Во „Јавна Соба“ денеска беше промовирана системот за рано предупредување на веб-страницата за исчезнати деца, како и страницата „najdime.org.mk“. Промовираната страница е на три јазици-македонски, албански и ромски, а функционира во соработка со МВР.
На промоцијата на системот, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири најави дека ќе се воведува и новина во електронскиот дневник, односно родителите веднаш би биле известени доколку ученикот отсуствува од час, ашто патем е и дел од тн. внатрешен информациски линк меѓу училиштатат, Центрите за социјални работи, министерствата за здравство, образование и мтсп.
„Се прават сите напори електронскиот дневник да биде интегриран, да биде поврзан со родителите, како ти би добивале информација за нивните деца, веднаш после внесување на податоците. Ова е уште едно системско решение на кое се работи“, изјави министерот за образование Шаќири и додаде: „„Добро е што првиот чекор е направен. Имаме пилот проект и огромна благодарност до сите кои учествуваа во креирањето на оваа првична верзија на системот што денес ќе биде презентиран. Се надевам дека ќе биде ефикасен, но и верувам дека сите ние ќе се заложиме во иднина тој континуирано да се надградува, особено со примена на позитивни искуства од развиените земји“, потецирајќи дека Северна Македонија е земја која ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на детето и како што рече, ставот по однос на ова прашање, меѓудругото може да го зацврсти и токму со воспоставување и примена на ваква алатка.
Од МВР велат дека овој систем и еден класичен пример на соработка со граѓанските организации, што ќе придонесе за поголема безбедност.
На Конференцијата беше истакнато дека исчезнувањето, ризиците за исчезнување на децата како тренд во модерното општество, насилството, дали се работи за онлајн насилство, физичко насилство, психичка злоупотреба, се предизвици коишто широко ги засегаат сите чинители, меѓутоа најповеќе децата како најранлива категорија.
Еден сегмент од проектот е посветен и на маргинализираните групи и децата коишто доаѓаат од семејства во социоекономски ризик, односно за зајакнување на капацитетите и препознавање на предизвиците кај овие ранливи категории.
Организаторите појаснија во врска со функционирањето на системот дека секој и од секаде може да пријави исчезнато лице. Пријавата не се гледа во јавност, ИТ лицата кои стојат зад веб – страната ги разгледува податоците и ги пријавува во МВР. Потоа се чека повратна информација од МВТ и се објавува исчезнатото лице.
На настанот беа промовирани и останатите постигнувања од проектните активности во изминатите две и пол години, препораките до институциите, а со сите засегнати чинители, претставниците на институциите, бизнисите, експертите, ќе се дискутира и за бенефитот од размената на искуства, олеснетата меѓуинституционална размена на информации и поддршката на системот за алармирање за да се намали ризикот од исчезнување на децата и да се забрза процесот на наоѓање.
Следејќи ги искуствата од другите земји кои имаат системи за предупредување за исчезнати деца и потпирајќи се на австрискиот пример – „Австрија ве наоѓа“, Новинари за човекови права и во соработка и под проектен менаџмент на ECPAT Австрија, го спроведува проектот во Северна Македонија со експертска поддршка од земјава и ЕУ и ангажирање и вмрежување на повеќе чинители: јавен и приватен сектор, граѓански организации, медиуми.
Проектот, чија главна цел е да се подобрат постоечките пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења, се спроведува во периодот од 1 јули 2021 година до 31 декември 2023 година, со финансиска поддршка од австриското Сојузно Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
А.Н.