недела, ноември 17, 2024
домаОскарите без изненадувања - за „Опенхајмер“ седум, а за „Бедни суштества“ четири...

Оскарите без изненадувања – за „Опенхајмер“ седум, а за „Бедни суштества“ четири статуетки

Мартин Скорсезе и Бредли Купер останаа без ниту една награда, „Барби“ доби колку што заслужуваше – оскар за песната на Били Ајлиш, а „Минати животи“ и „Бедни суштества“, и покрај неколкуте награди, беа онеправдани

Пишува: Сунчица Уневска

Предвидливо, здодевно, монотоно помина 96-то доделување на најочекуваните филмски награди во светот. Онака како што се очекуваше, апсолутен победник беше филмот за таткото на атомската бомба, „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, кој од 13 номинации заврши со седум оскари, освојувајќи ги и сите во главните категории, најдобар филм, режија, како и главна и споредна машка улога, за Килијан Марфи и за Роберт Дауни јуниор. На второ место беше „Бедни суштества“ на еден од најиновативните Добитниците на актерски награди[/caption]автори на денешнината, Гркот Јоргос Лантимос, чиј необичен, но одличен филм од 11 номинации доби 4 статуетки, носејќи го и единственото изненадување на вечерта, победата во категоријата на главна женска улога за Ема Стоун, наспроти очекувањата дека тоа за првпат ќе биде актерка со индијанско потекло, Лили Гледстоун, која игра во филмот на Скорсезе. Така, на крајот, третиот филм со најголем број номинации, „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе се претвори во најголемиот губитник, кога од десет номинации не освои ниту една награда.

Добитниците на актерски награди

При примањето на својот прв Оскар, британскиот, поточно ирскиот актер Килијан Марфи рече: „Направивме филм за човекот кој ја создаде атомската бомба. За жал, и во добро и во зло, сите ние живееме во светот на Опенхајмер. Затоа би сакал оваа награда да им ја посветам на миротворците во целиот свет“. Со шеесетина улоги зад себе и педесет награди, кого гледачите најмногу го помнат и го сакаат од жестоката гангстерска серија „Пики блајндерс“, Килијан Марфи и стана миленик на публиката. Неговиот Оскар некако беше сигурен, а и во Долби театарот во Холивуд, се чини, ја доби најголемата поддршка. Инаку, ова не е прва соработка на Марфи со Нолан, тој има играно во речиси сите негови филмови. Како и да е, триумфот за улогата на „Опенхајмер“, секако, беше заслужен, иако и неговиот најголем конкурент годинава, Пол Џамати, имаше на што да се надева, бидејќи донесе навистина брилијантен портрет на опсесивниот професор по историја во филмот „Холдоуверс“ на Александар Пејн, кој ќе биде принуден да остане во кампусот со неколку ученици што немаат каде да одат за божиќните празници.

Килијан Марфи

Режисерот на „Опенхајмер“, Кристофер Нолан, кој сега се закити со два оскара, е исто така една особена појава во светот на филмот, бидејќи неговите филмови секогаш биле поинакви. Тој важеше и за малку тежок поради неговиот често психоделичен пристап, при што најмногу се занимаваше со психата и психолошкото, но факт е дека направи огромен успех и неговите филма од нискобуџетни стигнаа до блокбастери, споменувајќи ги само „Мементо, „Почеток“, „Престиж“, „Данкерк“ и многу други. Инаку, „Опенхајмер“, направен според книгата на Каи Берд и Мартин Шервин, беше неговиот четврти филм во трка за Оскар“.

Кристофер Нолан

Но, да се вратиме на Пол Џамати, со оглед на тоа што „Холдоуверс“ беше еден од четирите филма годинава во главната трка кој имаше дури пет номинации, заедно со извонредната сатира „Американска фикција“ на Корд Џеферсон, потоа со одличниот француски трилер „Анатомија на еден пад“ на Жистин Трие, кој минатата година триумфираше во Кан и драмата посветена на холокаустот „Зона на интерес“ на Џонатан Глејзер, кој понесе дури две номинации за најдобар филм (и во категоријата на странски филмови, односно по ново, на интернационални долгометражни филмови).

Пол Џамати и Давин Џој Рендолф
Пол Џамати и Давин Џој Рендолф[/caption]Филмот на Александар Пејн освои само еден оскар за споредната улога на Давин Џој Рендолф, која е фантастична како главната жена од мензата, која не оди никаде затоа што сака да биде близу покрај својот починат син. „Холдоуверс“ беше еден од подобрите филмови, иако годинава имаше доста добри, кој донесе една драма што по малку потсетува на „Друштво на мртви поети“, кога односот помеѓу професорот и ученикот ќе ги измени и нив, но и нивниот живот засекогаш. Пејн и е познат на публиката, а и често наградуван со филмовите „За Шмит“, „Сајдвеис“, „Небраска“, „Париз, те сакам“, „Потомци“. Оваа година е дел од голем скандал кој се појави пред самото доделување на наградите, обвинет дека е плагијат, но ќе видиме што од тоа ќе биде точно. Како и да е, Џамати исто така ја заслужуваше наградата.

И оваа година, како и претходните, во трка за најдобар филм беа дури десет остварувања. На четврто и на петто место по бројот на номинации беа извиканиот „Барби“ на Грета Гервиг со осум и филмот на Бредли Купер „Маестро“, посветен на композиторот Леонард Бернштајн, кој имаше седум номинации, но исто како и Скорсезе, не освои ниту една награда. Додека, „Барби“ освои една награда, и тоа за песната на Били Ајлиш и Финес О’Конел „What Was I Made For“.

Рајан Гослинг како пејач на Јас сум Кен

Факт е дека за „Барби“ многу се зборуваше и се очекуваше, но на крајот тој не понесе номинации ниту за режијата на Грета Гервиг, ноту за главната улога на Маргот Роби (сосем оправдано). На доделувањето беше направен и еден мал симпатичен скеч помеѓу Емили Блант (номинирана за споредна улога во „Опенхајмер“) и Рајан Гослинг (кој ја доби номинацијата за Кен во филмот „Барби“) како опоненти особено поради оној познат феномен „Барбенхајмер“, направен како своевидна кампања во промоцијата на овие филмови, што додуша и им донесе голема гледаност. А еден од впечатливите и најзборувани моменти на оскарите беше токму настапот како пејач на Рајан Гослинг, кој излезе на сцената во светликаво розово во стилот на Мерилин Монро од филмот „Дијамантите се најдобар пријател на жените“, каде што настапи заедно со педесетина Кеновци, со Марк Ронсон, па дури и „Слеш“. Искрено, филмот повеќе и не заслужуваше.

Минати животи на Селин Сонг
Интересно е дека годинава во главната трка имаше дури три филма на жени-режисери, иако во категоријата за режија се бореше само Жистин Трие. Вториот беше веќе споменатиот „Барби“, а третиот, една преубава корејска драма, која сосем неоправдано остана без ниедна награда, „Минати животи“ на Селин Сонг. Овој филм немаше номинација и за странски филм, што можеби ќе му дадеше некаква шанса. Но, годинава тоа беше предвидено за филмот „Зона на интерес“, бидејќи темата за идиличното семејство кое живее покрај ѕидините на Аушвиц не можеше да биде прескокната. Додека наградите за сценарио, како што веќе рековме, ги добија два филма кои имаа по пет номинации, споменатата Трие за оригиналната предлошка за „Анатомија на еден пад“ и за адаптирано сценарио кое го доби дебито на Корд Џеферсон, „Американска фикција“.

Ема Стоун и Марк Рафало

На крајот на ова здодевно и неинтересно доделување на оскарите, мора да кажам дека најдоброто изненадување беше всушност наградата за Ема Стоун (на која ова и е втор оскар, по „Ла ла ленд“), кое беше сосем заслужено. Улогата на Ема Стоун во откачениот „Бедни суштества“ е неверојатна, толку комплексна, толку жива, толку срчена, автентична, оригинална и дефинитивно бестрашна, како што впрочем и ќе биде претставена. Би рекла дека целиот овој филм беше нешто најдобро во трката оваа година и голема штета е што заврши со само 4 оскари, од кои три за шминка, костимографија и продукциски дизајн. И Марк Рафало, кој беше номиниран за споредна улога, исто така, беше извонреден. Филмот има толку многу нивоа за кои допрва ќе зборуваме. Но, како и да е, барем беше препознаен.

Мстислав Чернов за „20 дена во Мариопол“

А она што ја одбележа вечерта беа беџовите што голем дел од учесниците ги носеа, како Марк Рафало, Реми Јусеф, Махершала Ели, Били Ајлиш, а кои беа црвени со црна рака што повикуваше на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, на војната која досега резултираше со 30.000 мртви. Овие беџови ја симболизираа колективната поддршка на камапањата „Artists4Ceasefire“ на која уште лани во октомври и се приклучија 400 славни лица, а во рамките на која беше објавено писмо кое го повикува американскиот Конгрес и претседателот Бајден да повикаат на прекин на огнот во Газа и Израел. Надвор од Долби театарот имаше околу илјада протестанти, поради што според Лос Анџелес Тајмс биле засилени патролите. А секако дека војните беа главна тема и во документарните филмови, па така главната награда ја доби филмот „20 дена во Мариопол“ на Мстислав Чернов, кој одржа силен говор: „Би сакал никогаш да не го снимав овој филм. Би сакал Русија никогаш да не ја нападнеше Украина и да не ги окупираше нашите градови. Филмот ги обликува сеќавањата, а сеќавањата ја обликуваат историјата“, изјави тој со оној познат поздрав на крајот „Слава Украини“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ