понеделник, ноември 18, 2024
домаЖивотСоцијална политикаКОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, амбасадор на Детската амбасада МЕЃАШИ: „Горд сум што има една...

КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, амбасадор на Детската амбасада МЕЃАШИ: „Горд сум што има една трошка и мој придонес во целиот успех!

*Вашиот расказ за малата Ана, кој е и дел од оваа книга, а напишан во почетокот на деведесеттите години, е расказ кој наежува, во него нема измислено ниеден збор, ниедна запирка, ни еден извичник и со кој, чинам, временски отпочнува работата на Првата детска амбасада во светот. Од тогаш досега, Вие сте еден од првите поддржувачи и цело време амбасадор, временски долг, обемно широк ангажман и, пред сè, голем волонтаризам, за што мора да Ви се честита. Може да претпоставиме дека таа случка Ве мотивираше и Ве внесе во овој свет на борба за детското спокојство?

-Јас голем дел од мојот професионален живот го поминав во Сараево и таму работев неколку филмови, и работев и неколку претстави во Театарот за млади, а таткото на Ана беше еден од актерите со кој се најдовме на повеќе линии, меѓу другото двајцата бевме и печуркари и планинари, така што јас бев многу емотивно врзан за Сараево и воопшто за Босна и Херцеговина. И кога експлодира војната и кога настана опсадата на Сараево и уништување на луѓето, навистина тоа многу ме погоди, затоа кога ме повикаа Драги и Горде да учествувам во нивната неверојатна работа, барем во тие првите години кога се беше на волонтерска база, навистина на драго срце прифатив да бидам на таа функција.

*Како познат и етаблиран режисер, одлучивте да влијаете не само со морална, туку и со конкретна поддршка и однатре. За што се врзуваат Вашите сеќавања од најинтензивниот период на волонтерството?

-Во првите години, кога дојдоа првите бегалци од Босна и Херцеговина, многу се ангажиравме и спасивме многу луѓе и човечки судбини, со тоа што се грижевме да се сместат бегалците, да им се обезбеди храна. Пристигна и еден голем конвој од три огромни авиони од Шпанија, со лекови и разни потрепштини за бегалците. Додека, пак ние од овде испративме околу 500 − 600 луѓе, веројатно во подобри услови во Шпанија. Тоа беше навистина еден неверојатен успех, три огромни авиони на шпанската авиокомпанија Иберија, бесплатно го направија сето тоа, Владата на Република Македонија ни обезбеди авионите бесплатно да слетаат на аеродромот. Тоа беше еден навистина голем зафат. А, во една акција во Детското одморалиште Бунец во Маврово, неколкупати со свои луѓе лично дојде градоначалникот на еден град во Франција, Во-ан-Волен, донесоа училиштен прибор во тоа детско одморалиште, каде беа сместени мајки со деца и една учителка којашто ги учеше. Меѓудругото, јас од градоначалникот побарав еден училиштен автобус кој ќе биде наменет за настава во природа. Од Франција како донација − подарок донесоа многу убав автобус за 60 деца, комплетно опремен, со два телевизори и видео за да можат децата да гледаат. Тогаш, на моја иницијатива се направи Амбасадата да се професионализира, затоа што не може исклучиво на волонтерска база да се бави една таква организација којашто во тоа време многу значеше на овие простори. Исто така, во периодот кога министер за внатрешни работи беше Љубомир Фрчковски, успеавме да добиеме повеќе од сто дипломатски пасоши кои ние ги поделивме на разни значајни луѓе од Европа и од светот за да нè застапуваат насекаде и да ни помагаат во одредени можности. Е, подоцна, затоа што откога завршија воените конфликти, тие големи хуманитарни акции веќе немаа смисла, организацијата почна да се занимава повеќе со правата на децата и можеби е единствена таква невладина организација којашто толку години континуирано ги застапува правата на децата.еѓудругото, Амбасадата има свој симбол − Бушавко, тоа дете навистина постои и не е измислена маскота.

-Тоа дете не знам на каков начин од Брчко дојде во Македонија, бидејќи разбрало дека мајка му е тука. Дојде кај нас во Амбасадата и успеавме да ја најдеме мајка му и ги споивме тогаш.

*Промената на јавната свест е прв чекор кон остварување на некоја цел, а јавните личности тоа може да го направат со својата работа. Апелиравте ли и други Ваши колеги да се вклучат, да помагаат, каде што треба?

-Па, меѓудругото, му предложив на Благоја Чоревски-Чоре, којшто е навистина неверојатно активен на волонтерска база. Уште кога беше директор на Драмскиот театар, во деведесеттите години, се нафати да биде со нив и многу работи заврши. А за една годишнина на Детската амбасада, направивме многу убава претстава за деца, се викаше „Кловнови“, во која волонтерски, без пари играа Владимир Ангеловски Дади (неговиот брат, актер н.з.) и Драган Спасов-Дац. Не беше во програмата на Драмскиот театар, но ја направивме дополнително.

*Во седумдесеттите години Вие прв ја направивте детската претстава „Шекспир во приказни“, потоа со Ваша претставата „Чудовиштата од нашиот град“ официјално отпочна со работа Театарот за деца и младинци, на Фестивалот на детето во Шибеник бевте и селектор… Иако сте биле целосно посветен на детето, работата во Амбасадата вам ви ги продлабочи тие чувства, кои кај Вас очигледно се и самоиницијативно преземена обврска, штом во вашето режисерско творештвото провејувале доста долго?

-Мојот режисерски живот започна токму со една серија на детски претстави во Драмски театар, подоцна јас направив навистина неколку извонредни детски претстави, коишто во тоа време ја обиколија цела Југославија и мислам тоа е банална реченица, ама навистина „детето е најискрената публика“. Да се работи претстава за деца е големо задоволство, затоа што тој фидбек што ти го пружаат децата како гледачи, како искрени примачи на тоа што ти им даваш, тоа е неописливо задоволство и тоа е нешто што ретко се доживува со возрасна публика. Така што, навистина е убаво да се работи за деца.

*Драмите отсекогаш ја допирале душата на човекот, и ја моделирале свеста на луѓето, нешто што можело да ја допре душата низ вековите истото ја допира и денес. Драмата се занимава со вредности и МЕЃАШИ се занимава со вредности, меѓутоа, и со конкретна борба…

-Мојата работа во МЕЃАШИ би ја поделил на два периоди − првиот период кога беше волонтерска и кога сите некако погодени од таа војна што се случуваше во Југославија, со максимум сили и работа, се обидувавме да помогнеме на луѓе, на деца. Вториот период е професионалната работа на оваа невладина организација, која се нарекува Прва детска амбасада во светот- Меѓаши, каде што луѓето што работат таму се професионализираа и кога веќе имаше екипа којашто професионално се занимава со проблемите на децата во нашата држава во Македонија и каде што јас, да речеме, малку се тргнав настрана. Тие се толку добро извештени, толку добро организирани, така што функционираат беспрекорно. Се разбира дека таму има луѓе кои сè уште волонтерски работат, но има една група кои што работат со целосно работно време некогаш и преку, во зависност од ситуациите. Не само во Македонија, туку и пошироко не верувам дека постои таква организација која се грижи за децата како што е МЕЃАШИ. Тоа што го работат навистина е беспрекорно и под полна пареа. Секогаш имаат проблеми со финансиите, меѓутоа знаат како да направат програми за да обезбедат одредена финансиска поддршка и да можат да опстанат. Еве, веќе 30 години опстојува МЕЃАШИ со единствена кауза – правата на децата! Ине само што е една од ретките невладини организации која се залага за тоа, туку и со рејтингот секогаш некаде во врвот на довербата, меѓу населението, меѓу граѓаните.

*Иако и јас, и сите сме биле деца, и ден денес не најдов одговор на моето вечно прашање − зошто децата радоста бескомпромисно ја покажуваат, а тагата никогаш, знаат толку длабоко да ја сокријат во себе, и просто се чудам како успеваат да одглумат толку добро, што најчесто не можеме да дознаеме што точно ги мачи.

– Ха ха, да ти кажам искрено ни сам не знам зошто е така, но знам дека кога сум правел претстави за деца точно сум знаел како да ги привлечеме децата да ја сакаат таа претстава. Се разбира дека никогаш не сум направил претстава во којашто има насилство, колку и такви претстави да биле во тренд и модерни, многу сум сакал на децата да им раскажувам бајки. Затоа што, во денешно време децата се нонстоп на мобилните телефони и на тие телефони можат многу работи да видат, непријатни и пријатни и убави и грди. Меѓутоа, јас кога ги правев моите детски претстави секогаш се трудев тоа да биде бајка, затоа што веќе во семејствата немаме баба која ќе ги седне внучињата, па ќе им раскажува приказни. Со нив децата се сплотуваат.

*Недостасуваат драми во кои ќе се опише и страдањето на децата она кое не го гледаме, децата жртви, запоставени, оние кои се оставени како гулаби сами да се снаоѓаат во светот.

-Тоа е генерален проблем на нашиве телевизии, сè уште најдобри серии за деца се „Бушава азбука“ и тие јас што ги направив „Чудовиштата од нашиот град“, „Кловнови“, серии коишто колку и да помине време, тие пак ќе бидат најдобри. Добро е што Македонска телевизија повторно ја продуцира „Дајте музика“ тоа е многу убава, многу позитивна, многу откачена серија, ама штета што толку телевизии постојат во Македонија и никој од сопствениците и директорите не покажаа амбиција да направат програми плус. Порано во Македонската телевизија постоеше специјална Редакција за детски програми, па постоеше Редакција за училишни програми, сега нема буквално ништо од тоа. Како да не постојат децата, се увезуваат детски серии или се пуштаат серии што сме ги снимале пред 30, 40, 50 години. Ех, кога ќе ми текне кои се луѓе беа уредници и на чело на тие детски редакции, врвни личности, врвни писатели, Оливера Николова, Васил Пујовски, тие беа уредници на тие серии и тогаш кога имаш таков состав на луѓе, тие ќе размислуваат „оваа година ќе снимиме ваква серија која што ќе биде позитивна, па една која ќе се бави со проблематика…“. Сега тоа го нема, сега најважни се политичарите и вестите.

*Дете − порака! Едно дете може да биде една цела слика за векот во кој живее. Едно дете може да биде и планетарна порака. Ја знаеме сите приказната за малото сираче Оливер Твист… Со само еден лик се дава слика, широката слика. Таква е Вашата приказна за Ана, нејзиниот корен е во војната, но е и расказ чија вистинитост останува да боли, иако работите се сменија. Ви искри ли однатре да ја преточите во драма, на театарската сцена?

-Тоа е многу тешко. Нели постои романот „Дневникот на Ана Франк“, всушност, вистинит роман, којшто е светски познат и којшто зборува токму за тоа страдање на едно девојче за време на Втората светска војна, кога со години се крие на таван, на крај сепак ги фаќаат и ги праќаат во логор кај што завршуваат трагично. Сигурно денеска има многу такви приказни, особено со војните во Сирија, во Либан, во Иран, Ирак каде што милиони деца гинат, милиони деца се раселени, каде што милиони деца го изгубиле своето детство, каде што не знаат што е тоа радување, каде што се соочуваат со нишанот на калашников, така што тоа е голем проблем, жално е. Децата се можеби најголемите жртви на големите земји, на големите моќници коишто, ете, за профит за лични интереси уништуваат цели генерации деца, им го уништуваат детството.

*Во овие триесет години, што беше најголемиот предизвик и убавина да се работи со МЕЃАШИ?

-Во почетокот главен збор имаше таа емотивна врска, не само моја, туку на сите луѓе коишто учествуваа во создавањето на таа организација, емотивната врска прво со државата Југославија, второ со судбината на тие луѓе коишто страдаа. Невини страдаат, заради разно разни интереси, политички, геополитички, геостратешки, каде што изгинаа толку луѓе, изгинаа толку деца…Таа емотивна врска со луѓето со коишто инаку сме биле пријатели, другари, сме живееле заедно, секогаш е многу јака, таквите врски ти даваат мотив и желба за да учествуваш и да помогнеш колку што можеш. И тоа беше главниот мотив за којшто тргнавме сите ние, заедно со Гордана и Драги. Имаше многумина кои учествуваа во работата, во помошта, луѓето работеа по 24 часа. Уште една работа на која сум горд што, пред сè, благодарение на нив, е што станавме организација која е независна од ниедна влада. Сигурно дека сите влади досега даваат некоја финансиска поддршка, но никогаш не се врзавме за политика, за некоја одредена партија, туку секогаш се трудевме да сме објективни и да се бориме за она за што Детската амбасада е основана, а тоа е: правата на децата да бидат застапени во секојдневниот живот на Македонија!

*Се чувствувате ли посебно горд што направивте нешто што е со повисока вредност?

−Сигурно, сигурно… Не можам да кажам дека јас сум тој што е најзаслужен, меѓутоа имам свој дел во таа лепеза на сè она што МЕЃАШИ го направи, воопшто, и за нашата држава и за децата во светот, и за децата во војната, горд сум што има една трошка и мој придонес во тоа.

Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска, авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022

Монографијата можете да ја прочитате на следната страна:  bit.ly/3MuRkxa

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ