Се гради најдолгиот тунел во светот

0
14

Во рамките на железничката линија Лион – Торино, која претставува значаен дел од оптоварениот Медитерански коридор, се гради најдолгиот базен тунел во светот – Мон д’Амбино. Тој ќе биде долг 57,5 километри, ќе поминува под Алпите, а неговата изградба ќе чини осум милијарди евра.

Благодарение на современите машини за дупчење тунели, изградбата е во напредна фаза. Се очекува тунелот да биде завршен до 2033 година, а кога ќе биде пуштен во употреба, значително ќе го скрати времето на патување.

Станува збор за водечки инфраструктурен проект на трансевропската транспортна мрежа, кој ќе се состои од 57,5 километри долг железнички тунел под Алпите, за прекуграничниот дел помеѓу Италија и Франција.

Железничката линија Лион-Торино е важен дел од Медитеранскиот коридор, една од деветте железнички ‘оски’ кои припаѓаат на европската ТЕН-Т мрежа. Базниот тунел Мон д’Амбино, кој е главна компонента на прекуграничната делница, моментално е во напредна фаза на изградба, а го кофинансираат Италија, Франција и Европската унија.

Се наоѓа помеѓу француската покраина Мориен и италијанската долина Суса – во заедничкиот дел како што е дефинирано со Меѓународниот договор од 2012 година.

Новата железничка линија и тунелот значително ќе го променат сообраќајот во овој дел на Европа – ќе го растоварат патниот сообраќај и ќе ги намалат неговите негативни ефекти врз околината.

Воедно, ќе стане и главен елемент на локалниот, националниот и европскиот сообраќаен систем кој ќе го скрати времето на патување – обезбедувајќи значителни подобрувања во транзитното време.

Според очекувањата, проектот ќе биде завршен до 2033 година, а кога ќе биде пуштен во сообраќај, ќе им овозможи на возовите да патуваат по рамна пруга. До крајот на минатата година, работите брзо напредуваа. Од 164 километри тунели, од кои базниот е Мон д’Амбино, ископани се вкупно 39,5 километри, од кои повеќе од 15 километри од базниот тунел.

Во рамките на проектот ќе бидат изградени две едноколосечни цевки, четири влезни тунели и 204 безбедносни обиколници. Сите договори за градежните работи се потпишани, а моментално функционираат дури десет големи градилишта.

Во текот на 2024 година, работите ги забрзаа напредни механички ‘кртови’, современи машини за дупчење изработени по нарачка. Тие овозможуваат брзо и безбедно копање под земја. Дури пет од седумте машини за дупчење тунели кои ќе го копаат тунелот, моментално се на градилиштата.

Повеќе од 50 проценти од ископаниот материјал повторно ќе се употреби – за изградба на внатрешните бетонски блокови на тунелот. Со тоа ќе се намали отпадот и ќе се намалат трошоците за заштита на околината.

Со своите 57,5 километри, Мон д’Амбино ќе стане најдолгиот железнички тунел во светот. За сега, првото место го држи швајцарскиот Готард со должина од 57,1 километар. Проценетата вкупна цена на проектот изнесуваше осум милијарди евра, но минатата година трошоците се зголемија на 11 милијарди евра.

Инаку, најдолгите тунели во светот се водоснабдителни тунели – аквадуктот Делавер во САД, долг 137 километри, и Пејјане Воден Тунел во Финска, долг 120 километри. Од друга страна, најдолгото метро се наоѓа во кинескиот град Суджоу. Изградено е во 2023 година, а е долго речиси 87 километри. Интересно е што петте најдолги метроа се наоѓаат во Кина, додека на шестото место е оној во Москва.

Ф.С.