелат нека кажат дали грешам или не, дека за отворање на Универзална сала би предложиле еден обединувачки концепт кој ќе здрма.
Иако сите тие работеле со големи имиња од светската музичка индустрија, би дале идеја дека отворањето треба да се случи со “Леб и сол” (како едно вистинско враќање и концертно обединување, без да навлегувам во нивните лични односи, затоа што тоа би бил “моментот” , настрана што не се возвишени од државата и немаат медали за заслуги, имаат од народот). Како општествени личности би дошле да отсвират макар на пола час, дека нов би им се приклучиле Тони Китановски, “Зијан”, “Меморија”, Тавитјан, Дуке Бојаџиев, “Бастион”, албанските првенци “Елита 5”, Симон Трпчевски, “Архангел”, “Мизар”, “Бернајс пропаганда”, “Синтезис”, Танец” “Драган Даутовски квартет”,” Аѓушеви”, Борис Трајанов, Ана Дурловски, Калиопи како да речеме претставничка на Власите, за жал Тоше Проески не е меѓу нас, и ред други бендови и пејачи од другите рамноправни етникуми кои навистина извршиле силно влијание и нивниот плафон никој не може да го достигне кај нас.
Секако како гости со “свои пет минути” би поканила и некој најквалитетен (не најпознат) од Балканот, Грција, Албанија, од Бугарија (па посебно, како архитектонски конструктори на делото) и пошироко, зошто Универзална сала припаѓа на светот, сто пати сум потенцирала. Но, и светот не би го прифатил тоа нивно подарено ремек дело на хуманоста ако не го содржи македонското (музичко) срце, да пулсира во него. Да се слушне. Барем на таков настан.
Затоа ве молам доста со импровизации, ве молам со првенците на културата, ве молам доста навалувате со идеи на тинејџери- пубертелии, ве молам доста со избор по своја волја, ве молам не како фанови, туку како професионалци, во име на државата која ја претставувате, во име на нас професионалците, фановите и ваши гласачи кон кои сте се обврзале на најдоброто, во име на генерациите кои доаѓаат и кои треба да се горди што им останува како национално наследство и култура и кои треба да бидат рамноправни со сите светски нации, по култура и по се друго.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.