четврток, декември 19, 2024
домаЖивотКлиматската криза: Зголемени емисии на стакленички гасови, потребна итна акција од Г20

Климатската криза: Зголемени емисии на стакленички гасови, потребна итна акција од Г20

Секоја од 197-те држави до февруари 2025 година треба да ги ажурира своите климатски стратегии (Национално одредени придонеси, NDC) и да презентира јасен план за намалување на емисиите во текот на следната деценија. Тоа треба да биде одраз на нивната политичка волја да се справат со климатските промени, со конкретни цели и мерки за секторите како енергетика, транспорт, земјоделство и инфраструктура. Овие национални планови ќе покажат колку навистина државите се посветени на реализација на Парискиот договор, се вели во заклучокот од последниот извештај на на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (UNEP) за глобалниот јаз во емисиите на стакленички гасови, објавен на 24 октомври оваа година.

Јазот во емисиите останува голем

За да се задржи глобалното затоплување на 1,5°C, потребно е намалување на емисиите за 42% до 2030 година, односно околу 7,5% годишно. Наместо тоа, емисиите продолжуваат да растат, достигнувајќи 57,1 гигатони CO₂e во 2023 година. Научната директорка на извештајот, Ан Олхоф, вели дека, иако има одредено успорување, емисиите сè уште се зголемуваат, а јазот меѓу сегашните политики и потребните цели останува широк. Главната причина за ова зголемување, според неа, е економскиот раст што ја зголемува побарувачката за енергија и постојаното користење на фосилни горива.

Нееднаква одговорност за емисиите по држави

Извештајот исто така ги нагласува значајните разлики во емисиите по земја. Кина е најголемиот емитер, со 30% од глобалните емисии, следена од САД со 11%. Додека Кина и ЕУ имаат речиси идентични „историски емисии“ на CO₂, Американците остануваат најголемите историски емитери, со 20% од емисиите од 1850 до 2022 година. САД, исто така, предничат по емисии на човек, со 18 тони по глава на жител.

Г20 има одговорност да го намали јазот во емисиите, бидејќи тоа е поефективно и фер да се побараат побрзи намалувања од најголемите економии. Дури и покрај зголемените напори, останува можноста да се достигне врв на глобалните емисии до 2030 година, но тоа ќе бара интензивирање на транзицијата кон обновлива енергија и активни политики за намалување на фосилните горива.

Извештајот препорачува зголемување на инвестициите за шест пати и зајакнување на меѓународната соработка за климатскиот фонд, со што ќе се поддржат земјите во развој во нивната транзиција кон чиста енергија и соочување со сè почестите климатски непогоди. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го истакна значењето на итната акција, посочувајќи дека секоја фракција на зголемено затоплување има сериозни последици за луѓето, економиите и биодиверзитетот.

На претстојниот самит на Г20, кој ќе се одржи во ноември во Бразил, се очекува да се дефинираат насоките за зајакнување на климатските амбиции, што ќе има силно влијание врз динамиката на COP29, која започнува на 11 ноември во Азербејџан.

Н.Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ