домаКУЛТУРАТеатар и ФилмОтворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Сè додека има сцена, публика, приказни, театарот...

Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Сè додека има сцена, публика, приказни, театарот ќе опстане

Достоинствена и емотивна вечер сведочеше синоќа публиката во гледалиштето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и целата македонска нација преку директниот пренос на МТВ1, на свеченото отворање на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечерва беше во знакот на паметењето и колку е тоа важно за секоја култура. Во таа чест беше и проекцијата на документарецот посветен на 60 години фестивал, во кој театарски уметници и работници што оставиле белег низ годините, зборуваа за неговото значење.

Со бурни аплаузи што траеја и по неколку минути беа поздравени лауреатите на наградите за животно дело и членови на нивни семејства. Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.

-Зад мене се 44 години како актер, директор на институција и како професор. Тоа е мојот скромен придонес за афирмација на македонскиот театар, на турската заедница во земјава и надвор од неа. Им благодарам на мојата драга колешка Ана Стојаноска, на колегите од фестивалот што ме удостоија со вака значајна и престижна награда и вие, публико, со вас пораснавме. Не мислам дека е крај, наградата ми дава уште поттик – рече Клинче и низ солзи се заблагодари на своето семејство за сета поддршка.

Актерот Веби Ќерими се заблагодари на сите што се заложија за оваа награда, за своите колеги од Албанскиот театар за безрезервната поддршка.

-Исто така не треба да се заборави оваа прекрасна прилепска публика, која со децении и е верна на овој културен театарски настан во земјава – рече Ќерими.

Во име на режисерот Сашо Миленковски, наградата ја прими неговата ќерка Сара Миленковска, која истакна:

-Овој фестивал го има препознаено неговиот храбар и нов пристап кон театарот. Како ќерка на режисер и сестра на режисерка, сум имала привилегија да растам во театарот и околу театарот и на сите можни начини да знам колку е значајно да се вложува во театарот и да останеме храбри и достојни.

Љубомир Чадиковски не ја криеше својата среќа за наградата.

– Оваа награда не е само лично признание, ами признание за еден пат, за години поминати во театарот на сцена, меѓу сценографии, режисери, деца, млади.. По професија сум архитект, но судбината ме однесе на сцената која секогаш ми беше простор да се исполни со идеја, со емоции, со светлина. Имав чест да создадам светови што траеја кратко на сцената, но долго остануваа во сеќавање на публиката. Посебно место во мојот живот има Театарот за деца и младинци. Децата заслужуваат уметност, младите заслужуваат сцена. Тој театар не е мал, оти детската публика не може да се измами, кога човек ќе погледне наназад, ги паметите луѓето на сцена, режисерите, техничарите, сите тие што се чесно во себе….и секако публиката, детските очи. Оваа награда е за сите што веруваа во театарот кога не било лесно. Делото не завршува со награда, се додека има сцена, публика, деца… приказни, театарот ќе продолжи да живее – рече Чадиковски.

Покровителката на фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со голема пиетет кон лауреатите и се обрати на публиката. Таа го прогласи фестивалот за отворен.

-Прилеп видел генерации талентирани и расни актери, режисери, драматурзи и сценски творци, носители на улоги и претстави, коишто продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата. Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене,  се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, во гротеската се соочуваме со нашите, човекови парадокси. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели коишто инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат. Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може – рече Сиљановска-Давкова.

Со подигнувањето на завесата, фестивалот испишува нова приказна за сценските волшепства, уметничката историја и културната традиција со која се  афирмира македонското драмско творештво, рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

-Фестивалот „Војдан Чернодрински“ претставува временска верига на високи театарски вредности што се создаваат на македонска почва и само овде, во Прилеп, театарот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нè поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечниот театар. Името на Војдан Чернодрински – македонскиот писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар – веќе шеесет години претставува синоним за новите специфики и креативната форма на македонскиот театар и симбол на нераскинливата  поврзаност на неговото творештво и револуционерната борба на македонскиот народ низ вековите. Еден град без театар навистина е град без душа. А културата, колку и да е скапа, секогаш е поевтина од некултурата што доаѓа по неа. Како министер за култура, немам намера да се однесувам како проблемот да не постои. Објектот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен од март минатата година поради сериозни безбедносни недостатоци. Тоа е недозволива состојба за институција со 75-годишна традиција, со повеќе од 400 премиери и над два милиона гледачи. Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура. Додека се водеа други битки и се бараа други признанија, институции како оваа беа оставени да стареат, да пропаѓаат и да чекаат подобри времиња. Тоа време завршува денес. Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина – рече Љутков.

Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска им се заблагодари на сите пријатели и поддржувачи на фестивалот и им додели благодарници на „Витаминка“ – Прилеп, на „Прилепска пиварница“, „Пакомак“, „Комфи Ангел“, Никола Мариновски од Регионалната стопанска комора – Прилеп.

– Фестивалот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп нема да биде тоа што е без нашите редовни поддржувачи. Ви благодарам од срце на сите општествено – одговорни компании за долгогодишната поддршка: на сите спонзори, на сите пријатели, поддржувачи, продукциски партнери – рече Стојаноска.

Беа испочитувани за нивниот придонес и: Кирил Ристоски, долгогодишниот директор на нашиот фестивал, за креирањето на ликот на фестивалот, Петре Темелкоски, Катерина Коцевска, Стојан Дамчески, Дејан Проданоски, актуелен градоначалник на Прилеп.

По официјалниот дел на програмата, настапи Драмскиот театар со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.

На свеченото отворање во салата му претходеше изложбата на артефакти од секаков тип во чест на јубилејот, што започна со перформанс на студентите на ФДУ, според текстови на Дејан Дуковски, а во режија на Шенај Мандак. Изложбата продолжи кон Музејот на икони, па Саат-кулата, Рекламите и симболично во холот на „Марко Цепенков“. Прилепчани беа видно емотивни, особено членовите на семејствата на основачите.

Изложбата ја создадоа Ана Стојаноска и Звонко Димоски.

-Културата треба да памети, народот, луѓето треба да се сеќаваат, затоа што животот е краток. Сите ние поминуваме низ разни премрежја и убаво е да оставаме траги зад нас. Театарот е ефемерна уметност, се случува во мигот дури ја гледаме претставата, се гасат светлата и ја нема повеќе. Затоа е многу важно да се чува во нашите сеќавања. Оваа изложба со Звонко ја замисливме како патување низ фестивалот. И благодариме на „Витаминка“ што избра заеднички да го славиме јубилејот – рече Стојаноска на отворањето на изложбата.

Димоски истакна дека добар дел од материјалите што ги нашле веќе ги дигитализирале.

На вториот ден публиката ја очекува богата програма. Програмата „Драмолетање“ започнува во 11 часот во кино „Мис Стон“. Веќе традиционалните разговори на тркалезна маса ќе се случуваат еден час подоцна со екипата на претставата „Мачкина глава“. Изложбата „Прилеп во фокус“ во чест на Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, ќе биде отворена во кафе-барот „Тротоар“ во 18 часот и во кафе-галеријата „Лувр“ во 18.30 часот.

Две претстави се вечер на програмата – „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, а во 21 часот ќе следува „Калигула“ во режија на Ѓорѓи Ризески, продукија на Народниот театар од Куманово.

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ