домаПОЛИТИКАСветАстронаутите на „Артемис II“ завршија со историско прелетување покрај Месечината

Астронаутите на „Артемис II“ завршија со историско прелетување покрај Месечината

Четиричлениот екипаж постави нов рекорд за растојание од Земјата, регистрираше удари од метеорити и спроведе директни набљудувања на далечната страна на Месечината за прв пат по повеќе од педесет години

Мисијата „Артемис II“ успешно го заврши историското седумчасовно прелетување покрај Месечината синоќа, емитувано во живо на неколку платформи за стриминг, означувајќи го првото враќање на човештвото во близина на природниот сателит на Земјата од „Аполо 17“ во 1972 година. Астронаутите на НАСА Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, заедно со Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција, официјално станаа рекордери за растојание од нашата планета.

За време на прелетувањето покрај Месечината, капсулата Орион го изгуби сигналот со Земјата четириесет минути, што беше планиран дел од мисијата. Вселенското летало беше најблиску до површината на височина од приближно 6.545 километри. Во овој период, астронаутите беа сведоци на визуелните феномени на Земјата како „заоѓа“ и „излегува“ над лунарниот хоризонт, документирајќи карактеристики како што се ударни кратери, древни лавински текови и гребени формирани за време на геолошката еволуција на Месечината. Собрани се мноштво научни податоци, направени се фотографии и снимени се директни набљудувања на екипажот – сето тоа би можело да им биде корисно на научниците и инженерите при планирањето на идните лунарни мисии.

Покрај набљудувањето на површината, екипажот беше сведок на речиси едночасовно затемнување на сонцето поради специфичното порамнување на нивното вселенско летало, Месечината и Сонцето. Оваа ретка позиција овозможи детална анализа на сончевата корона, најоддалечениот слој на атмосферата на Сонцето, која беше видлива околу рабовите на Месечината. Во целосен мрак на неосветлениот дел од површината на Месечината, астронаутите снимија и шест блесоци светлина предизвикани од метеороиди кои удираат во површината со голема брзина – што ги прави првите луѓе во историјата кои го виделе овој феномен одблизу и лично.

Научниците од НАСА со нетрпение го очекуваат пренесувањето на сите собрани податоци, фотографии и аудио снимки со цел попрецизно да ги утврдат локациите на снимените удари на метеороидите. Анализата ќе вклучува и податоци од аматерски астрономи кои во исто време ја набљудувале Месечината од Земјата.

За време на подготовките за прелетот, се случи најемотивниот момент од целата мисија. Имено, астронаутите учествуваа во иницијативата за именување на два претходно неименувани кратери на површината на Месечината. Тие одлучија едниот да го наречат Интегритет, по нивната капсула што ги донесе таму, а другиот ќе биде именуван во спомен на починатата сопруга на командантот Вајсман, Керол.

Кога оваа информација беше објавена во живо од близина на Месечината во пренос во живо, во вселенското летало и контролата на мисијата – како што велат Американците – „немаше суво око“. Командантот Вајсман, всушност, е самохран татко на две девојчиња, а ја загуби сопругата во 2020 година, по нејзината долгогодишна борба со ракот. По мисијата, официјален предлог за именување на овие кратери како што ја замислил екипажот ќе биде доставен до Меѓународната астрономска унија.

Во преносот во живо, многу гледачи забележаа еден смешен детаљ, неколку минути пред да биде соборен рекордот за растојание на мисијата Аполо. Имено, голема тегла Нутела лебдеше од „оставата“ на капсулата завиткана во еластична мрежа, јасно видлива во рамката. Многумина ја прогласија за најдобрата бесплатна и случајна реклама досега – бидејќи во тој момент милиони луѓе низ целиот свет го гледаа емитувањето од Орион.

Фотографиите направени од екипажот за време на историското приближување кон Месечината веројатно наскоро ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на НАСА.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ