среда, декември 4, 2024
домаКолумниЗа лековитите својства на поезијата и на канализацијата

За лековитите својства на поезијата и на канализацијата

Лекот против депресија што го користам дваесетина години се уште делува. Не го препорачувам бидејќи може да даде несакани контраиндикации. Особено на оние со послаб карактер. Сеедно, можам да ви раскажам за дејството што го има врз мене, а да не наштетам никому.

Потиштен од стандардната дневнополитичка агенда во државава и докусурен од абдалмедиумите кои ме опкружуваат ја следев линијата на повеќето Македонци залегнати на мека софа во далечинскодржачка позиција. Дремката ми е единствена „здрава“ утеха. Одеднаш звукот на телефонот ме стресе бидејќи и тој не ѕвони често, во последно време. Ми бара пријателот од другата страна на линијата, неупотребен антибиотик да не сум имал случајно!? Ми објаснува за проблемот кој го имав пред само една седмица. Имено, во аптека понудив рецепт за лек препишан од доктор и ми велат нема. Немаше во ниту една аптека во населбата Аеродром додека не сфатив дека треба да кажам дека би платил приватно и веднаш се појави лекот. А смешката се случи по неколку дена, кога требаше да докупам бидејќи снемав за уште три дена. Влетав во аптека со кутијата од лекот и велам дека би го купил приватно, а аптекарот ме гледа зачудено и вели без рецепт не давам, ни приватно. Рецептот не го носев (подоцна разбрав дека и рецептот траел само неколку дена), ама затоа го понесов сиот бес од системот кој не ти кажува за нештата кои не ги правиш редовно: сексот, лажењето и купувањето на лекови. Според редот во аптеките што се забележува во првите денови од месецот, се заклучува дека сме болен народ. Болни ни се политичарите (ама за нив нема лек), болни ни се медиумите (Законот за медиуми е потежок за усвојување од буџетот на РМ.), болна ни е економијата, болно ни е здравството. Па како може да се здрави луѓето?! Затоа и не му замерив на пријателот што ми побара антибиотик на заем. Единствено неговата преокупација со поезија му ја „бутнав под нос“, а тој ми вели: ти ќе ме разбереш, ние модерните поети сме такви!?

Кои лекови најмногу се трошат не знам, некои велат антидепресивите, некои велат за смирување. Но кои и да се, според реакциите и бројот на конзументите, не делуваат прописно. Или станавме резистентни или не даваат посакувани дејства, а за промена на дијагнозата треба волшебниот „Мој термин“ да го менаџирате добро и да се надевате дека докторот што ве прегледал минатиот пат не се исселил од државава.  Мене најмногу ме смирува храната. Ја конзумирам кога сум нервозен, а уште повеќе кога сум среќен. Се надевам дека панкреасот ќе ми потрае за да не се фатам во магичниот круг на матичен – аптека – амбуланта. Затоа, меѓу два мрсни залци голтам салата, а меѓу два оброка кафе и бисквити. Од утро се витаминизирам со бурек со спанаќ (дека спанаќот е многу здрав), а вечерата ми е терапија – јадам додека не заспијам. По некоја чаша вино испивам за да збере повеќе од терапијата. За успехот ви гарантирам, а дејството е моментално.

Единствен проблем ми е поезијата особено ако доаѓа од државна институција за млади и спорт. Таа ме тера на предозираност. Па потоа јавното претпријатие „Водовод“ доаѓа долу пред зграда со специјално возило да се погрижи за застојот во канализацијата. Си велам ете ја институцијалната поврзаност: поезијата влијае за ефикасно работење на водоводот и канализацијата!  Па, добро бе мајку му, од каде тој порив да се изгомни се, да се огади та да не се оправи никогаш. Не е законот во прашање не е менталитетот, не се луѓето виновни. Мора да се лековите, оние кои се продаваат кај нас, оние во аптеките!!!

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ