петок, декември 20, 2024
домаЖивотГлобалното затоплување не запира: Нови рекорди во последните 13 месеци

Глобалното затоплување не запира: Нови рекорди во последните 13 месеци

Планетата Земја во последните 13 месеци руши температурни рекорди, а секој месец бележи температури за 1,5 степени Целзиусови повеќе од прединдустрискиот просек, резултат на новата научна студија за глобалното затоплување.

Секој месец од јуни 2023 година беше потопол од претходниот, па така просечната глобална температура меѓу јули 2023 и јуни 2024 е за 1,64 степени повисока од прединдустриската ера во 19 век, кога луѓето почнаа да согоруваат фосилни горива и ослободија огромни количини гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата.

ОПАСНИ ПОСЛЕДИЦИ НА ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ
Гренландските ледници се топат пет пати побрзо отколку пред 20 години.

Ова е повеќе од статистичка необичност и истакнува голема и континуирана промена во нашата клима. Дури и ако овој специфичен низ на екстреми во некој момент заврши, сигурно ќе гледаме како се поставуваат нови рекорди како климата продолжува да се загрева. Тоа е неизбежно, освен ако не престанеме да додаваме гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата и океаните – наведува Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени Коперникус (C3S) при ЕУ, која го објави извештајот за растот на температурите.

Низата од 12 месеци делумно е предизвикана од Ел Нињо (климатски циклус при кој водите во тропскиот дел на источниот Пацифик стануваат потопли од вообичаено) кој траеше од јуни 2023 до мај 2024, што доведе до температури на морето над просекот ширум источниот и централниот дел на екваторијалниот Пацифик.

Климатската ситуација е и натаму алармантна. Последните 12 месеци поставуваат рекорди како никогаш порано, што е предизвикано првенствено од нашите емисии на гасови со ефект на стаклена градина и дополнителниот поттик од Ел Нињо во тропскиот Пацифик – соопшти заменичката директорка на C3S Саманта Берџес. Научниците сметаат дека глобалното затоплување од два степени над температурата пред индустриската револуција е важен праг. Понатамошниот раст на температурата значително ја зголемува веројатноста за разорен и неповратен климатски колапс.

Но, 1,5°C е исто така важна граница. Со тој пораст светската клима се приближува до повеќе пресвртни точки кои ќе предизвикаат топлотни бранови, поплави, глад и широко распространето уништување на екосистемите, предупредија Обединетите нации во специјален извештај од 2018 година.

Според Парискиот договор од 2015 година, скоро 200 земји се обврзаа дека ќе го ограничат порастот на глобалната температура на 1,5°C и безбедно под 2°C.

Иако новите откритија се загрижувачки, во извештајот се нагласува дека границите од 1,5°C и 2°C се цели за планетата во период од 20 до 30 години, што значи дека ветувањата сè уште не се официјално прекршени.

Но, малку е веројатно дека рекордно високите температури ќе се намалат наскоро, велат истражувачите. Научниците првично се надеваа дека крајот на Ел Нињо може да го одложи загревањето на планетата, но се предвидува дека САД и натаму ќе имаат температури повисоки од просекот до крајот на летото, според Националната администрација за океани и атмосфера.

Сега проценувам дека постои околу 95 проценти шанси дека 2024 година ќе заврши пред 2023 година како најтопла година од кога почнаа да се бележат глобалните температури на површината средината на 19 век – напиша Зик Хаусфатор, климатолог во американската непрофитна организација Беркли Ерт на мрежата X.

Подготви: Н. Д.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ