четврток, декември 19, 2024
дома"Паралелни светови" - изложба на Денис Јагџи во Сули ан

“Паралелни светови” – изложба на Денис Јагџи во Сули ан

На 19 октомври 2023 година (четврток), со почеток во 19 часот во објектот Сули ан – галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, во Старата скопска чаршија, ќе биде отворена втората самостојна изложба “Паралелни светови” на фотографот Денис Јагџи.

Во современиот технолошки галамтијас живееме со крупни чекори и со ширум отворени очи и гради, прифаќајќи ги придобивките и предностите од новите цивилизациски изуми, а не размислувајќи, ниту пак осврнувајќи се на жртвите кои ги принесуваме прифаќајќи го „данокот“ на новата технократска доба. Побргу комуницираме, виртуелно споделуваме информации со еден клик, работата ни ја олеснуваат разновидни помагала, а ние наместо да ги зачуваме вредностите кои се суштина на егзистирањето, стануваме робови на самите технолошки помагала кои треба всушност да ни го „олеснат“ животот. Зависноста која ја создаваме кон нив не претвора во маѓепсани марионети кои колективно „влегуваат во матриксот“ на хибридниот медиумско-платформски пејзаж и комплетно ја менуваат когнитивната перцепција на нормалното хуманистичко функционирање. Да не говориме за етичко-моралните прашања кои се проицираат од ваквиот мизансцен и кои на едно сосема цивилизациско рамниште го поставуваат дискурсот за лимитите на хуманистичката дистопија.

Низ фотографскиот објектив младиот фотограф Денис Јагџи обработува еден сегмент од ваквата реалност, создавајќи инсценирани и мрачни техничко-електронски паноптикуми, како своевидни „стаклени кутии“, во кои вгнездува неприродни за средината тела – детски играчки. Јагџи, ги конфронтира овие два света кои се борат помеѓу себе и кои се белег на денешниот социо-општествен хабитус. Еден мал песочен часовник станува нем сведок за времето кое отчукува и минува и кое неможе да се врати назад. Тик-так… Данокот го „плаќаат“ децата.

Денис Јагџи е роден во 1996 во Призрен. Тој е дипломиран фотограф. Дипломираше на катедрата по фотографија на факултетот за Аудиовизуелни уметности Еуропа Прима-Скопје, во класата на проф. М-р Роберт Јанкулоски и доцент М-р Елена Бојаџиева. Неговата прва самостојна изложба,како дел од дипломскиот труд насловена „Портрет на градот”, беше изложена во Национална галерија на РСМ – Мала станица во 2019 година. Неговите фотографии биле дел од повеќе групни изложби: Артекологија (2021), 32та сесија на Ликовната колонија Галичник (Скопје, 2021), Фотософиа(Загреб,2019), Идентитет (Дортмунд, 2018), Идентитет (Скопје, 2018), Скопје Креатива (Скопје, 2017), Теми од мојата земја Македонија (Скопје, 2018).

Изложбата е финасиски поддржана од Министерство за култура на РСМ. Логистичката поддршка е на Факултет за ликовни уметности Скопје.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ