До редакцијата на ТЕХТ.МК стаса писмо со обвинување од страна на родители корисници за (не)одговорното однесување во Дневниот центар на лица со посебни потреби во Берово.
Во писмото се вели дека во вторникот 23.3.2021 година во попладневните часови во просториите на Дневниот центар на лица со посебни потреби во Берово, по налог на директорката на Меѓуопштинскиот центар за труд и социјална политика во Берово, лицето А П. (бездомник), позитивно на ковид 19 е однесено за да го избањаат таму и да го однесат во болница.
Потписниците на писмото пишуваат: „Следниот ден ние вообичаено ги однесовме децата, без да го знаеме ризикот на кој се изложени. Вработените заплашени од директорката ништо не ни кажаа, но подоцна еден од вработените ја сподели информацијата со нас родителите, не можејќи да носи таква одговорност.
Во комуникација со директорката добивме дрзок одговор дека морало таму да го однесат болното лице, без при тоа барем да се извини за тоа што го загрозила здравјето на оваа и така осетлива категорија деца.„
Тие кажуваат дека по нивната реакција два дена дневниот центар бил затворен за да го дезинфицираат!!!
Но, родителите прашуваат што да прават со денот, кога децата и вработените беа таму и беа изложени на ризик од инфекција со ковид 19?
По трагата на оваа информација ТЕХТ.МК се обиде да стапи во контакт со директорката на Меѓуопштинскиот центар за труд и социјална политика во Берово, но безуспешно.
Останува да лебди прашањето кој ќе одговара за ваквиот потег и што ако некое дете се зарази?! Дневниот центар во Берово може да одговори на потребите на околу 35 лица со телесна или ментална попреченост.
На поттег е сега Министерството за труд и социјална политика од каде постојано информираат дека мерките и протоколите се почитуваат, но никаде ги нема кога треба да реагираат на вакви пропусти.
Н.Д.