Незаборавно музичко доживување исполнето со виртуозност и длабока емоција приреди италијанското трио „Кимера“ кое настапи вчеравечер на 66.издание на фестивалот „Охридско лето“.
Публиката во црквата „Света Софија“ ги почувствува индивидуалните музички квалитети на пијанистката Марта Черета, на виолинистот Стефано Ракањи, како и на виолинистот Џорџо Лукини, но не помалку се чувствуваше и префинетоста во заедничкото музицирање на тројцата млади уметници за што беа наградени со бурни овации.
Виолинистот Стефано Ракањи рече дека за фестивалот конципирале посебна програма и оти акустиката во храмот, како што кажа, била топла, особено за пијаното.
-Репертоарот е посебно создаден за фестивалот „Охридско лето“. Ги имавме „Петте куси пиеси“ од Триото број 1 на чешкиот композитор на модерната класична музика Бохуслав Мартину. Тој пишувал долги сонати, но не и во овој случај. Пред тоа отсвиривме потрадиционална класична музика од Бетовен. Тој како млад композитор сакал да ги покаже своите способности пред публиката во Виена и затоа го создал ова Трио во Це-мол опус 1 број 3 кое е најромантично и истовремено бурно по карактер дело. Вечерта ја завршивме со славното дело на Дмитри Шостакович, Трио бр.2 напишано за време на Втората светска војна и посветено на неговиот драг пријател Иван Солертински, руски музиколог и полиглот, појасни Ракањи.
„Кимера“ е оформено под менторство на Патрик Јуед на Високата школа за уметности во Берн и неговите членови се здобиваат со магистериум по камерна музика во 2023 година. Во Италија студираат со квартетот „Кремона“ во Центарот за гудачки инструменти „Стауфер“, а постдипломските студии ги завршуваат на Конзерваториумот „А. Боито“ во Парма под стручно менторство на квартетот „Парма“.Инспирација и искуство црпат од соработките со Миша Мајски, Амирам Ганц од триото „Алтенберг“, од Антонио Менезес и од Екарт Рунге кој е член на квартетот „Артемис“.Триото е официјален член на Европската академија за камерна музика.

