Децата и адолесцентите секојдневно се изложени на содржини на YouTube, TikTok, Instagram и на други дигитални платформи кои промовираат екстремно слабеење, рестриктивни диети и нереални стандарди за изглед. Стручњаците предупредуваат дека ваквите видеа не се безопасна забава, туку можат да бидат поттикнувач за развој на сериозни нарушувања во исхраната.
Пораки како „Како да ослабеш за неколку дена?“, „Остани дисциплинирана“, „Не јади“ или „Внесувај што помалку калории“ им се достапни на децата со само неколку пребарувања. Дополнителен проблем е што алгоритмите, откако детето ќе погледне едно видео поврзано со слабеење, вежбање или диети, почнуваат да му препорачуваат сè повеќе слични содржини.
Хрватскиот психијатар Хрвоје Хандл, раководител на дневна болница за нарушувања во исхраната, предупредува дека младите често бараат совети како да постигнат одредена телесна форма, следат видеа со многу послаби девојки и момчиња и постепено можат да стигнат до страници што отворено промовираат анорексија, булимија, гладување и повраќање.
Истражување на Центарот за борба против дигиталната омраза покажало дека приближно секое десетто видео што алгоритмот им го препорачувал на корисниците содржело пораки кои промовираат екстремно слабеење или друг потенцијално штетен материјал.
Од „здрава исхрана“ до опсесивна контрола
Опасноста често започнува незабележливо. Детето може да покаже интерес за здрава исхрана или физичка активност, но постепено да почне опсесивно да брои калории, да дели храна на „дозволена“ и „забранета“, да прескокнува оброци или да чувствува вина откако ќе јаде.
Проблемот не е само во губењето телесна тежина. Нарушувањата во исхраната влијаат врз психичкото и физичкото здравје, врз односите со семејството и пријателите, врз успехот во училиштето и врз целокупното функционирање на детето.
Родители чии деца се соочуваат со вакви нарушувања сведочат дека болеста може целосно да го промени однесувањето и карактерот на детето. Тоа може да стане повлечено, раздразливо, опседнато со храна, изглед и вежбање и да одбива помош, бидејќи нарушувањето постепено станува дел од неговото чувство за идентитет.
Родителската контрола не е доволна без разговор
Иако дигиталните платформи тврдат дека отстрануваат содржини кои промовираат самоповредување, екстремни диети и нарушувања во исхраната, вакви видеа и натаму можат лесно да се пронајдат или да бидат препорачани од алгоритмите.
Стручњаците затоа советуваат разговорот за дигиталните ризици да започне уште кога детето ќе го добие првиот мобилен телефон. Родителите не треба само да проверуваат колку време детето поминува на интернет, туку и каква содржина гледа, кои профили ги следи и како се чувствува по гледањето на тие содржини.
Особено внимание е потребно доколку детето:
– нагло почне да избегнува одредена храна или цели оброци;
– постојано зборува за калории, тежина и слабеење;
– се мери повеќепати во текот на денот;
– вежба прекумерно и се вознемирува ако пропушти тренинг;
– избегнува да јаде со семејството;
– се повлекува од пријателите;
– покажува нагли промени во расположението;
– постојано се споредува со инфлуенсери и изразува незадоволство од сопственото тело.
Овие знаци не мора секогаш да значат дека постои нарушување во исхраната, но се доволна причина родителите да разговараат со детето и, доколку е потребно, да побараат помош од психолог, психијатар, педијатар или друг стручен здравствен работник.
„Алгоритмите не ја проценуваат возраста, емоционалната состојба или ранливоста на детето на ист начин како што тоа би го направил одговорен возрасен човек. Кога едно дете ќе покаже интерес за слабеење, диети или промена на изгледот, платформата може да го затвори во круг од сè поекстремни содржини. Затоа медиумската писменост мора да значи повеќе од препознавање лажни вести – таа треба да ги научи децата како алгоритмите влијаат врз нивната самодоверба, менталното здравје и односот кон сопственото тело“, велат од „Новинари за човекови права“.
Од организацијата додаваат дека училиштата треба да воведат редовни часови за дигитална и здравствена писменост, а родителите да добијат практични насоки како да препознаат промени во однесувањето кај децата.
„Забраната сама по себе не е решение. Детето мора да знае зошто одредена содржина е опасна, како заработуваат инфлуенсерите и платформите од неговото внимание и зошто фотографиите и видеата на интернет често не ја прикажуваат реалноста. Најсилната заштита е довербата – детето да може да каже што гледало и како тоа направило да се чувствува, без страв дека веднаш ќе биде казнето или осудено.“
Нарушувањата во исхраната не се фаза, каприц или обична желба за слабеење. Тие се сериозни здравствени состојби за кои е потребна стручна и долготрајна поддршка. Колку порано се препознаат ризичните промени, толку се поголеми можностите за успешно закрепнување.
А.Н.

