петок, јануари 24, 2025
домаНасловнаДрамски театар Скопје ќе игра за публиката на „Охридско лето“

Драмски театар Скопје ќе игра за публиката на „Охридско лето“

„Охридско лето“  ја продолжува драмската програма вечерва со Драмски театар Скопје и театарската претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, а во режија на Зоја Бузалковска.

Претставата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Во неа играат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Таци, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујсиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди, Меѓу кои и Whitebread Award. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон.

Сместена во Свиндон и Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифично нарушување од аутистичен спектар. Кристофер треба да разреши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга.

Драмата темелно го преработува изворниот материјал. Наместо раскажувањето во прво лице како што е во романот, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние кои доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, татко му, мајка му… Резултатот е драма во драма.

Според режисерката Зоја Бузалковска, она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст.

-Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно, вели режисерката Бузалковска.

Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред сѐ во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога.

-Приказната е раскажана низ еден филмски јазик, но динамично. Многу брзо се менуваат ситуациите , се обработуваат многу комплексни теми и прашања, на многу забавен и  духовит наместа начин. Секогаш е предизвик една таква структура како може да стане театар, одгатнува Бузалковска.

Зоја Бузалковска (Скопје, 1971 г.) е театарски режисер и професор по Актерска игра и по Театарска режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје.  Во 1997 година дипломирала Новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а во 1998 година Театарска режија на Факултетот за драмски уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2010 година станува магистер на науки од областа на културолошките студии, а во 2011 г. и магистер на уметности, од областа на театарската режија. Од 2000 година, Бузалковска започнува хонорарно да соработува со ФДУ, каде подоцна се вработува и напредува во звања во класата на проф. Кирил Ристоски. Денес Зоја Бузалковска е редовен професор на ФДУ, со своја класа Драмски актери, а води и класа по Театарска режија.  Активно режира во речиси сите релевантни театри во Република Северна Македонија, но работела и повеќе вонинституционални проекти.

Театарската претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“  со времетраење од два часа и 45 минути не се препорачува за лица помлади од 12 години.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ