Една мајка по име Бренди Хоган неодамна го подели своето емотивно искуство на ТикТок, објавувајќи видео од нејзината тогаш осуммесечна ќерка Бела, со намера да ги алармира родителите за можни рани знаци на аутизам. Во видеото, Бела не реагира на повиците на мајка ѝ, нема контакт со очите и ползи на многу невообичаен начин. Овој клип допре до илјадници луѓе, од кои многумина беа длабоко трогнати.
Бренди за “Њузвик” објасни дека првично не снимала заради сомнеж за аутизам, туку за да го покаже невообичаениот начин на кој Бела ползи, користејќи само една нога, за да го сподели видеото со физијатар. Бела била родена со тортиколис – состојба што предизвикува искривување на вратот и главата на едната страна. Со ова, таа од рана возраст била вклучена во програма за рана интервенција.
Иако поминала неколку тестови за слух со добри резултати, третото испитување на слухот додека спиела покажа дека слухот не е причина за загриженост. Сепак, терапевтите почнале да забележуваат однесување типично за аутизам. Бела на крајот добила дијагноза за невербален аутизам од трет степен малку пред нејзиниот трет роденден.
Од дијагнозата, Бела продолжува со неделни терапии за подобрување на комуникацијата и моториката. Мајка ѝ истакнува дека наскоро ќе добијат комуникациски уред кој ќе ѝ овозможи подобро да ги изрази своите потреби, со надеж дека тоа ќе ја мотивира да почне да ги користи своите зборови.
Џеси Голами, лиценциран терапевт за аутизам и нарушувања во однесувањето, нагласува дека подигањето на свеста за аутизмот преку социјалните мрежи е многу значајно. Таа вели дека раните симптоми, како што се ограничен контакт со очите, задоцнување во говорот или повторувачки движења, можат да бидат суптилни, но важно е родителите да се консултираат со стручњаци доколку забележат слични знаци.
За Бренди, ова не е само приказна за нејзината ќерка Бела, туку и повик до родителите да реагираат навреме ако приметат слични симптоми кај своите деца.
А.Н.