Сунчица Уневска
На 20 јули (среда) на 29. издание на Европскиот филмски фестивал во Палиќ беше отворена нова киносала, која го носи името на големата југословенска и српска актерка Мира Бањац. Станува збор за мала, арт-сала, но прекрасна, која се наоѓа во склоп на киносалата „Абазија“. На свеченото отворање беа присутни навистина многу српски медиуми, но и странски односно сите оние кои беа на фестивалот, а Мира Бањац, која има 93 години, со својата чиста мисла, смисла за хумор и со своето непроценливо искуство ги одушеви сите. Таа ја цитираше Ружица Сокиќ, која пред својата смрт рекла дека и е најважно да не ја заборават.
Мира Бањац рече дека тоа е навистина важно за актерите, бидејќи наградите ќе си отидат секој на своето место, дали во Кинотека, дали во Музеј, но она што ќе го понесат луѓето и начинот на кој преку оваа киносала ќе ја споменуваат, е од исклучително значење. Таа раскажа една анегдота, кога во Загреб позади неа оделе тројца млади момци кои и се доближиле доста, па таа дури и се уплашила, но наеднаш едниот од нив рекол, „Даница где вам је Да Винчи“. Таа била одушевена што тие ја паметат по претставите и по нејзините улоги, а другиот од нив додал дека ја знае цела претстава напамет. „Е, тоа е она, рече Мира Бањац, што е за еден актер најважно. Ова е таа точка, што би можела после ова да барам. Среќна сум што просторијата се наполни со ентузијазам и радост и би сакала секогаш да е полна, особено со млада публика и помлади филмаџии. Замислете, сега некој ќе рече, добив награда во салата ’Мира Бањац’“. Тоа ги одушеви присутните и, секако, беше еден од најзначајните настани на фестивалот, барем за нашиот регион.
Интересна беше атмосферата и на самото отворање на фестивалот (16 до 22 јули), кога му беше врачена наградата за животно дело, „Александар Лифка“, на еден од најголемите српски писатели, драматурзи, сценаристи и режисери, Душан Ковачевиќ. На пошироката публика Ковачевиќ и е познат по своите филмски сценарија кои на тие филмови им донесоа бројни награди. За ова веќе пишувавме, овде само да потсетиме дека тој ги потпишува: „Подземје“, „Посебен третман“, „Кој тоа таму пее“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Балкански шпион“ и други. Ковачевиќ има напишано и режирано повеќе од 20 театарски драми, кои се преведени на 27 јазици, а само во белградските театри одиграни се повеќе од 3.000 претстави кои ги имаат видено над 1,9 милиони гледачи. А не случајно потсетуваме на сето ова. Имено, се работи навистина за култен автор и бројни култни наслови, но кога Душан Ковачевиќ излезе на бината за да ја прими наградата од Мира Бањац, тој почна толку многу да зборува за Мира Бањац, буквално како таа да ја прима наградата. Токму таа и самата го прекина и му рече: „Но, овде награда примаш ти, а не јас“. Навистина неверојатна атмосфера.
„За мене ова е еден исклучителен и значаен момент. Се сретнале двајца луѓе и се препознале во оваа убава уметност, две силни и значајни биографии. Лифка, кој е заштитен знак и симбол на фестивалот и Душан Ковачевиќ, нашиот голем книжевник, драмски и филмски писател, филмски режисер, кој ги потпишува најкултните филмови што одамна ги преминаа границите. Во овој мој животен залез, животот ме почести со тоа да можам на Душан Ковачевиќ да му ја врачам оваа значајна и голема награда и да му заблагодарам за сè што ни оставил и за сè она што допрва ќе дојде“, изјави Мира Бањац, врачувајќи му ја наградата.
Инаку, фестивалот кој се одржува во Палиќ и во Суботица (негов организатор е Отворениот универзитет во Суботица) поминува во одлична атмосфера. Публиката, особено на отворената сцена, која е сместена помеѓу ѕидините во Палиќ, во прекрасна природа и покрај познатото Паличко езеро, доаѓа во голем број иако Палиќ е сместен на седум километри од Суботица. На големата сцена се прикажува главната програма, додека паралелната, исто така, компетитивна програма „Паралели и судари“ оди во киното „Абазија“, исто така во Палиќ, кое е подеднакво посетено. Филмовите се прикажуваат и во Суботица, и тоа на Универзитетот и во арт-киното „Александар Лифка“. На репертоарот се дури 130 филмови и многу, многу актуелни настани и иницијативи.
Но, она што е интересно за нас е дека во програмата „Младиот дух на Европа“, чиј селектор е Мирослав Могоровиќ, кој наедно е и програмски директор на фестивалот, влезе и македонскиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска, што минатата година беше во главната селекција во Кан. Инаку, оваа програма, како што е најавено, годинава е во ново руво, бидејќи покрај тоа што продолжува да носи иновативни и храбри филмови и автори кои ја претставуваат иднината на европскиот филм, од оваа година во селекција влегуваат филмови кои во минатата година се истакнале на значајните филмски фестивали, сè со цел да го поддржи модерниот филмски израз и пристап и да се занимава со темите кои се важни за современиот млад човек.
Веќе напишавме и дека вашата репортерка е член на жирито на меѓународната филмска критика, „Фипресци“, а инаку македонскиот филм го има и меѓу плакатите поставени во Отворениот Универзитет Суботица по повод изложбата: „Траги на едно време: Филмските плакати од 1970-1979“. Во овој избор се претставени и доста плакати направени за воените спектакли, но и оние со минимална графичка постапка или со цртачката бравурозност, која сепак останува минамална… Меѓу нив, покрај: „Сутјеска“, „Валтер го брани Сараево“, „Окупација во 26 слики“, „Дервишот и смртта“, „Лудите години“, „Љубовниот живот на Будимир Трајковиќ“, „Бештије“, е и нашиот „Црно семе“ на Кирил Ценевски од 1971 година.
Инаку, програмата е распоредена во 15 програми, меѓу кои се и „Новиот унгарски филм“ и „Украина во фокусот“. Главната програма, за која одлучува и „Фипресци“ жирито, а во која како селектор годинава се враќа Николај Никитин, е доста слаба. Досега, а речиси сме при крај, би можеле да се издвојат: украинскиот „Памфир“ на Дмитро Суколутку-Собчук, потоа „Магнетна резонанца“ на романскиот режисер, Кристијан Мунгиу, и како нешто пооригинално и инвентивно, германскиот „Не“ на Дитрих Бругеман. Меѓутоа, оваа година паралелната програма „Паралели и судари“, чиј селектор е Јулија Синкевич, носи доста поинтригантни филмови, како: „Граници на љубовта“, „Тивка земја“, „Анадолскиот леопард“, „Визијата на пеперутката“, „Да се избрише Франк“, па сè до хрватско-српскиот „Вујко“, во кој играат Мики Манојловиќ и Горан Богдан, кој тукушто се врати од Карлови Вари со „Специјална награда на жирито“ и се очекува со нетрпение.