Претставата “Мац, мац!” во режија и кореографија на Филип Петковски и ко-продукција на Пресврт, Театар “Џинот”- Велес и Гете Институтот ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на овогодинешниот Интернационален театарски фестивал во Приштина (Prishtina International Theatre Festival) кој се одржа од 20 до 26 мај.
Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа Народниот театар од Сарајево, Интегра од Приштина, Ерато Театар и ХНК од Загреб, Експерименталниот театар “Кујтим Спахивољи” од Тирана и Народниот театар од Подгорица. Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка) пак, додели четири награди односно за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава, додека награди за најдобра претстава беа доделени и од страна на публиката, како и од жирито составено од новинарите Теута Арифај (АТВ), Лумира Келменди (РТК) и Адриана Пајазити (КултПлус). За најдобра главна улога беа номинирани актерите Ведран Чешарек и Ана Јовановска, додека за најдобра режија беше номиниран и режисерот Филип Петковски.
Актерите и режисерот од “Мац, мац” кои настапија на фестивалот на 23 мај велат дека се изненадени од високото ниво на професионализам и беспрекорна организација од страна на организаторите на фестивалот кои групата ја пречекале со сите почести. На свеченото доделување на наградите, режисерот Филип Петковски изјави дека е радосен што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија, во која битно место завземаат и студентите, да бидат во официјална селекција со националните театри од регионот.
Во склоп на фестивалот, режисерот одржа и работилница по пост-драмски театар пред група на млади актери и студенти по актерска игра од Косово на кои им ја демонстрираше Вјупоинтс техниката по која е работена претставата. По успешното гостување во Приштина, претставата наскоро ќе гостува и во Скопје, како и на затворањето на Интернационалниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември 2024 година, кој е од натпреварувачки карактер.
Фотограф: Јили Бериша