домаСкандал со швајцарската банка „Кредит Свис“: Клиенти биле диктатори, криминалци и корумпирани...

Скандал со швајцарската банка „Кредит Свис“: Клиенти биле диктатори, криминалци и корумпирани политичари

Од втората по големина банка во Швајцарија, „Кредит Свис“ (Credit Suisse) протекоа информации за повеќе од 18.000 сметки на нивни клиенти – криминалци, прекршители на човековите права и осудени и казнети лица. Информациите кои до медиумите ги доставил неименуван свиркач зборуваат за сметки вредни повеќе од 100 милијарди долари.

„Кредит Свис“ се обиде да ги намали последиците од скандалот во неделата, откако неколку медиуми објавија дека биле објавени податоци за повеќе од 18.000 сметки поврзани со криминалци, прекршители на човековите права и осудени и казнети лица, вклучително и диктатори, пишува хрватски „Дневник“.

Сите тие, според податоците објавени во медиумите, се клиенти на втората по големина швајцарска банка. Протечените информации за сметки вредни повеќе од 100 милијарди долари дојдоа од свиркач кој го сподели своето откритие со германскиот весник „Зидојче цајтунг“, се вели во соопштението за печат од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP).

Според извештаите, клиентите на втората по големина швајцарска банка вклучувале меѓународна група клиенти инволвирани во криминал.

Меѓу сопствениците на сметките беа јеменски шпионски шеф вклучен во мачење луѓе, венецуелски функционери вклучени во корупциски скандал и синовите на поранешниот египетски диктатор Хосни Мубарак. Сметките биле отворени меѓу 1940 и 2010 година, се вели во соопштението.

„Премногу често сум гледал криминалци и корумпирани политичари кои можат да си дозволат да го продолжат својот бизнис како и обично, без разлика на околностите, бидејќи се уверени дека нивните незаконски профити ќе бидат заштитени“, рече Пол Раду, соработник и основач на OCCRP.

„Нашата истрага открива како овие луѓе можат да ги заобиколат прописите и покрај нивните злосторства, на штета на демократијата и граѓаните ширум светот“, додаде тој.

Додека швајцарските банки, светски познати по законите за строга тајност и заштита на клиентите, не би смееле да прифаќаат пари поврзани со криминални активности, законот во голема мера не се спроведува, пишува „Њујорк Тајмс“, цитирајќи го поранешниот шеф на швајцарската агенција за спречување перење пари.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ