понеделник, ноември 25, 2024
домаЖивотЖивотна срединаКлиматските промени се сериозна закана за нашето здравје

Климатските промени се сериозна закана за нашето здравје

Кога зборуваме за климатските промени не смееме да го изоставиме делот на прилагодување кон нив. Во процесот на прилагодување земјите како на национално ниво, така и на локално, развиваат планови за прилагодување со вклучени мерки за да одговорат на влијанијата кои веќе се случуваат, но и ги чувствуваме, како на пример, топење на глечерите, зголемување на нивото на морињата, појава на суша, топлотни бранови, кои водат до зголемена појава на шумски пожари, губење на биодиверзитетот и питка вода. Доколку не ги забрзаме напорите кон адаптација и изградиме отпорно општество, овие влијанија ќе имаат големи негативни последици, како по одржливиот развој, така и до достапноста на храна, питка вода, но и ќе резултираат негативно по здравјето на луѓето – вели Кристина Бужароска, претставник на CNVP – организација која се грижи за одржливо управување со шумите и природните ресурси. На осмиот ден од Националната конференција за клима се разговараше на темата како да се прилагодиме на климатските промени.

Преку искуствата на земји од регионот – Албанија и Црна Гора, дознавме повеќе за тоа до каде се овие земји во процесот на справување со последиците од климатските промени.

Бужароска истакна дека и да се постигне целта на ЕУ – да се намалат 55% емисиите на стакленичките гасови до 2030 година, сепак, ќе го чувствуваме влијанието од промените во климата. Новата стратегија за климатска акција има  визија до 2050 година да има општество целосно отпорно на климатските промени.

-Стратегијата ќе ја исполни оваа визија правејќи ја адаптацијата попаметна, посистемска, побрза и со засилување на меѓународната акција и преку исполнување на целта која гласи, денешните предлози, да го сменат фокусот од разбирање на проблемите кон развој на решенија и да се прејде од планирање во спроведување. Во моментов прилагодувањето кон климатските промени на нашата држава се одвива забавено и потребно е државата да ги забрза процесите за адаптација. Национални документи во делот за клима ни се во фаза на изработка или во нацрт-верзија. – истакна Бужароска.

Таа го издвои секторот јавно здравје, односно потребата здравството да биде подготвено за климатските промени, што ја докажа и пандемијата со Ковид-19.

-Климатските промени се сериозна закана по човековиот живот и на глобалното јавно здравје, со тоа што ќе го стават веќе оптоварениот здравствен систем – особено во земјите со ниски примања – под уште поголем стрес. Проценети здравствени ризици поврзани со ефектите на климатските промени, се во опсег од зголемена веројатност за пренесување на вектор-преносливи болести (како маларија и денга) и болести што се пренесуваат преку вода, до намален квалитет на воздухот. Според СЗО, една шестина од болести и попреченост на глобално ниво се должи на вектор-преносливи болести, а како последица од промената на климата се менува прераспределба и живеалишта на комарци и други патогени кои во себе носат болести кои за нас се непознати и претходно не сме ги сретнале и можат да предизвикаат епидемии – вели Бужароска.

Албанија е земја од регионот која прва започна со работа на рамка за прилагодување кон климатските промени. На прашањето колку општините биле вклучени во оваа проблематика, Мерита Мансаку-Мекси од Германската агенција за развој од Албанија објасни дека имале организирани јавни дебати.

– Поголемиот дел од општините имаат предизвици за основните одговорности и кога се работи за адаптација кон климатски промени, првата реакција беше дека зборуваме за луксуз, а тие размислуваат за отпад, вода, но треба да им ги отворите очите и ќе ги натерате да размислат како функционриаат климатските промени. Полека, чекор по чекор, свеста се зголемува, но општините сеуште не се во истиот воз во решавањето на овие проблеми. Ние бевме прва земја што го започна тој процес на Балканот во 2015 година, а сме и една од најранливите земји во однос на климатските промени. Се трудевме да учиме од странски искуства за подобрување на капацитети и за процесите на адаптација – рече Мансаку-Мекси.

Бранка Кнежевиќ, заменик-секретар за урбано планирање и одржлив развој од Подгорица, го сподели искуството на Црна Гора и стратегијата за адаптација на климатските промени на Подгорица.

-Овој документ е важен за нас. Направивме анализа на екстремните настани – дождови, влијанието врз природните ресурси и квалитетот на животот врз урбаните области. Сакавме да ја согледаме способноста на Подгорица за справување со климатските промени. Потоа, топлотните бранови, инспирирани во неколку прилики, особено за време на 2011 – 2012, низа тропски денови и ноќи, имаше пад на продуктивноста, на фунцкионирање, зголемена електирчна енергија. Друг екстремен настан беше сушата од 2007 година, кога имавме 56 последователни денови без врнежи. Во последните години е обрнато поголемо внимание за зголемувањето на зелената површина во Подгорица. Се работи на подобрување на инфраструктурата за велосипеди. Ако порано немавме ниту една патека, сега имаме пет со вкупна должина од 13 километри, како и патеки за попрофесионално возење велосипеди. Веќе немаме запоставени области во градот. Се обидуваме да ги користиме сите механизми, активни јавни кампањи со цел да се промени оваа пракса и да се охрабрат граѓаните да учествуваат во процесите на донесување одлуки. Најважните активности се спроведуваат на локално ниво. На национално ниво се поставуваат стратегиите, но на локално ниво треба да се работи. Нормално е да постои отпор кај општините, но ако им доловите дека ќе се решаваат практични проблеми како што се поплавите – тогаш мора да сте заедно во решавањето на проблемот – вели Кнежевиќ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ