вторник, октомври 22, 2024
домаМакедонија е најдолу од сите

Македонија е најдолу од сите

Срамно и иронично е ова што се случува, откако добивме штанд во Кан кој толку го баравме, тој нема врска со тоа што треба да биде, откако дојдовме до тоа да влегуваме во главните програми, Агенцијата за филм нема поим ниту што значи тоа ниту како треба да се искористи.

Сунчица Уневска

Никогаш не било вака во Македонија. Да имаш филм во официјална програма на најпрестижниот фестивал во светот, за што сме се бореле и надевале со години, да се бориш за „Златна палма“, наградата која значи многу, не само за авторот, туку и за земјата, а буквално да нема кој тоа медиумски да го покрие. Македонија станува единствена земја во регионот, да не збориме за подалеку, која веќе воопшто нема чувство што е важно, а што не е. Не само што владее корпуција кај нас, туку владее тотално незнаење, тотална рамнодушност, тотално немање интерес ни желба нешто да се научи и да се фати чекор со другите. Кај нас станаа само важни (не дека и порано не биле) нечии лични интереси, но вака не било никогаш.

Замислете, добивате известување од Агенција за филм дека филмот на Канскиот фестивал поминал добро, имало овации, дека бил присутен дел од екипата на филмот „Северен пол“ и многубројна делегација од Агенција за филм. Добро, има ли некој поим само ова што значи, а да не зборуваме за другото??? Зошто била многубројна делегација од Агенција за филм, дали некој воопшто на тој директор и на тие таму кои работат им кажал во што се состои нивната работа?

„Северен пол“ и Марија Апчевска требаше да бидат многу присутни во медиумите, а особено нашето претставување во Кан, одгласите, приемот итн, итн. Тоа е тема која би требало да трае со месеци и да го има вистинското значење, се разбира, преку написите кои знаат тоа како се прави. Во што се претворивме ние? Откако дојде СДСМ на власт и откако Горјан Тозија ја презема Агенцијата за филм сè отиде надолу. Сосем обратно од она што тие самите сакаат да го претстават.

Откако дојде Тозија на чело на Агенцијата буквално сè и даде на онаа шака луѓе од ДФРМ, измислија манифестации, проекти и што уште не, само за да земат што повеќе пари. Сè друго секна, бидејќи како што му кажаа од ДФРМ, треба да се поддржува само продукција (и некои нивни небулозни проекти), ДФРМ месечно треба да зема 2.000 евра, бидејќи толку им се „реалните“ трошоци итн, итн (што им е гајле за другите, што им е гајле за проектите, пари треба да има само за нив). И, се разбира, така и се случи, а така и си продолжи и со новиот директор (кои тие си го избраа). Сега, како божем не е Тозија… И кому му е гајле? Оваа власт, сето она што Агенцијата за филм се бореше претходно да го оствари, го поништи со нула. Дека нели, они знаат подобро!? А единствено што знаат, е како лично да се обезбедат што повеќе.

И порано имавме многу замерки на работата на Агенцијата за филм и на Министерството за култура, но они, за разлика од сега, одговараа на тие прозивки и се обидуваа нешто да направат (иако се разбира и таму имаше партиски интереси). Но, не се случило да имаме наш филм на фестивал, а да нема кој да го покрие и кој да пишува за тоа. Не се случило да немаме новинари и критичари на филмските фестивали. Ние навистина долго време пишувавме за тоа дека треба да имаме штанд на големите фестивали, бидејќи како и сите земји, таму треба да се претставуваме. Но, колку и да му замерувавме на претходниот директор, Дарко Башески, тој се трудеше тие штандови да ги постави здружувајќи се со земјите од регионот и тоа не само во Кан, како што се прави сега.

Колку и да го напаѓаат, факт е дека основите на работата на Агенцијата за филм ги воспостави тој и по нив сè уште работат овие многу „умни критичари“ на сè и сешто. Единственото што го сменија откако се смени власта, иако пред тоа беа многу силни, многу гласни и знаеја сè како треба, е дрскоста, бидејќи веднаш се покажа дека ништо не знаат, дека не им е гајле и единствено што ги интересира е како да си ги поделат парите.

Интересно е дека откако се дојдени се удираат во гради за нивните успеси. А факт е дека тие се најмалку заслужни за успесите, кои имаа среќа да ги наследат. И „Медена земја“ и „Исцелител“ не се заслуга на Агенцијата за филм, тоа веќе сите добро го знаат, барем не на оваа постава, а и Марија Апчевска беше веќе претходно поддржана и на некој начин откриена, кога нè однесе во Берлин со „Бардо“ (нормално дека ќе беше срамота да не и поддржат нов филм).

Сè што беше претходно направено сега е добиено здраво за готово, а тие што се на власт откако дојде Тозија само работите ги извитоперија во своја корист. Кој отиде на „оскарите“ кога „Медена земја“ имаше две номинации, се разбира само Тозија и негови најблиски соработници, кој отиде во Рим на премиерата на „Врба“, повторно Тозија со своите пајташи, кој оди и кој отиде да нè претстави во Кан (само за потсетување за филмовите на Милчо на „оскарите“ и во Венеција беа присутни голем број македонски медиуми).

Прво, интересно е што ние само во Кан имаме штанд, бидејќи нели сите вработени во Агенција за филм треба да го видат Кан. И зошто таму беа сите тие, а не новинари? Дали, воопшто, знаат што значи фестивал? И зошто на штандот се присутни они за да прават разговор со агенти, продуцени, дистрибутери??? Кои се они да ги прават тие разговори. Тие разговори на лице место (затоа се штандовите) треба да ги водат самите продуценти и дистрибутери, а во тоа Агенцијата треба да ги поддржи.

Порано, кога Ганка Самоиловска – Цветанова беше министерка за култура ги одведе сите новинари во Кан, уште кога немавме штанд и направи навистина голем напор за нашето претставување таму. Потоа, тоа продолжи и со Елизабета Канческа Милевска, но откако дојде Тозија кој, каде и како ќе оди и ќе претставува зависи само од Агенцијата за филм, која фино лепо си искористи сè претходно направено за да си се офајди таа мала група луѓе која мисли дека фондот постои за нив. На кој начин ние сега надвор се претставуваме, така што таа група луѓе ќе си ги прошета децата, љубовниците или сопругите, така што ќе направиме еден каталог, кој нормално го прават сите, но тоа не е настан на годината како кај нас, бидејќи сите освен ние се претставуваат со сериозни списанија и стратегии. Но, затоа кога ќе ја погледнете нашата слика за тоа кој бил во Кан, се прашувате што бараат и кои се овие луѓе?

Сме оделе во Кан новинари и критичари со години и навистина како такви бевме и почитувани, бидејќи сериозно го работевме тоа што треба и знаевме како еден фестивал треба да биде покриен. Што се случува сега? Видете, дека немаме институции најдобро зборува и тоа што никој не реагираше на написот дека претходната директорка на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, е сменета нелегитимно и дека новиот директор, Мони Дамески, е избран нелегитимно. Вие можете да си напишете што сакате, они си тераат понатаму. Теодосиевска беше сменета, замислете, затоа што не и беше прифатен извештај за фестивал кој не се одржа??? Лани ДФРМ уште на почеток на годината, заедно со Тозија и Агенцијата за филм, си одлучија да си ги земат парите за продукција и фестивал да нема. Теодосиевска се обиде да го одбележи без проекции, без ништо, бидејќи ДФРМ тоа не и го дозволи и потоа за тој извештај ја сменија???

И сега, повторно никој на ништо не реагира. Сега преминаа, како што пишувавме, и на фестивалите (занемарувајќи ја тотално Комисијата која одлучуваше за тоа кои фестивали, воопшто, треба да бидат национални). Дојдовме до тоа да не ги поддржат Скопски филмски фестивал и „Астерфест“, но затоа поддржаа едно чудо аматерски фестивали, фестивалчиња кои немаат поим што е фестивал, важно даваат награди, и фестивали кои си прикажуваат стари филмови и немаат гајле, бидејќи нели таква им е темата и профилот на фестивалот. Но, тие добија поддршка, а како што рековме, во фестивал се претвори и 70 години ДФРМ, и небулозната и непотребна „Златна рамка“ и одбележувањето 50 години анимиран филм. Земјава ни станува земја на чудата и никој на ништо не реагира.

Срамно е ова што се случува, па и иронично, откако добивме штанд во Кан кој толку го баравме, тој нема врска со тоа што треба да биде, откако дојдовме до тоа да влегуваме во главните програми, очигледно Агенцијата нема поим ниту што значи тоа ниту како треба да се искористи. Кај нас нема разлика меѓу ништо, никој не знае ни што е фестивал, ни што е манифестација, ни зошто нешто треба да биде од национален интерес (а оние што знаат тоа го вртат во своја корист, бидејќи партиската припадност е над сè). Каква жална и смешна земја станавме. Најдолу од сите, а очигледно така треба и да биде, со овие луѓе и ова коруптивно однесување поинаку не може. Кај нас Агенција за филм не треба да постои, бидејќи таа е спротивна на сè што една ваква институција треба да биде.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ