Понекогаш некои работи не можеш да ги објасниш освен да се обидеш да ги опишеш како нацрт и да ги оставиш такви какви што се… Имено, тоа би било и најточната дефиниција на чувството на премиерната концертна изведба на делото „After the Wildfire”, со кое синоќа беше означен почетокот на годинешниот 42. Скопски џез фестивал.
Осумте, специјално за оваа прилика компонирани композиции од страна на реномираните норвешки џез автори Јан Банг и Арве Хенриксен, аранжирани и диригирани од нашиот Џијан Емин, само навидум беа ЏЕЗ композиции, а мајсторски конвертирани во ЕТНО музичка содржина, која ја оддаваше целата слика на македонското и македонскиот бит, и ти го вибрираше духот до степен на нирвана.
А тој флуид на релација “ноти- крвни зрнца”, не се случи само со домашната публика, тапанот и кавалот ги параа и оние со туѓи гени, кои дошле од некаде а се нашле пред таа сцена.
Делото беше компактно од почеток до крај, композициите како надоврзани една со друга, напишани за труба, семплер, оркестар, перкусии, кавал, зурла и по некој македонски стих со етно вокали, изведени со поддршка на норвешкиот перкусионист Ингар Зак, многубројниот оркестар на институтот „Фејмс“, како и неколку познати македонски пејачки и кавалџии.
Најавено беше како дело кое всушност било нарачано за оваа прилика, а се случи дело кое било долго истлеано и само чекало момент кога ќе се сретне со публиката. Нарачка, која природно била многу одамна и се случувала како процес кој сега продрел од зад завесите, на виделина.
Маестро Џијан Емин, без никаков (но не неоправдан!) пардон со своите раце го моделирал пластелинот (музиката) на Јан Банг и Арве Хенриксен, исклучиво како што му се движеле самите прсти. Не дека не знаевме што сѐ можел и досега, ама овој пат навистина се надмина и себе си, во наша визија изгледаше како некој сериозен доктор- научник- магионичар- алхемичар во бел мантил кој од пластелинот прави фигури кои пред очи ти оживуваат, се движат, играат, ти зборуваат, ти се смеат, ти танцуваат нежно на ганглии, прават сѐ, така оживеани и весели пред тебе, пластелински меки, а толку силни како да не можеш да ги стопиш со допир.
Во почетниот збор директорот на фестивалот Оливер Белопета нагласи дека норвешките џезери посебно импресионираат со своите џез творби и изведби несомнено, тоа синоќа го даде најсилното во спојот- совршенство со совршенство.
Совршената норвешка со совршената македонска мајсторија.
Бум! По ова СЏФ веќе добива и нов концепт, а “експериментот” или нарачката веќе го носи во нова димензија, а верувам дека како музичка форма и по хоризонтала и по вертикала, ќе стане предизвик на едно пошироко ниво. Не дека и досега немало по некој скромно вметнат етно, но овој пат беше имплозивно, овој пат беше навлегување и преплетување на жанровите, во кој етното беше доминантниот водич, што го создаде фактот дека македонското етно јако му влезе во ребра на џезот.
За среќа на поширокиот аудиториум се снимаше и ќе биде објавено и на носач на звук, за во колекции од типот “must have”.
Топлината на салата на НОБ ти дозволува да се опуштиш и да заборавиш дека не си дома, а неколкуте нежни стихови на поетот Владимир Мартиновски на почеток изведени на големото платно зад оркестарот само го дадоа она волшебно воздивнување “хууууу, во влезот на овогодишниот Скопски џез фестивал, кој веќе по овој етно уникат и да сакаме нема да можеме ни случајно да го заборавиме и смешаме со другите изданија.
Валентина Ѓоргиевска Парго