Една американска авиокомпанија неодамна се најде во центарот на вниманието поради воведување низа прописи во врска со облекувањето на патниците. Според новите правила, патниците нема да бидат примени во авионот доколку не се облечени соодветно или носат несоодветна и непримерна облека.
Новите прописи, кои веројатно ќе ги прифатат речиси сите американски авиокомпании, предвидуваат построги правила за облекување. Тие особено се однесуваат на патниците кои сакаат да летаат боси или во влечки, оние кои носат облека со навредливи пораки и пцовки, како и патници со несоодветни тетоважи или уметнички цртежи на телото.
Една од авиокомпаниите што веќе воведе вакви мерки е Spirit Airlines, која наведува дека била принудена да го заостри кодексот за облекување поради инциденти со неприкладна облека, пренесува Euronews. Во јануари, компанијата го ажурирала својот „Договор за превоз“, во кој експлицитно се забрануваат одредени облеки, стилови на облекување и форми на телесна уметност.
Други авиокомпании имаат слични политики наведени на нивните веб-страници, а некои немаат конкретни насоки, но нивниот персонал е обучен да внимава на неприфатливо облекување при влезот во авионот и во текот на летот.
Според новите правила, патниците нема да можат да се качат во авион доколку се боси или несоодветно облечени. Ова вклучува транспарентна облека, облека што не ги покрива доволно деловите од телото или таква што открива интимни зони.
Дополнително, се предупредува и на патници чии облеки, предмети или уметност на телото се сметаат за недолични, навредливи или провокативни, освен ако не станува збор за лица со квалификуван инвалидитет. Неприфатливо е сѐ што може да претставува ризик од навредување или вознемирување на останатите патници.
И европските авиокомпании имаат право да не прифатат патници со несоодветна облека. Иако тоа не е експлицитно наведено на нивните веб-страници, тие редовно применуваат правила за пристојно облекување.
Секоја авиокомпанија има право да спречи луѓе да се качат во авион, а ова правило често се применува за оние што не се облечени на начин што се смета за соодветен. Очигледни примери се маици со навредливи натписи или логоа, при што од патниците се бара да го покријат или сменат тој дел од облеката пред да им биде дозволено да се качат во авионот.
Ф.С.
