Хрватска меѓу десетте најбарани земји за патувања на интернет

0
3

Познатиот магазин посветен на патувања состави листа на најбараните земји во светот за патувања. Истражувањето е базирано на податоци од интернет-пребарувачот Google, при што на прво место се наоѓа Турција, а меѓу првите десет се најде и една земја од нашиот регион.

Conde Nast Traveler го објави своето годишно истражување за најбараните дестинации во светот, базирано на податоци од пребарувачот Google. Во последните 12 месеци, Хрватска беше меѓу десетте најбарани дестинации за патувања на овој интернет-пребарувач.

Магазинот наведува дека Хрватска постепено стекнува углед како врвна европска туристичка дестинација која е финансиски подостапна за одмор од многу соседни земји. Исто така, Хрватска е позната како земја со илјада острови, прекрасни историски градови и одлични плажи.

Покрај тоа, оваа земја е позната и како врвна гастрономска дестинација. Гастрономијата на Хрватска е исклучително разновидна и го одразува богатството на географските и културните влијанија, поделени во неколку главни региони: Истра, Кварнер, Далмација, Славонија и Барања, Загорје и Централна Хрватска. Секој регион има специфични кулинарски традиции и состојки, што ја прави хрватската кујна уникатна и разновидна. Ова го потврдува и Кварнер, кој ќе стане Европски регион на гастрономијата во 2026 година.

На прво место на најбараните дестинации на Google се наоѓа Турција, на второ и трето место се Грција и Малта. Меѓу останатите се Египет, Португалија, Кипар, Мексико и Маврициус.

С.Н.