Сан Себастијан – европскиот град со најмногу ресторани по квадратен метар – и сите се врвни

0
16

Баскискиот град Сан Себастијан е познат како местото со најголем број на врвни ресторани во однос на својата површина, меѓу кои два се на листата на 50 најдобри ресторани на сите времиња. Останатите, скромно, имаат само по неколку Мишелинови ѕвезди…

Сан Себастијан, град на прекрасни плажи и фантастична храна, има најмногу Мишелинови ѕвезди по квадратен метар градска површина. Со вкупно 17 ѕвезди распределени меѓу девет врвни ресторани, оваа дестинација е омилена меѓу оние кои сметаат дека најдобриот начин за запознавање со некоја земја е преку нејзиниот вкус на чинијата.

Во овој град може да се пробаат деликатесите на Елена Арзак, која е прогласена за најдобар женски готвач, и да се руча во ресторан „Мугариц“ под водство на Адони Луиз Адуриз. Двата ресторана се наоѓаат на листата на 50 најдобри на сите времиња, а во близина се и високо рангираните ресторани „Асадор Ечебари“ и „Азурменди“.

И риба и месо

Најубавото во Сан Себастијан е тоа што не мора да се стремите кон ѕвездите за да уживате во одлична храна. Во сите ресторани традиционално се подготвува врвна храна. Од локалните производи и состојки се користат рибата и морските плодови, а специјалитети се приготвуваат и од бакалар.

Љубителите на месо ќе запомнат „чуелета“ – ароматични зрели говедски ребра. Баскиските тапаси, наречени „пинчос“, се приготвуваат со врвно квалитетна пршута, сирење или ракови, а добро познати се и крокетите од шумски печурки. Сите овие производи може да се најдат на пазарите, кои се вистински празник за очите. Пазарот „Ла Брешта“, сместен во стариот дел на градот, е одлично место за појадок или за купување на локални производи.

Гастрономско рајско место

Окружен со златни плажи и бујни падини, градот има несомнително магнетска привлечност и е вистински гастрономски и туристички рај кој мора да се посети. Ако се решите за патување, не очекувајте вечера пред 19:00 часот – едноставно не се случува порано. Опуштете се и уживајте во одличната храна и доцните вечери во овој град, искуство што вашите вкусови нема да го заборават брзо.

Сигурно е едно, Сан Себастијан, град кој сјае како ниту еден друг гастрономски центар во светот, ќе ги задоволи сите вкусови. Во него се јаде и фино и добро. Неодамна, TripAdvisor го прогласи Сан Себастијан за една од 10-те најдобри гастрономски дестинации во светот.

Ф.С.