Митовски презентираше извештај на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје по примероци од водата во Крива Река земени еден ден по хаваријата во рудникот Тораница, и како што посочи, според извештајот водата е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето.
– Извештајот по направеното тестирање на квалитетот на водата во Крива Река покажува неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратно зголемено присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината на олово присутно во водата. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот, рече Митовски.
Тој вели дека не е само водата загадена туку и почвата, а преку храната отровите и тешките метали ќе стигнат и на трпезата на жителите. Смирува дека водата за пиење од градскиот водовод се уште не е во опасност, но најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт. А.Р.

