Минатата година беше најтоплата досега забележана и првата цела година во која глобалните температури ја надминаа границата од 1,5°C над прединдустриските нивоа, соопштија научниците во петокот.
Оваа пресвртница беше потврдена и од Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската унија (C3S), која изјави дека климатските промени ја туркаат температурата на планетата на нивоа никогаш претходно искусени од модерниот човек.
Просечната температура на планетата во 2024 година беше за 1,6 степени Целзиусови повисока од онаа во периодот 1850-1900 година, кој се смета за „прединдустриски период“ пред луѓето масовно да почнат да користат фосилни горива што испуштаат CO2, соопшти C3S.
Ова го надминува рекордот поставен во 2023 година за нешто повеќе од 0,1°C.
Минатата година беше најтоплата забележана досега, а секоја од последните десет години сега се вбројува меѓу десетте најтопли години во историјата.
Податоците од извештајот на C3S објавен во петокот покажуваат пораст на глобалните температури.
Само колку за потсетување, според Парискиот договор од 2015 година, светските лидери ветија дека ќе се обидат да спречат просечните температури да надминат 1,5°C, со цел да се избегнат потешки и поскапи климатски катастрофи.
Првата година со температури над 1,5°C не го прекршува тој таргет, кој мери долгорочен просек на температурите, но сепак го приближува светот чекор поблиску до тоа, бидејќи емисиите од фосилни горива продолжуваат да ја загреваат атмосферата.
Последиците од климатските промени сега се видливи на секој континент. Разорните пожари во Калифорнија минатата недела однесоа најмалку пет животи и уништија стотици домови. Во 2024 година, Боливија и Венецуела исто така претрпеа катастрофални пожари, додека поројни поплави ги погодија Непал, Судан и Шпанија, а топлотни бранови во Мексико и Саудиска Арабија однесоа илјадници животи.
Климатските промени ги влошуваат бурата и поројните дождови, бидејќи потоплата атмосфера може да задржи повеќе вода, што води до интензивни врнежи. Количеството на водена пареа во атмосферата на планетата достигна рекордно ниво во 2024 година.
Додека трошоците за ваквите катастрофи растат, политичката волја за инвестирање во намалување на емисиите опаѓа во некои земји.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој стапува на функција на 20 јануари, ги нарече климатските промени измама, и покрај глобалниот научен консензус дека се предизвикани од човекот и ќе имаат сериозни последици доколку не се адресираат. Американските научници исто така ги објавија своите климатски податоци за 2024 година во петокот.Но, останува непознато како на тоа реагираше новоизбраниот претседател, Трамп, кој е и големиот критичар на Парискиот климатски договор.
Н.Доковска