петок, ноември 15, 2024
домаНасловнаКога смртта ќе се претвори во игра

Кога смртта ќе се претвори во игра

Кон: „Прошетка“, режија и сценарио: Елеонора Венинова, улоги: Надја Кирковска, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Христина Димковска Шашевска, Војкан Серафимовски, Ристо Солунчев, фотографија: Фејми Даут, монтажа: Гоце Кралевски, музика: Мартина Силјановска, Македонија 2023

Пишува: Сунчица Уневска

Животот и смртта, смислата на живеењето, разбирањето и прифаќањето често се тема во делата на режисерката и сценаристка, Елеонора Венинова, која успева понекогаш и доста морбидни теми да ги направи со еден поинаков призвук, а со црниот хумор и апсурдноста да ни ги приближи и да нè натера со нив „безболно“ да се соочиме, па дури во нив и да се препознаеме. Затоа што, на крајот на краиштата, тие се дел од животот и низ нашиот однос кон нив може многу добро да се проговори за човечката природа, за нашите посакувања и очекувања, но и за нашите стравови, убедувања и предрасуди.


Нејзиниот најнов филм, краткиот „Прошетка“, кој минатата недела ја имаше македонската премиера, ја наполни киносалата „Киноверзум“ во Кисела Вода. Би рекла очекувано, со оглед на тоа што нејзиниот досегашен опус ја буди љубопитноста, да видиме што ново направила Венинова, инаку филм кој светската премера ја имаше во Белгија, а веќе беше и на неколку други филмски фестивали. Тринаесетминутниот филм „Прошетка“ е направен многу успешно во еден кадар, одејќи на моментот на постепено разоткривање и изненадување, што дефинитивно успева да го постигне.


Всушност, камерата на Фејми Даут и монтажата на Гоце Кралевски, многу ефектно ја следат нарацијата и начинот на нејзино водење од страна на Венинова. Приказната, која лајтмотивот го црпи од големиот Бергман и неговиот најпознат филм „Седмиот печат“, за средбата со Смртта, сето тоа го претвора во игра, давајќи му еден навистина многу симпатичен пристап, иако апсурден и полн со црн хумор. Новиот и многу необичен момент (иако реален) е присуството на детето, кое со својата невиност и искреност успева оваа чудна средба да ја направи забавна, да нè насмее и да си поигра со предрасудите. А особено со стравот, бидејќи кога, за разлика од Бергман, со Смртта ќе се сретне детето сè станува поинакво…


Навистина се извонредни малата Надја Кирковска и Билјана Драгичевиќ Пројковска, кои со таква „леснотија“ зборуваат за патувањата и за прошетките, за патувањата кои секогаш имаат одредена цел, и за прошетките на кои „одиме затоа што ни е убаво“. Има тука интересна игра во онаа прошетка што е и единствена возможна (проследена со адекватна музика, која на крајот некако ја доловува неминовноста на прифаќањето), во онаа прошетка во која се вели дека е важен само сегашниот миг и дека после не постои. Додека малата Надја во сето тоа сосем оправдано ги бара научените шаблони, оние мали „мудрости“ што ги слушала од возрасните, за изгледот, за вклопувањето, за прифаќањето. Таа зборува за својата баба, која и не знае каде заминала, зборува за својата игра, за возрасните кои знаат да бидат „лоши“, за сето она што го мачи нејзиниот детски свет.


Своите „совети“ таа толку лесно и едноставно ги споделува во разговорот со Смртта, терајќи ја да биде поинаква инаку никој нема да ја сака. Извонредна е идејата на Венинова низ игра да проговори за животот и за смртта, за она што навидум изгледа апсурдно, но е многу добро во бришењето на границите. И секако, на нашите предрасуди. Играта може да биде и болна и весела, може да биде и тажна и смешна, може да биде и забавна и морбидна, но секако говори за преминувањето на границите, говори за нашите стравови од непознатото, за нашето бегство од неминовното, а особено за стереотипите од кои се плашиме, а кои впрочем секогаш се тука, како составен дел од таа животна игра. Игра која низ детските очи како да нѝ се потсмева и нам и на смртта, велејќи дека сè е толку едноставно, толку реално и толку подразбирливо, што стравот и предрасудите понекогаш навистина немаат смисла.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ