*На децата најважно е да им подадеме рака кога им треба, кога нешто ги мачи или нешто лошо им се случува. Вие го направивте тоа преку учеството во МЕЃАШИ, и тоа во најкризните времиња и воени конфликти. Долготраен ангажман на ѕвезда, што сите пријатно нè изненадува.
-Во основа, ако на два дела ја делам мојата кариера, во социјализмот и потоа во транзицијата, можам да кажам дека во тие два дела, јас уште тогаш ги имав тие широки погледи, таа потреба да бидам секаде каде што ќе бидам и поканет и каде што ќе најдам добар мотив за да дадам дел од себе, дел од својата личност, дел од своето време, па дури понекогаш и дел од моите средства. Така што, порано често со моите колеги работевме со познати хуманитарни организации како што беа Републички Црвен крст, Градски Црвен крст Скопје и некои други низ Републиката. Добро беше за мене што си го усвоив методот да работам институционално, исклучиво со регистрирани организации. Инаку, индивидуално организирање нигде не поминува добро, освен, да речеме кај некои светски ѕвезди и нивните големи фондации. А, и причина беше што големите фирми не даваа доволно, затоа што цело време им ги оданочуваа нивните донации. Од ДДВ беа ослободени само кога донираа за репрезентативен спорт, надвор од Македонија, за
балкански и европски првенства. А ние кога сме настапувале хуманитарно како организатори – поединци, сме се радувале во натура што ќе успееме да собереме, најчесто било пелени, лекови, храна, многу е тешко да се соберат пари. Но, и тоа е оправдано, затоа што се прават списоци и сè ќе се подели, на оние таканаречени штитеници. Јас во моето детство случајно сум бил штитеник во Дом за деца без родители во Загреб, затоа и секогаш излегував во пресрет.
*Како се случи да бидете штитеник во Загреб?
-Не дека немав родители, но тие беа разведени, па не можеа да ме чуваат. Мајка ми се вратила во Скопје во 1952 година, а татко ми останал во Хрватска на служба, а судот ме доделил нему, кога сум имал две години. И тогаш тој ме дал во еден дом за деца без родители во Загреб, дом што го посетувала и Мајка Тереза. Подоцна, кога се отвори музејот, а и дојдов до некои монографии, прочитав дека навистина сум бил таму. А, дома имам една дописна картичка од милосрдните сестри кои мајка ми ги прашува за мене, а тие и одговараат на хрватски јазик: „Вашиот син Драган повеќе не е кај нас, Министерството за здравство на Хрватска го даде на посвојување во едно семејство“. Тоа го прочитал таткото на мајка ми, кој има работено во суд и викнал: „Што е ова, има ли закон, па барем да нè прашаат нас?“ Познати наши судии и правници му објасниле дека по сојузен закон мора мајката да се праша, иако судот одлучил да бидам кај таткото. Се качуваат во воз заедно со мајка ми, навредени од постапката и одат кај министерот и му велат: „Ние не излегуваме од канцеларија, овде ќе јадеме, пиеме и спиеме додека не го донесете Драган“. Три дена поминале, ме носат назад и потоа моите ме земаат и ме носат во Скопје. Затоа јас имам свој мотив, а не дека сум бил заинтересиран за пораст на мојата популарност или за моето естрадно битисување, таму сум бил по човечка линија, по линија на страдалник и затоа и така влегував во тоа секогаш несебично.
*Како се вклучивте во организацијата?
-Прифатив, уште во 1992 година, кога Горде и Драги од МЕЃАШИ дојдоа кај мене во Пионерски дом Карпош, каде тогаш работев. Имав колега службеник кој беше по хуманизмот и заедно се приклучивме. Таму се одржа и Основачкото собрание, режисерот Коле Ангеловски беше избран за прв амбасадор, а јас бев избран за прв вицеконзул. За среќа имав некои потребни ресурси, имав комби за девет патници, имав озвучување, имав програма, можев да одам каде треба да одржам програма − да свирам, да пеам сам, било каде, во урбана или во рурална селска средина. Требаше да се делат храна, облеки, лекови, да ги делиш така, на суво, без некоја церемонијалност, не личи. Па се создава надвикување, галама. Не! Убаво, културно треба, со забава, со песна. За тоа бев јас таму. Па, ќе дојде и популарна водителка ќе води, ќе дојде професор, па дојде доктор… Имавме разни соработници. Имаше и телефонски отворени линии за СОС, за социјална помош…
*Како Ве доживуваа луѓето од таа друга страна кога ќе видеа голема музичка ѕвезда, кој како хуман човек се ангажира разнесувајќи облека, храна, средства за хигиена, таму каде што беше потребно. Беа ли изненадени?
-Моментот кога Гордана се јави од Сараево дека авионите на Палер Македонија ќе преземат мајки и деца, мене, дека живеам блиску до „Даре Џамбаз“, ми се јави секретарот на Градскиот Црвен крст, да одам да ги пречекам трите автобуси од аеродром и да ги однесам блиску до Зоолошка градина кај поранешна американска амбасада, во блиската детска градинка. Беше речиси полноќ, јас го палам комбито и возам. Тоа ништо не е ниту напорно ниту тешко, она што го владеете, тоа ќе спаси, не треба ни да размислувате, само имајте на ум тоа спасува ситуации, дури и расположение, дури и живот…
*Да, така е, му ја појачуваш надежта, силата на човек.
-Одам таму, автобусите стојат во место, им се претставувам на возачите и им велам да одат по мене. Стигнавме, ги наредивме автобусите на ливадата за да ги сместиме и чекаме да дојдат секретарот Стојче со лекари, медицински сестри, со персонал, доброволци од Црвен крст и други стручни лица, да донесат храна, облека, вода, хигиенски средства, зашто градинката беше затворена, сè беше затворено, нема светло никаде, нема ни дежурен. Отидов одназад, гледам куќи, во третата ѕвонам, излегува еден човек по шорцеви и маичка и изненаден вели: „Што е Мијалковски во ова време, неволја некоја се десила? Од каде ти? На телевизија те имаше пред малку“. Па му кажувам дека носам бегалци и го прашувам дали има некој домар или домарка, што би ми отворила. „Аааа, вели, има во мојот двор, во мојата мала куќичка една кираџивка, задолжена за тоа“, па таа дојде со клучеви, отвори. Во тој момент бев зафатен со луѓето, ги држев во автобусите да не се растураат по ливадата. Кога ни отворија, им давам инструкции да влезат полека, да не се туркаат. „Уморни сте, ќе ви донесеме и храна и хигиенски средства и сè што треба.“ Една од мајките вели: „Благодарам, благодарам, децата еве тука ќе спијат на овие мали креветчиња, а каде ќе спиеме ние?“. „Да ви кажам невесто, вие на под, сакале нејќеле, имате покрив, имате санитарен чвор, децата ви се сместени како што треба, ќе ви донесат сè што треба, сигурно и душеци, па ќе си легнете. Јас сум бил на под три месеци по скопскиот земјотрес“, и реков малку на шега.
Пак филмот ќе го вратиме назад, не се случајни луѓето коишто помагаат во овие општествени неволји. Тие се суптилни, се вклучуваа за помош во големи драми, неволји, но во такви моменти тебе, како помагач, не те интересира поединец, освен ако падне пред нозе, па да го кренам и однесам на болница, но во такви ситуации ти делуваш и размислуваш за сите. За целиот проблем. И помагаш.
*Секогаш треба да се делува.
-Потоа имаше разни работи кои ги обавувавме, други активности, се рашири целата приказна низ Скопје, низ Македонија, низ Југославија, јас малку се повлекував, други доаѓаа, но едноставно секогаш бев на линија и мене ми е драго што сум дел во еден таков убав проект корисен за нашиот прилично растурен, а убав Балкан. Поширока е таа моја мантра за Балканот, не можам да го ставам во мало нешто. Толку убаво е, такви убавини да имаме, а такви неволји и такви проблеми да ни се случуваат, тоа се две неспојливи нешта. Ние сепак, сме упатени едни на други, мора да живееме заедно, мора да сме цврсто на земја.
*Треба конкретно дело, емоцијата не може да направи, рацете прават.
-Се помага и се молчи. Одвреме навреме некои плакети ќе се добијат, некои признанија во животот, но најголемите признанија се ако си ги видел тие емоции на тие луѓе кога ќе изразат и благодарност, тогаш веќе си сигурен дека од сите нас е направено најдоброто.
*Колкава е моќта на волонтерството, каков ефект може да направи !?
-Бев во Бунец, таму имаше неколку илјади бегалци, од разни возрасти, од деца до стари луѓе и им правам хуманитарен концерт на пладне. Грееше сонце, убаво време и на крај од концертот децата ги повикувам: „Ајде дојдете, фатете се едно по друго и ќе правиме воз, ќе играме“, им запеав песна од сараевската група „Проарте“, „Тиќе, тиќе, тачке…“. Заврши песната која во рефренот има многу силна порака и вели: „Тиќе, тиќе, тачке, нема више врачке, јер ко врати, мора да плати“. По концерот децата беа расположени, уживаа и одеднаш доаѓа една мајка и ми вели на босански: „Кој те прати?“. „Но, што е, да не нешто погрешив?“, прашав јас. „Не, не, вели, мојата ќерка во Сараево доби шок кога играјќи си во дворот, во близина експлодира проектил и до овој ден, до оваа песна, таа не контактираше со мене, не зборуваше, ниту нешто пишуваше. Само молчеше, јадеше и пиеше. Кога ти рече: „Ајде деца, да играме и да пееме и да правиме воз“, таа истрча од моите раце, а кога заврши сè, тоа играње и пеење таа ме праша: „Мамо, дали виде како играв и пеев?…“ Како детево да се разбудило од некоја состојба. Шест-седум месеци мајка ѝ ја носела по клиники во Скопје, кај доктори, на психијатри и ништо не можело да се стори. Но, клучот бил во нешто друго. И, потоа, додека јас возев кон Скопје, анализирав и ми текна дека на песната и она што мајката рече: „Играше во двориште, падна проектил и таа занеме“, тоа значи како да примила некоја невидлива наредба „не смееш да играш повеќе“, тоа „паууу“ кое одекнало, ја закочило без зборови . Никој не ѝ рекол со зборови, но тоа е забрана што потсвесно значи „стигнува зло, забрана, марш одовде, од двориштето, не смееш да играш!“, детето прима во себе и молчи, се исклучува од сè. Кога оној чичко рече: „Дојдете да играте и пеете“, сè се сменува и во нејзиното мозоче се создава идеја дека „сега може!“, нова афирмација на мозокот. Не е веќе забраната, туку сега доаѓа дозволата. Одобрувањето. Јас се шокирав и си мислам, замисли еден композитор Ѓорѓе Новковиќ, моја генерација кој веќе не е меѓу нас, кого го знаев лично, тој заврши Музичка академија во Сараево, ја основа групата „Проарте“ со која бевме на турнеја, се спријателивме и станавме многу блиски, имаше многу успешна кариера и многу хитови со сите најпопуларни југословенски изведувачи во тоа време, тој сега, со песната како композитор, како автор по толку години помогнал најмалку на едно дете, да му се случи освестување од некоја хипноза. Каква силна порака! И, во тие работи во некоја боја, во некоја слика, во некоја поезија, во некој контакт, во некоја личност, во било што може човек да најде спас, во нешто што му се прекинало во животот. Замисли да останел комплексот со години, со децении да се вкорени.
*Интересно, просто чудесно е колку децата го разбираат јазикот на пораките, јазикот на неправдите, секогаш точно знаат да оценат што е добро, а што не и искрено да реагираат, и јазикот на музиката − во кој свет најмногу уживаат. Кога Вие би избирале, кој Ваш стих од сите испеани песни и хитови, би им го посветиле на сите деца во светот?
-Па еве, на пример, на децата би им ја посветил песната „Чадорче“ на којашто јас сум автор на текстот, а син ми Дарко Мијалковски е автор на мелодијата, песна испеана во серијата „Супер ѕвезда“. Дарко има продуцирани 750 композиции за деца во таа серија од кои стотина имам јас, една од нив е „Чадорче“, која во рефренот вели: „Кој си носи чадорче, не наврнува, сув поминува, а не настинува“. Тоа е порака којашто практично покажува еден вид потреба од заштита, навреме да си имаш, да си чуваш едно чадорче, гледано како заштита, воопшто. Човек претходно, на некој начин, да се подготви и за не дај Боже…
*Сиромаштијата, од една страна, трката по кариера, од друга страна, се главни непријатели на детето. Вие сте семеен човек и дедо и со тоа и пример. Имавте ли двоумење во екот на најголемата слава како поп-пејач дали да ги одберете цврсто патеките по кои чекоревте, кои се многу возбудливи и привлечни, а водат само кон сцената и топ-листите, или првенствено семејството, децата, кои се нешто свето и незаменливо?
-Светот јас го гледам креативно и уште од моето детство имав некој поширок светоглед, што посебно доаѓаше до израз во начинот на презентирање на приказните, кои тогаш ги слушав на Радио Скопје во една емисија „101 приказна“, со гласот на Борис Мајсторов. Не само што ги слушав кога дојдов во Црниче, и се префрлив да учам во ОУ „Кочо Рацин“ , јас веќе имав осум години и во маалото важев за раскажувач на приказни. Уште тогаш ги сакав народните мудрости, од нив учев многу. Да се вратам на конкретен одговор, сè е до домашното воспитание. Бев единец, немав браќа сестри и од моите дедо, баба, по мајка ми, слушав мудри совети, претежно од дедо ми. Тој ме учеше: „Секогаш биди добар, секогаш оди посети ги постарите“, а бидејќи имавме куќи со капии во старите маала, ми велеше: „Тропни на капија, прашај ги како сте, што правите, здрави, живи сте, ајде пријатно“. Вели: „Една минута е доволно за здрава комуникација.“ Живеевме во Пајко Маало кај црквата Богородица, тука беше и чаршијата и Бит-пазар, дедо ми општеше со занаетчиите и ќе му речеше: „Добар ден“ на секој кој му беше пријател, се поздравуваше со газди на дуќани, јорганџија, кујунџија. Тој направи еден таков гест кога се оженив, што не можам да го заборавам. Млад се оженив, немав ни 20 години, а мојата сопруга Ели 19, и не се работеше за зрелост, многу повеќе за храброст од двајцата нас. Немавме ништо повеќе од две чинии. Но, јас имав една среќна околност − повторно за хуманоста и за далекугледост се работи. Додека сум бил мал, дедо ми успеал да издејствува алиментација од татко ми и кога се оженив млад, ми ги даде парите. Тој ги чувал, не ги трошел, толку бил хуман, толку бил добар, што пари наменети за мојата грижа, замислете, ги ставал настрана за кога ќе притребаат за мене. Не помина една година, со тие пари и купивме малечко еднособно станче, потоа се роди и Дарко, па го продадовме малиот стан и на улица „Македонија“ купивме трособен стан и сè уште сме таму. Тоа е силата на семејството во таа смисла и грижата кон децата.
*Вие кон Вашите деца како постапувавте, ги оставате ли сами да си изградат светоглед?
-Дарко беше седмо одделение кога почна да правиме муабет каде во средно. Кумот мој беше електроничар, имаше успех во сето тоа, подоцна ја отвори познатата фирма „Видео Дата“ и синот мој беше сведок на нивната работа. Тој сакаше да учи електро, математика. И како и секое дете почна да навалува за компјутер. Но, бидејќи учеше нижо музичко, знаев дека компјутерот ќе му послужи да прави песни. Подоцна и таков компјутер си доби, синтисајзер семплер и со тоа почна да си работи, од мал компонира. Во 1990 година, кога конкурираше на еден светски фестивал за забавна музика до 18 години, му примија две композиции, едната беше варијација на наша македонска народна фолк-тема, а другата беше забавна поп-композиција што ја отпеа на англиски јазик една негова другарка Холанѓанка, овде во Скопје, а потоа тој таму отпатува еден месец, помина едно големо убаво искуство, така што тој го виде светот, таа технолошка моќ и тежнееше кон тоа. Тогаш сфати дека повеќе сака организација, менаџмент, маркетинг, сето тоа го вметна во „Супер ѕвезда“, како проект. Сам си фати правец. Сега со семејството е во Австралија. Ви го опишав Дарко за да видите дека не е конформист, од мене и од Ели го има земено тој ген за иницијативност. Процесот на репродукција е најсилниот закон и основната цел на постоење на човекот.
*Материјално човек може да има сè и пак да ја нема среќата бидејќи не е рамноправен. И сè да им оставиме, сите материјални богатства, сета уметност и музика, ако децата останат без своите права, тогаш што сме им оставиле?
-Се е тоа синтеза, симбиоза, спојување на сите потреби и сите можности на човекот што може да направи, не по цена на здравје, не по цена на газење по луѓе, туку со добар план, со добра едукација, со држење на минатото, сегашноста и иднината во еден баланс. Нереалното да се тргне настрана, премногу конформизам настрана… Мора да си активен, мора психофизички да се грижиш за себе, затоа што она што ќе го оставиш како интегритет, целата личност, тоа им го оставаш на младите. Ретко прифаќаат од некои идоли од телевизија, и доколку тоа го направат, обично проблематично завршуваат ако се негативни ликови. Младите сега растат во самотија, многу луѓе не можат на децата да им обезбедат слободно време, додека се на работа родителите, децата да бидат правилно згрижени. Ние некако поминавме со релативна контрола врз децата, моите пораснаа кај другиот дедо. А таму имаа убава поддршка, дедото има убава градина, убав двор, беше весел, духовит, беше занаетски тип со манири и садеше сè и сешто, кајсии, патлиџани, пиперки, едно време овошки, грозје, беше тип на мајстор направи сам. Видоа што значи доброто опкружување. Од друга страна, јас во Пионерски дом се вработив во 1985 година, кога имав 30 години, а Дарко тогаш веќе имаше 13 години, беше во чувствителна фаза и што беше интересно, што претходно јас самиот имав сфатено, дека е добро секаде да го прошетам, по курсеви за странски јазици, по пливалишта, по спортови, на театарски и на музички спектакли, на концерти, со сите ѕвезди се знаеше, особено оние што дома доаѓаа имаше лично познанство, но да му овозможам сам да си создаде светоглед. Исто постапував и со ќерката, која е 7 години помала од Дарко. Кога дојдов во Пионерски, се потврди мојата пракса таму. Иако не сум педагог, немам завршено педагогија, но гледав како работат педагозите, и мајка ми беше педагог едно време и на моите пријатели кога ќе побараа да ги примам децата на некој курс, им велев: „Не се лути, но прво ќе го донесеш кога имаме фолклор, нека гледа, гитара, хармоника, синтисајзер клавир… Нека гледа и само нека одлучи, а догодина ќе го запишеме. Зашто има родители амбициозни, преамбициозни.“
*Некоја интересна случка од тој период?
-Ќе ви раскажам анегдота за Симон Трпчевски, водечки светски пијанист. Во Пионерски почна како играорец. И додека музичарите одмораа на пауза, тој почна да им свири на нивните инструменти − тарабука, тапани, гитари, клавир, хармоника… Татко му беше судија во Судот за прекршоци, блиску до Пионерски кај фонтаната и доаѓаше кај нас на кафе и разговараме. Вели дека ќе му купи хармоника за дома да вежба. Симон отиде во средно музичко и потоа на Академија, и прва година оди кај моите соседи, професорот Борис и Људмила Романови, тоа се Руси кои предаваат музика овде, и Борис му даде уште повеќе крилја. Еднаш Симон со татко му Ѓоко дојде во Љубанци кај бегалците во детското одморалиште, дојде и Есма Реџепова Теодосиевска… И вели: „Чичко Драган, те молам на твојот синтисајзер да отсвирам една песна“. До тој момент немав забележано
дека тој знае и свири, ме изненади како ја отсвире една народна тема, но и со тоа како едно младо дете доаѓа на хуманитарна акција, покажува лична одговорност и има чувства, има емоции, има време да помогне. Тој е капацитет. Тој е креативец и хуманитарен. Има душа, широка, милосрдна, се зачудив толку мало дете, а желба да се појави пред бегалците.
*Која е најважната лекција која Вие ја научивте со Вашето присуство и ангажман во МЕЃАШИ ? Се гордеете со своето дело и примерот што го дадовте?
-Па, истиот сум не сум се променил од основањето до денес, еве 30 години. Такви се и тие Гордана и Драги, столбот на МЕЃАШИ. Тука беа и доктори, социолози, психолози, но зборувам за тие што имаа најголема улога и што помагаа на телефони на луѓе во траума што се срамат да побараат стручна помош. Радиооператорите одиграа улога кога немаше комуникации, тогаш радиоаматери со своја технологија се вклучуваа и од нив добивавме информации од терен. Разменувавме информации со хуманитарците на Балканот, секоја чест за нив бидејќи дење-ноќе демнеа и пренесуваа. Ние, како држава, не бевме директно поврзани, телекомуникациите не работеа кон Белград и Загреб, јас не можев ниту на татко ми да му се јавам во Бјеловар во Хрватска, ниту тој мене. Таму живееше и таму почина, дури не ни знаев дека починал тогаш во тој бурен период од тие неколку воени години низ Хрватска и делови од Босна. Беше тоа страшен период, но ниту некој од нас не ја злоупотреби МЕЃАШИ за приватна потреба, дури ни за еден телефонски повик. Сите овие луѓе и оние институции кои ја помагаа МЕЃАШИ со средства, со материјали, со репроматеријали за работа, простор, беа драгоцени. МЕЃАШИ почна во една куќа во Дебар Маало, во куќата на Владо Шопов, брат на славниот поет Ацо Шопов во Дебар Маало. Друго, што најмногу ми се допадна во статутот е дадениот завет, бидејќи таа е регистрирана во Обединети нации и заветот гласи недвижниот имот што ќе го стекне во своето постоење, делување, развој, евентуално во случај на гасење се префрла во сопственост на Обединети нациии. Исто, за секоја неповолна ситуација за деца и злоупотреба веднаш се јавува во јавност Амбасадата и бара коректна информација од власти и не дозволува размавтување на негативен однос кон деца, никаква злоупотреба, максимална заштита. Сиромашна земја сме, ама за да одржиме однос кон децата и правата на децата, не сме толку бедни и сиромашни, туку да не се правиме наудрени. Е, и јас сум со таков став, сите тие се нечии деца, не во онаа социјалистичка смисла сечии и ничии, туку се наши деца, апсолутно наши, значи штом се иднина на овој дел од човештвото, наши се и наша задача е што можеме за нив да правиме да го направиме. Не можеме премногу, не можеме чуда, но барем минимумот, да се држи чекорот, да се внимава да знаат луѓе склони кон одредени девијантни постапки кон децата дека секој обид ќе им биде бесцелен и ќе бидат изнесени во јавност, тоа е една многу голема придобивка, зашто во кризен период и за време на војна се зголемува агресијата врз децата по сите основи, експлоатација на неверојатно ниво. Не сум слушнал кај нас, но во светот ги пуштаат во рудници долу во онаа „прљавштина“ со раце да збираат ќумур или други ресурси, само затоа што се сиромашни или со проблеми во семејството. Да не зборуваме за други работи, за области многу осетливи со либидото на децата, пороци, наркотици, алкохолизам, девијантни појави во шоу бизнисот. Тие се лажат, и ќе цитирам еден интересен цитат од мили пријатели кои велеа “шаренилото лаже” . Се е ова шаренило, примамува. Ќе види едно дете шаренило (светла, рефлектори, диско, клуб, бар) , кои може да го однестат во една апсолутно опасна ситуација. Мора на сè да се внимава со децата и во секој момент.
***
Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска Парго авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022
Монографијата можете да ја прочитата на следната страна bit.ly/3MuRkxa