Државниот балет на мраз од Санкт Петербург доаѓа повторно во Скопје, на 24 ноември, на сцената на Македонската Опера и Балет, овојпат со изведба на претставата „Оревокршачка“ од Петар И. Чајковски. Станува збор за балетски спектакл на мраз што Државниот балет од Санкт Петербург го изедува на речиси сите светски балетски и оперски сцени. Минатата година, Државниот балет на мраз гостуваше со изведба на познатото балетско ремек-дело “Лебедово Езеро” и побуди голем интерес кај македонската публика. Токму поради тоа наместо планираните две претстави во МОБ, се одржаа четири, кои беа наградени со громогласни аплаузи и овации.
Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од извонредниот кореограф Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент.
Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев. Сите изведби ги поставува кореографот Константин Расадин. Оваа балетска компанија првпат ги постави класичните балети во класични костими и сценографија на мраз инсталирана на сцена на театар. Во последните години овие продукции успешно се претставени на сцените на САД, Канада, Европа, Кина…
Овој настан е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Билетите за овој балетски спектакл на мраз – “Оревокршачка” на мраз, се во продажба од среда, 04 октомври, во продажната мрежа на “КупиКартиЗаСе” низ цела Македонија, Билетарата на МОБ, во “Пола Југотон”, “Југотон”, Цвеќара “Розе” – Веро 2, како и онлајн на www.kupikartizase.com.