Специјално од Љубљана, Валентина Ѓоргиевска Парго
Конференција со наслов „Advancing Renewable Investments“ се одржа деновиве во Љубљана, на која Секретаријатот во Љубљана ги поттикна можностите за инвестирање во обновливи извори на Балканот и во уште неколку други земји, како Молдавија и Грузија. Поточно, на 16 ноември 2023 година во хотел Интерконтинентал во Љубљана, Секретаријатот на Енергетската заедница, во соработка со словенечката Влада, ја организираше инаугуративната Конференција на Енергетската заедница за унапредување на инвестициите во обновливи извори, која ја нарекоа и историска. Настанот обедини 110 учесници и уште 100-тина онлајн присутни, поттикнувајќи значајни дискусии, можности за вмрежување и размена на знаење меѓу повеќе страни од различни сектори.
На отворањето на Конференцијата зборуваа Тина Сершен државен секретар во Министерство за животна средина на Република Словенија Јоланда Гарсија Мескита, раководител на Одделението за односи со земјите- членки и Енергетската заедница- Европската комисија, Дирк Бушле заменик- директор, во Секретаријатот на Енергетската заедница, а меѓу дваесетте излагачи, дел од дискусијата беа и Виктор Андонов директор за развој и инвестиции, АД ЕСМ Северна Македонија и Магдалена Даскалова советник за обновливи извори на енергија во Министерство за економија на Северна Македонија.
Од излагањето на Андонов слушнавме дека АД ЕСМ беше предвесник на енергетската транзиција во регионот со изградба на првата и најголема фотонапонска централа на почетокот со инсталиран капацитет од 10 MW, на локацијата на стариот рудник во РЕК Осломеј.
Тој нагласи дека Република Северна Македонија е првата земја во регионов која спроведе успешни аукции за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште, што доведе до склучување на договори за изградба на фотонапонска централа со премиум тарифи со инсталиран капацитет од 130 MW. Воедно, Владата се одлучи на изградба на нови 530 MW фотонапонски централи низ целата држава за само две години.
Воедно, ова акционерско друштво има амбициозен план за инвестирање во чиста енергија, посебно во фотонапонски централи, и во моментот со фаза на изработка се технички анализи за нови над 200 MW фотонапонски централи со техничка поддршка на EBRD и KfW банките, во што ЕСМ ќе ја игра клучната улога во енергетската и праведна транзиција…
Од страна на излагачите, на конференцијата се нагласија и напорите на Енергетската заедница во воспоставувањето цврсти правни и регулаторни рамки, како и поттикнувањето на забрзувањето на инвестициите во обновливите извори на енергија. Овие значителни напори се усогласуваат со нивните цели до 2030 година и посветеноста на транзицијата на зелена енергија.
Конференцијата послужи како катализатор за поттикнување на соработката меѓу владините претставници и потенцијалните инвеститори кои сакаат да ги истражат можностите во секторот за обновливи извори на енергија. Агендата навлегуваше во критичните области како што се шемите за поддршка, гаранциите за потекло, договорите за набавка на енергија од обновливи извори (ППА), само-потрошувачката и рационализирање на процедурите за издавање дозволи за проекти за обновливи извори на енергија, покажувајќи сеопфатна посветеност за унапредување на пејзажот за обновлива енергија.
Следниот ден, на 17 ноември, Координативната група за обновлива енергија (RECG) се состана во Љубљана, со што дополнително ќе се зацврсти заложбата за унапредување на решенијата за одржлива енергија во рамките на Енергетската заедница.