Еднаш дневно:”АРХАНГЕЛ”

0
520

„Архангел“ е името на првиот албум на истоимената македонска група, издаден во март 1991 година во Белград, благодарение на куќата „Хаос“ која дотогаш издавала само книги и американски андерграунд стрипови. Истата година, уредниците на 60 југословенски рок-списанија и радио емисии гласале за своите фаворити и “Архангел” бил прогласен за најдобар деби албум и за најпријатно изненадување, а се нашол на петтото место во категоријата „најдобар албум за годината“. Кусо по издавањето на албумот започнала и војната во Југославија, така што закажаната југословенска турнеја била откажана.

Ако отворите на википедија, ќе наидете на овие податоци кои ги наведов, кои говорар дека деновиве се заокружија три децении,  30 години од излегувањето на првиот албум/ успех на “Архангел”, истоимена македонска група основана во 1989 година од Ристо Вртев.

Како современичка, и тогаш новинарка во Радио Охрид, се сеќавам првенствено на впечатливоста што ја создаде самото име.

Некоја година подоцна се сеќавам дека почнаа позачестени спомнувањата на групата во секој музички муабет на тогашните високо интелектуални кругови, кои најмногу ги правеа оние млади филозофи, филмаџии, електро инжењери, технаџии и скопските урбани ликови.

Групата имаше свое влијание, и беше позната повеќе како неминовен дел од алтернативниот урбан концепт, што, во тој период од популаризирањето на македонската музика, земаше сила и кој за жал и потоа неочекувано за сите, нагло згасна.

Во оваа колумна не се бавам со статистики, се бавам со описи и потсетувања, па така со сигурност тврдам дека најпозната кај пошироката јавност стана по песната “Убер Македонише” , и спотот за истата која беше и дел од филмот “Збогум на 20 век”.

Апропо популарноста, не само што песната стана и хит на годината, таа во суштина толку беше популарна и длабоко се впиваше во нас, под кожа, што нејзината рефлексија кај мене јас ја забележав дури минатата година, кога најдов некоја своја поема што сум ја пишувала тој период, и целосно сум ја заборавила, а во неа меѓу редовите беше ставен и оној најпрепознатлив стих “дремеж и досада”, како нешто што јако ме импресионирало за да го вметнам и во мојата поезија. Па да, нема ништо подосадно од стремеж, понеприродно, тоа напати го убива инстинктот и не води кон нешто многу паметно, сметам јас.

“Купен мир и тишина, пострашни од војна, мејби”, пак, тогаш само интересен и навидум обичен стих од песна, подоцна пророштво кое се исполни.

Нејсе, многу симболика и вистина има во текстуалната градба на песните, на чија арматура всушност се крепи целата музика и душа на “Архангел”, некогаш повеќе доживувана како група, со персонални промени, а во поново време само алтер его на Ристо Вртев, човекот кој стои зад целата оваа креација.

Му сум посветила неколку текстови, од мигот кога се сретнавме на прес по повод нивното враќање на концертна сцена по повод 18 години и кога го направија тој повратнички  концерт на Саем, потоа дури минатата година кога направи  концерт по протокол и пред својата  одбрана публика во “Борис Трајковски” за фестивалот “Таксират”.

Во меѓувреме не му го посетив претходниот другиот  концерт (колку што се сеќавам пак) на Саем, не ми се допадна организаторот, зашто тој и поим немал кому му прави концерт, дури и се распрашувал по луѓе, а да правиш концерт на Вртев а не го знаеш сосе цел “музички корен и плод” , не си ти за таа работа ( Продавај канти со маслинки, подобро) . А оној со Филхармонија, па, велат на сцена Вртев бил и подобар од нив.

Знаете што?! Има една вистина која постојано треба да се има на ум, и која суптилно ја наметнува таа културна дистанца меѓу Вртев и потенцијален слушател.

Вртев, или ако повеќе сакате “Архангел” , за сите овие 30 години, има формирано  строго профилирана своја публика (херметички затворена, на ниво на тајно друштво) и ако не си Ти на тоа нивно неформално друштво,  индиректно па дури се осмелуваат и директно да те опоменат дека не си дел од нив. И дека ако си, треба да бидеш дел од нив какви што се тие. Еклектици не им се по волја. Јас тоа кај нив многу го почитувам.

Тие сметаат дека ако го почитуваш Вртев треба да си 100% целосен приврзаник кој ја живее таа филозофија и не ја меша и разводнува со друга. За нив тој е нивни водач, а тие му се и гарда која (си) го обезбедува нивниот простор.

Го имаат во автомобили, го слушаат на патувања, дома, во секоја прилика. Континуирано.

Не е тоа нешто што изненадува, таа шема како што е поставена е нечепната веќе 30 години. А кругот, оној вистинскиот круг на публика, многу малку се проширува, иако последниве години со тие масовни концерти кои ги направи во неколку прилики, собра и забавувачка публика како поп ѕвезда “ала Чолиќ”. Сепак, не е тоа  сржта на овој наш музички феномен и рок поет. Ни на неговото суптилно музичко даркерство, кое не е создадено да е “ловец” на сечиј вкус.

Како поента во завршница на оваа колумна сакам да ја искористам својата можност, во чест на овој “архангелски” 30 јубилеј, да се потсетам на нешто од минатата година. На “Бубамарата” беше шанса да го слушниме Вртев како во своја верзија ја изведува “Везилка” , од Блаже Конески.

Никогаш не би помислила дека Блаже Конески е во суштина даркер, генијален даркер, како Вртев. Се до тој момент кога стана видливо. Кога таа нијанса Вртев на сцена се претвори во боја. Судбински нешто се плело за века. Се споија двајцата. Архангелска работа. Два созвучни збора… Темница што штрека…

Воопшто Вртев песната не (се обиде да) ја направи спектакл, но ја прави сензација. Сензација по однос на сентиментот и пиететот со кои ја изведе. И идолот имал свој идол.

Ја изведе со почит и без да се исплаши од силината на зборовите, од јаркоста нивна. Од тој разговор ноќен во тревога бесна. Си ја кажа судбината своја (во поширока димензија, мислам).

Настрана и ексклузивноста што за прв пат имавме можност (барем јас) да го слушнеме како пее текст од туѓо перо а не од своето.

Овој пат тој беше Тој од онаа друга  страна, беше тој  фан, на Конески, стоеше “просто и строго” како неговите фанови пред него. Дури и говорот на телото откриваше што му значи нему митот за Конески. Официјален, исправен, стасит, на висина на задачата. Во манир на дел од  “гарда”. Со се се оддолжи како што треба, и на “Везилката” и даде сентимент плус, боја и дополнителна поетика.

Јас најпрво ја слушнав и преферирам да ја слушам песната на радио, и сакам да ја сакам само аудио да ја слушам и да ја доживувам, но ако сте за видео формат, повелете линк.

Годинава се  30 години од (албумот) “Архангел” и 100 години од раѓањето на Конески. Бубамара те “ќе има”, те “ќе видиме”.

Но ако има, еве убав повод: Вртев, Ти што ловиш звук на чудна песна, повторно да ја извезеш “Везилка” , песна од копнеж и песна од мака, зошто, без ни малку сомнеж, тоа што го слушнавме беше врвна музичко- поетичка сензационалност, која вреди да се повтори, и, е, копнеж и светол и стрвен.

 

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.