четврток, јануари 23, 2025
дома„Новите“ македонски мигранти

„Новите“ македонски мигранти

Германско-македонскиот филм „Повлекување“ на Анабела Ангеловска, прикажан во Сараево во конкуренција, ја отвора темата за нашите економски мигранти и за она за кое никој не зборува, дека дури 80 проценти од оние што работеле во американските воени бази денеска страдаат од ПТСП

Специјален известувач од Сараево: Сунчица Уневска

Единствен филм од Македонија кој е во трка за „Срцето на Сараево“ е документарецот за т.н. нови економски емигранти. Филмот е насловен „Повлекување“ (Retreat), а го потпишува Анабела Ангеловска, која живее и работи во Хамбруг. Би рекла, дека ова е всушност прв филм кој зборува за Македонците што одеа и сè уште одат да работат во воените бази во Ирак и во Авганистан и за сето она што од тоа добија или „изгубија“. Фокусот на Ангеловска е на последиците, односно на она што се нарекува посттрауматско стресно пореметување (ПТСП), а за кое кај нас воопшто не се зборува, ниту пак луѓето знаат дека таков проблем има и дека дури започна и изградба на болница во која би се лечеле овие луѓе.

Се гради болница за луѓето кои работеа во воените бази

Особено шокантно звучи дека дури 80 проценти од Македонците кои одеа да работат во кујните и во пералниците во американските воени бази го имаат тој проблем. Но, оваа бројка не е официјална и за неа, всушност, зборува психијатарот д-р Дудучки. Од тука тргна и моето прашање и мојот разговор со Анабела за овој проблем, бидејќи за мене тоа е ново, а верувам и за многумина иако тие луѓе живеат околу нас и многу од нив се наши роднини или пријатели, а воопшто и не знаеме дека таков проблем постои.

Анабела вели дека тоа е нормално, бидејќи за тој проблем никој овде не зборува, а веројатно и не ни сакаат да зборуваат или сè уште и самите не се свесни дека таков проблем имаат. „Никој жив не зборува за тие проблеми, дури и тие што ми зборуваа дека имале тешкотии да се вратат во нормален живот, не се свесни дека ги имаат тие проблеми. Единствено мојот братучед, односно кум се разболе и не можеше поинаку, мораше да зборува за тоа. Видете, тоа таму е сосем поинаков живот, тие се затворени, постојано имаат некакви наредби, има напади поради кои имате сирени дека треба да одите во бункер, живеат под сосем други околности. Само функционираат за да преживеат некако, а кога ќе се вратат тешко им е да се повратат во нормален живот. Сè им пречи, им пречи тишината, им пречат децата, жената… Тие не раскажуваат дека имаат ПТСП туку дека се нервозни, дека немаат трпение…“, објаснува Ангеловска.

Низ компензации во Куманово влегле 10 милиони долари

Она што е интересно е дека во последниве три години многу од овие луѓе тргнаа да се тужат со приватните компании од страна на кои беа ангажирани, бидејќи се разболеле во нивните бази. Звучи неверојатно дека едниот протагонист со кој таа зборувала, во јануари оваа година добил 200 илјади долари како компензација, а друг 100 или 150 илјади долари. Не е сигурно дали се тоа пари од компаниите или од американската влада. „Американците се повлекоа од Авганистан и веќе ја нема таа можност за нашите луѓе, но некои сè уште се во Ирак, или сè уште одат во Ирак, во Џибути или во Мали. За тие тужби на нив им треба експертиза дека навистина се разболеле и дека таму се разболеле, а тие експертизи треба да им ги даде психијатар. Еден од докторите кои ги работи тие експертизи е д-р Дудучки, а веќе има и Здружение на луѓе со ПТСП. Тој ми кажа дека само во првата половина на годината во градот низ компензации се влезени 10 милиони долари. Тоа се огромни суми за нашиот регион и во суштина од тие пари живее цел град“, зборува режисерката, која и самата тоа на лице место го доживеала со некои учесници во нејзината екипа.

„И мене тоа ми звучеше претерано, но го доживеав со мојата екипа. Тие флешбекови можат секогаш да се случат, може да зачкрипат кочници и да добиеш некаква реакција на сето тоа. И мене ме изненади дека може нешто толку брзо да се случи и тоа ми даде храброст да ја завршам таа приказна, затоа што соработката беше тешка.“

Ја прашав, бидејќи во филмот нема протагонисти кои зборуваат во прво лице пред камера, дали не сакале за тоа да зборуваат, но таа ми рече дека зборувале, но нејзиниот пристап кон филмот бил поинаков, есеистички и сакала да го покаже тоа како поширок проблем и како еден вид конфронтација. „Затоа употребив глас кој оди во позадина, затоа што тоа е еден вид конфронтација, она што тие сакале и доживеале, а истовремено гледаме слики од тие големи вили и куќи кои стојат празни. Прво ги слушаме нивните желби, а потоа гледаме што им се случило и мене тоа ми беше важно, дека во истата слика го гледаме и сонот, но и она што се случува потоа. Сакав да покажам дека тоа е апсурдно, половина град е било каде, становите и куќите се празни. Сакав чувството да допре до гледачите. Се купуваат станови, се градат огромни вили, а луѓето се во странство, во Ирак, во Германија…“

Згради наречени Авганистанка или Ирачанка

Сега има нови бизниси, какви што порано немало. Како што вели Анабела, со бугарски пасоши некои од нив одат да возат камиони. „Нашите Кумановци се многу креативни, се снаоѓаат. Има една зграда во Куманово за која се зборува дека е целата со купени станови од тие камионџии, а има и зграда наречена Авганистанка или Ирачанка. Еве, на пример, мојата протагонистка во филмот (која е всушност мајка на девојката што работи таму) има 3 или 4 куќи. Сега градат голема зграда на 6 ката, таа го прави тоа за децата, неа не и значи ништо“, додава Ангеловска.

„Мојата идеја односно приказна беше повеќе за тоа што тие сакаат, зошто воопшто тргнуваат и на крајот, што добиваат. Ќе добијат големи пари, сите зборуваат како добро поминале, колку заработиле, но многу од нив и не знаат дека се болни. Една од протагонистките раскажуваше како таму каде што била паднала бомба, другиот го загубил слухот, окото му е повредено, нервозен е. А оној што зборува во камера таму бил 12 години. Тој имал задача да забележува сè што се случува и за тоа да дава извештаи и, како што вели, тоа што таму го доживеал никогаш нема да го заборави. Тргнал на 28 години, сега има 42 години, а во меѓувреме се враќал дома и пак одел“, објаснува Анабела, која со други зборови сака да проговори за целата таа злоупотреба од страна на Западот спрема луѓето кои доаѓаат од овој и од другите региони во цел свет.

За животот на Западот плаќа некој друг

„Една моја братучетка работи во Куманово за германска компанија за 200 евра, прават делови за автомобили за мерцедес бенц, некои црева. Колку црева прави таа во еден ден, можеби илјада, а само едно од тие црева чини 200 евра. Зборот ми е како Западот го злоупотребува нашиот регион, но и многу пошироко. Зошто не и платат 500 евра, тоа нив ништо не би ги чинело? Тоа е лудило, сакам да се добие поголема слика, како за животот кој се води на Западот плаќа некој друг, тие луѓе го плаќаат тоа со своите животи. Го зборувам ова во глобална смисла, земји како Македонија, Босна и Херцеговина, Филипини, Индонезија, животот на Запад создава ситуација нашите луѓе да немаат друг излез туку да одат од своите земји за да дојдат до пари. Тоа е мојата сопствена приказна. Луѓето се потценети, видете го нивното работно време во тие бази, траело по 14 часа, само работиш и спиеш, ги третирале како робови и не добиваш слободно за викенд, туку тоа што работиш за викенд по неколку месеци го добиваш како како три недели одмор“.

„Според моето мислење, вели Анабела, би требало нашата влада да воведе мерки и да не може да се оди под некој минимум.“ Но, би рекла, со оглед на околностите, тоа е научна фантастика. Нашиот народ не случајно си заминува, не е заштитен тука, а не па надвор. Филмот на Анабела Ангеловска имаше светска премиера на фестивалот во Берлин, а сега беше во конкуренција во Сараево. И разговорите на фестивалите беа интересни, а и реакциите и личните јавувања до Анабела не стивнуваат. Очигледно тоа е тема за која допрва треба да се зборува.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ