вторник, октомври 22, 2024
домаОмразата не е на листата на гости и нема да биде повикана

Омразата не е на листата на гости и нема да биде повикана

Можеби Берлинале е далеку од тоа што беше, но не му недостига ангажман, не му недостига храброст и борба, не му недостига одважност и добри независни филмови. Филмот е тука со сиот свој сјај, а она што луѓето го преферираат е отпорот, како личниот, така и заедничкиот

Наш специјален известувач
Сунчица Уневска

Сликите од отворањето на 74. Берлинале кое го крена силно гласот против расизмот и во одбрана на демократијата го обиколија светот. Берлинскиот фестивал отсекогаш и важел за најполитичен, а годинава како да го докажа тоа, дека е подготвен да не дозволи изненадувања, ниту да прави компромиси, по било која цена. Само една недела пред почнувањето на фестивалот тие објавива дека ги повлекоа поканите за петмината претставници на крајно десничарската партија АФД (Алтернатива за Германија) и дека нема да дозволат никој да ги урива темелите на кои овој фестивал е изграден, а тоа е демократијата.

„Се противиме на сите облици на дискриминација, било да е во прашање антисемитизам или исламофобија. Многу од луѓето во тимот на Берлинале се погодени од десничарската партија АФД, чии намери се да ги депортираат мигрантите, да ги избркаат од нашата земја, а тоа е нешто што ние не можеме и нема да го толерирарме како фестивал“, изјави извршната директорка на фестивалот, Мариете Рисенбек. „Берлинале има многу простор, нагласи таа, за дијалог помеѓу луѓето и нивната уметност. Но, нема место за омраза. Омразата не е на нашата листа на гости и нема да биде повикана“.

На нејзината изјава се приклучи и министерката за култура Клаудија Рот, која додаде дека во моментот „на удар“ на екстремно десничарските сили е германската демократија. „Тие сакаат да ја разделат и да ја уништат нашата земја. Нашата мирна демократија. Сè што тие сакаат е омраза и омраза. Но, ние на тој растечки расизам и омраза се спротивставуваме токму со убавината на различностите, со почитувањето и храброста. Всушност, емпатијата и хуманоста се нашиот одговор на нивната омраза“, истакна министерката.

За таа цел самото отворање беше придружено со изложба, чиј наслов гласеше: „Филмаџиите за демократијата, за различноста и мирното заедништво“. Имено, така и започнуваше колоната на црвениот килим застанувајќи првенствено да ја види изложбата, која како инсталација ги дочекуваше гостите. Впрочем и самата водителка на церемонијата на отворањето, Хаднет Тесфаи (заедно со Џо Шек), изјави во смисла што би можел да направи филмскиот фестивал кога илјадници луѓе загинаа, а на Блискиот исток има насилство уште од 7 октомври. „Се разбира дека сето тоа има влијание на нас како луѓе и секако дека влијае на една институција како што е Берлинале. Не можеме да се однесуваме како тоа да не се однесува на нас. Затоа што се однесува, и тоа сто посто“, рече Тесфаи и доби огромен аплауз во „Берлинале паласт“, каде што и се одржуваше свеченото отворање.

Фестивалот годинава дефинитивно го одбележаа демонстрации, а на самото отворање се одржаа дури три. Првата беше демонстрацијата на која учествуваа шеесетина филмски творци, кои ги запалија и ги подигнаа своите телефони извикувајќи – „Да се одбрани демократијата“, а истите зборови се појавија и на големиот екран кој се наоѓа кај црвениот килим. Втората група одржуваше контрапротест надвор од границите на фестивалот. Се работи за прогресивниот колектив на уметници ХАЦК кои го истакнаа транспарентот: „Никаде нема место за фашисти, ни во културата, ни во сенатот“. Додека третата група беа работници од филмската индустрија кои бараа подобри услови за работа.

Интересно е што многумина од поканетите на фестивалот ја искористија можноста за да ги истакнат своите политички пораки. Така, американската режисерка Елиза Хитман (која претходно доби „Сребрена мечка“ за филмот „Никогаш, ретко, понекогаш, секогаш“), а која сега е вклучена во жирито за најдобро деби, на својот фустан позади имаше зашиено порака – „примирје сега“, поддржувајќи ја глобалната кампања која повикува на акција за да престане војната во Газа. Додека, најатрактивни беа сенегалската моделка Папис Лавдеј која држеше огромен плакат на кој пишуваше „Нема расизам, нема АФД“, како и германската актерка Фелин Роган која имаше ѓердан на кој пишуваше: „ФЦК АФД“.

Интересно е што годинава имаше многу преседани, но сè падна во сенка на овие случувања. Имено, фестивалот за првпат се отвори со ирски филм, „Како овие мали работи“ на Тим Милантс, а интернационалното жири, исто така, за првпат го водеше црна актерка, Лупита Нионго. Инаку, за филмот веќе најавивме, дека е направен по фалениот роман на Клер Киган, кој беше номиниран за Букерова награда, но факт е дека овде не ги одушеви критичарите. Да потсетиме дека тоа е приказна за еден семеен човек кој ќе открие дека локалниот манастир бил сурова институција. Тоа ќе го натера да се соочи со некои тешки вистини… А за малку главниот актер Килијан Марфи и еден од продуцентите, Мет Дејмон, кои инаку би го привлекле целото внимание, оваа година поминаа речиси незабележано.

Можеби, токму поради настаните, всушност, друг филм е оној што го привлече најголемото внимание, барем досега. А тоа е филмот на германскиот режисер Андреас Дрезен „Од Хилде, со љубов“, кој зборува за вистинската приказна за Хилде Копи, која важи за икона во Источна Германија, за „апсолутен супер херој“, за комунистичкиот отпор. Тоа е времето на 1940-тите, едно темно време за германската историја, приказна на која Андреас Дрезен и пристапува сосем различно од очекуваното.

Имено, тој оваа група млади луѓе ја гледа сосем поинаку, како пријатели кои се сакаат и си веруваат, Хилде и Јоханес се двојка која е многу вљубена, тоа се луѓе кои не работат поради некој фатализам, поради омраза, или обземени од некакви идеи заради кои се подготвени да умрат. Не, тоа се едноставни млади луѓе, кои само го прават тоа што мислат дека е правилно. Меѓудругото, тие уживаат во својата љубов, во својата дружба и често работите ги прават едни заради други. Некако, како што Андреас Дрезен вели и самиот, тој се обидува да најде баланс, да ја прикаже убавината, младоста, невиноста. Хилде (која ја игра Лиза Фрајс од „Вавилон Берлин“), како што вели тој, била таква, таа не била никаков супер херој, туку едноставна жена која верувала во тоа што го прави и многу го сакала Јоханес.

Тој успева во целата таа темнина да го воспее животот, успева дури и другата страна да ја покаже поинаква поради однесувањето на Хилде, која е трудна тогаш кога ќе ја притворат. Таа има навистина малку време, но ужива во мајчинството и на другите жени им помага колку што може. Тој буквално се обидува да балансира меѓу темнината и животот, надежта и хуманоста и покрај хоророт со кој се опкружени, тој не зборува за монструми, туку за обични луѓе, што поради сплетот на околности се похрабри од другите. „Сакав да го најдам доброто во секој од нив“, вели Дрезен. И се гледа дека филмот е направен со љубов, истакнувајќи дека тоа е една генерација која била ретка во тоа време, но која била убедена во своите уверувања, кои ќе останат да се паметат сè до денес. Има некоја топлина и убавина во неговиот приод, која некако како да нѝ е денеска потребна повеќе од било кога. Затоа и не е чудо што филмот ги полни салите, но и добива огромни овации, а води и на листата на критичарите.

Во трка се 20 филма, навистина многу различни меѓу себе, дојдени од различни страни на светот, но сите се независни и многу ангажирани. Годинава има избор, иако фестивалот изгледа ќе треба уште многу за да се врати на старото и да ја врати атмосферата која ја имаше. Како и да е, салите се полни, интерес има, а исто и публика. Интересни автори, необични филмови, инспиративни теми, но за тоа во другите текстови.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ