Црните кутии на авионот на Американ ерлајнс, кој се урна во реката Потомак во близина на Вашингтон по судир со воен хеликоптер, моментално се наоѓаат во лабораториите на Националниот одбор за безбедност на транспортот (НТСБ). НТСБ објави дека се извлечени две црни кутии од остатоците на авионот во реката Потомак, пренесува „Си-Ен-Ен“. Членот на НТСБ, Тод Инман, претходно изјави за Ројтерс дека одборот верува дека ќе може да ги врати податоците од црните кутии.
Во моментот на несреќата, еден контролор на летање работел на две позиции во контролната кула, изјавил извор за американската телевизиска мрежа. Изворот истакна дека е невообичаено еден контролор да се справува и со локалниот и со хеликоптерскиот сообраќај.
„Њујорк тајмс“, кој прв ја објави информацијата, пренесува дека во прелиминарниот извештај на Федералната управа за авијација се наведува дека немало доволен персонал за тој период од денот и обемот на сообраќајот.
Националниот одбор за безбедност на транспортот започна истрага и ќе разгледа широк спектар на потенцијални причини за судирот. Владиниот извор запознаен со истрагата изјави за „Си-Ен-Ен“ дека надзорникот на контролната кула на аеродромот донел одлука да ги комбинира двете контролни улоги во средата навечер, што тие можат да го прават по нивна дискреција кога обемот на воздушниот сообраќај е слаб. Изворот рече дека нема недостиг од персонал во контролната кула.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот пред новинарите во Белата куќа изјави дека никој не ја преживеал несреќата. Досега се пронајдени најмалку 40 тела. Во авионот имало 64 лица, а во воениот хеликоптер тројца.
Контролор на летање со 23 годишно искуство открил грешка што ја направиле операторите во моментите пред смртоносниот судир во Вашингтон, пренесува „Дејли Мејл.“ Искусен контролор на летање рече дека инструкциите на операторот на хеликоптерот слушнати на снимката на АТЦ биле „многу нејасни“.
Во снимката долга речиси минута и половина, може да се слушне дека операторите на ATЦ го прашуваат хеликоптерот дали гледа комерцијален авион. Преку пригушено аудио, се даваат дополнителни наредби и потврди помеѓу операторите на ATЦ.
Контролорот на летање му рекол на пилотот на хеликоптерот: „ПАТ 2-5, го гледаш ли ЦРЈ?“ Неколку секунди подоцна, контролорот повторно зборува, велејќи: „ПАТ 2-5, помини зад ЦРЈ“.
Ветеран контролор на летање, кој работел на шест различни аеродроми низ земјата, рече дека ако ова се првите референци хеликоптер-авион, инструкциите биле нејасни. А.Р.