Редовната пролетна седница на српското Народно собрание денеска се одвиваше со низа инциденти – туркање, фрлени димни бомби, повредени две пратенички на СНС, а на една бремена и се слошило, пренесе Н1. Опозицијата развиори транспарент на кој пишуваше „Србија се крева за режимот да падне“. Владините пратеници и одговорија на опозицијата со извици „усташки“ и држеа српски знамиња. Фрлаа еден кон друг со шишиња со вода, а една пратеничка беше погодена во главата. Салата беше полна со чад.
Министерот за здравство Златибор Лончар изјави дека повредената пратеничка Јасмина Обрадовиќ е на интензивна нега и дека нејзиниот живот се уште е во животна опасност. Лекарите се обидуваат да и го намалат крвниот притисок кој и понатаму е многу висок. Тој се надева оти Јасмина Обрадовиќ нема да претрпи поголеми последици по повредата, но дека е тешко да се избегнат последиците, пренесува Б92.
Исто така, според министерот за здравство, повредена е и пратеничката Јасмина Каранац, и укажана и е соодветна нега. Пратеничката Соња Илиќ која е во осмиот месец од бременоста е во Итната помош и лекарите се обидуваат да го спасат животот на нејзиното бебе.
Во врска со денешните настани во Народното собрание на Република Србија, Врховното јавно обвинителство најостро го осуди секое однесување кое ја загрозува физичката безбедност на пратениците.
На дневен ред на седницата требаше да се најдат 62 точки, меѓу кои измени на Законот за високо образование, предлог-закон за станбени кредити за млади и гласање за разрешување на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ. ЗЛФ поднесе предлог на седницата да се расправа само за Законот за високо образование, предлогот беше одбиен. Мирослав Алексиќ најави дека „опозицијата ја констатирала оставката на Владата“. Насобраните граѓани пред Собранието фрлаа со јајца кон зградата.
Седницата почна во 10 часот во Домот на Народното собрание, со интонирање на националната химна, но инцидентите се случија нешто по 11 часот. Дел од опозициските пратенички групи најавија дека нема да учествуваат во работата на парламентот, но најавија одредени акции, без да прецизираат за што станува збор. Пратеничките групи на власта и на опозицијата за денеска најавија вкупно 20 прес-конференции. Т.Р.