четврток, јануари 23, 2025
домаМедс Микелсен го украде целото внимание во Сараево

Медс Микелсен го украде целото внимание во Сараево

Данскиот актер Микелсен и американскиот Џеси Ајсенберг ги добија почесните „Срца на Сараево“, кои годинава се чини се во најголем број. Македонскиот актер Милан Тоциновски игра во босанскиот филм „Балада“, кој е вклучен во главната програма

Специјален известувач од Сараево: Сунчица Уневска

Данскиот филмски актер, Медс Микелсен, не дојде во Сараево со нов филм, ниту пак со „нова награда“ (малку шега), туку да го прими „Срцето на Сараево“ кое му беше доделено во 2020 година, но поради состојбата со пандемијата тој тогаш не можеше да дојде. Затоа пристигна во неделата како почесен гостин во чија чест беше прикажан неговиот филм „Лов“, каде што игра една од своите најранливи и највпечатливи улоги.

Но, веќе се знае дека Микелсен ѝ е миленик на женската публика, па сепак, не се очекуваше толку голема еуфорија, особено што годинава навистина има низа доста големи филмски имиња кои ја примија и ќе ја примат наградата. Босанскиот дневен лист „Ослобоџење“ напиша: „Медс Микелсен ги споулаве Сараевчанките“. И, баш така, за овој скромен и доста пријатен дански актер се создаде вистинско лудило во трката да се добијат автограми, да се сликаат фановите со него и сите кои можат да бидат присутни на доделувањето на наградата и на разговорот што беше организиран на фестивалскиот плоштад, познат како „На кафе со…“.

Славата ги прави работите нереални

Микелсен е многу едноставен, веќе го видовме во Македонија пред неколку години на средбата со новинарите организирана во Маврово и секогаш одговара многу искрено и реално. Тој зборуваше дека е помалку надреално да се добие награда во друга земја, зборуваше за важноста на тоа да се живее во моментот, не во минатото или во иднината и дека тој навистина се обидува тоа да го прави, рече дека не сака кафе, но дека секако прво што направил во Сараево ги пробал ќебапите итн. Прва негова љубов била гимнастиката, но поради повреда почнува да се занимава со глума и вели дека се пронашол во филмот. На прашањето која е разликата меѓу тоа да бидеш гледач и професионално да си дел од филмската индустрија, тој искрено рече дека е платен за тоа. Инаку, актерот познат по навистина многу интересни авторски остварувања, како „По свадбата“, „Блидер“, „Валхала“ па сè до „Лов“ и „Уште една тура“, зборуваше дека секогаш е подобро да играте кога имате добро сценарио…

Големо внимание на Сараевскиот фестивал привлече и доаѓањето на помладиот американски колега, Џеси Ајсенберг, што беше доста чудно, бидејќи Ајсенберг освен по повеќе стриповски филмови и „Добредојдовте во Зомбиленд“, најмногу ѝ стана познат на пошироката публика со филмот „Социјална мрежа“ каде што го игра Марк Цукерберг, основачот на Фејсбук. Некако, се чини како луѓето да го поистоветуваат со оваа улога. Како и да е, Ајсенберг беше многу среќен поради наградата и повторното доаѓање во Сараево, бидејќи како што рече, тоа за него е еден од најубавите градови. На фестивалот беше прикажано неговото долгометражно режисерско деби, „Откако ќе го спасиш светот“. Тоа е приказна за мајка и син, кои се навидум многу различни, а всушност, многу послични отколку што мислат, а во филмот, во кој игра Џулијана Мур, тој се занимава и со прашањето за интернетската слава.

Милан Тоциновски во филмот на Аида Бегиќ

Она што беше за мене интересно откритие е дека во главната програма немаме филм, но затоа имаме актер. Милан Тоциновски, кој во Сараево го има добиено „Срцето на Сараево“ за најдобра улога во филмот „Како убив светец“, сега игра една од главните улоги во босанскиот филм „Балада“ на Аида Бегиќ, кој е вклучен во натпреварувачката програма и се бори за наградата за најдобар филм. А богами филмот има изгледи и да добие некоја од наградите, со оглед на тоа што станува збор за доста симпатичен филм, добро снимен, со силни женски улоги и со едно интересно, нетипично излегување од вообичаената шема.

Всушност, необично е и дека Аида Бегиќ како инспирација ја зема познатата босанска балада „Хасанагиница“, правејќи модерен филм иако во позадината се занимава со традицијата и предрасудите кои во суштина и не се променети. Како жената која ќе го напушти мажот и сака да добие старателство над своето дете да ги реши проблемите со кои допрва се соочува, одговорот и тогаш како и денес гласи: „Па, омажи се“. Бегиќ многу добро го води филмот, кршејќи ги границите, но не драстично или агресивно, таа сето тоа го прави на начин следејќи ја внатрешната состојба на нејзината главна протагонистка. Додека сите ѝ зборуваат да се осамостои и да заработи пари за да може да го бара детето, таа почнува да оди на аудиција за глума.

Како да се побегне од судбината

Тогаш ќе се појави и нејзината соученичка, која исто така сама се соочува со многу проблеми и напади поради долговите на нејзиниот сопруг, за работите така да ескалираат, што Мери односно Марија Пикиќ ќе има една таква фасцинантна епизода за време на аудицијата, која ја носи суштината и се чини допира до коска. Тоа е животот, ќе успее Бегиќ да проговори за борбата и за тагата, за љубовта, за страдањето и за работите кои мора да се прифатат, ќе успее да направи, од една страна, филм со поинаков поглед на сопствената борба, но од друга, и филм кој вели дека настаните понекогаш се неизбежни, токму како што се пее и во баладата. Животот некогаш е предвидлив, а  некогаш не, но она на што сите се надеваме е дека можеме да си дозволиме да посакаме некаква подобра иднина за себе, дека можеме да го следиме срцето, дека можеме дури и да ги преминеме границите, ако не за ништо друго, тогаш затоа што на тоа имаме и право…

Тоа не е ниту нова, ниту различна приказна освен што е инспирирана од овој еп, но Бегиќ ќе направи извонредна конструкција, филмот е многу добро снимен, дијалозите се толку едноставни и природни, улогите на Пикиќ и на Јасна Жалица се феноменални, нема вишоци, нема празни одови. А шемата и границите што во овие приказни сами се наметнуваат, Бегиќ многу добро ги избегнува мешајќи ги жанровите, реалноста и фикцијата, и професионалните улоги со реалните. Одличен обид за екранизирање на оваа народна песна и навистина успешно нејзино поместување од досегашните воени теми. Тоциновски нема голема улога, но секако, впечатлива.

Херојство е да се прости, да се разбере, да се сочувствува

На Сараевскиот фестивал во програмата „Во фокус“ го видовме и српскиот филм „Страхиња Бановиќ“ или „Толку далеку колку што можам да одам“ на Стефан Арсениевиќ. Овој филм беше прикажан и во Македонија, но овде го споменуваме токму поради тоа што и овој филм е инспириран од народната песна за Страхиња Бановиќ, и тоа, како што ни рече Арсениевиќ, се единствени два филма во регионалната продукција кои на овој начин се осврнуваат на ваквите народни епови. Се чини како некој тренд, но не е, се работи за случајно поклопување.

А не може да не се спомене колку добро беше прифатен „Страхиња Бановиќ“ овде на фестивалот, по чија проекција имаше многу добар разговор, а публиката очигледно беше одушевена. Во Сараево пристигнаа режисерот Стефан Арсениевиќ и продуцентот Мирослав Могоровиќ. За разлика од филмот на Бегиќ, „Страхиња Бановиќ“ зборува за една многу актуелна тема, за мигрантите, но правејќи ја универзална, не само во однос на просторот туку и на времето. Бидејќи, тие луѓе кои патувале, кои трагале и го откривале светот, тие луѓе кои се обидувале да го пронајдат својот мир, ги имале и ги имаат своите приказни и опевања во судирот со сите животни предизвици. Така е и со Страхиња и неговата Абабуо, тие и двајцата се во потрага по подобар свет, во потрага по себе, но токму тука нивните патишта се разединуваат.

Како што рече самиот Арсениевиќ, тоа се песни за хероите, но за него хероите се оние кои простуваат, оние кои се обидуваат да разберат, оние кои имаат емпатија за другиот, па дури и на своја штета. Бидејќи, нашата борба и визија никогаш не може и не смее да биде поважна од другите, не смее да им нанесе зло поради она што ние мислиме дека е добро. Не, добро е она што нè прави цели и ни дава смисла во животот, добро е дури и после една опсесивна потрага по својата љубов или по одговори, по она во што сте верувале или поради својата замисла, тогаш кога кога ќе се соочите со себе и со вистината да сфатите дека светот е во нас, но и надвор од нас, дека колку што сакаме со границите да се избориме, толку тоа мора и на другите да им го дозволиме.

Благородноста на нашиот јунак впрочем не е само во љубовта, туку во разбирањето и во силата да се откаже од она по кое толку копнее и кое толку му значи. Нашата среќа не е поважна од среќата на другите и во тоа е херојството на нашиот Страхиња, во тоа е неговата човечност и неговата љубов и сила, а тоа не може никого да го остави рамнодушен. Народните епови не случајно траат низ времето, бидејќи нивната мудрост и денеска е подеднакво длабока како и тогаш кога настанале, бидејќи својата „убавина“ ја црпи токму од животот, од неговиот извор.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ